153
20 shares, 153 points

Toyota штотуку стартуваше со продажба на новиот основен СУВ-модел на јапонскиот пазар. Развојот на Raize се одвиваше во Daihatsu, марка што е дел од групацијата. Претходникот на овој модел пред повеќе години се нудеше и на македонскиот пазар, Daihatsu Terios.

Toyota Raize можеби е малечок СУВ, но пак е голем автомобил – затоа што ги „открива“ марките во и блиску до концернот. Моделот е развиен од специјалистот за малечки автомобили Daihatsu, од него е изведена верзијата Raize под знакот на Toyota, а во иднина врз негова основа ќе се изработува и новиот СУВ со партнерот Suzuki, кој ќе се продава на индискиот пазар, како следен голем пазар од когошто се очекува продажен бум.

Долг точно четири метри, Raize е изработен врз платформата DNGA (од Daihatsu New Global Architecture, развивана заедно со Toyota, според принципите на TNGA) и нуди просторна кабина и голем багажник од 369 литри.

Турбо-трицилиндарец со 98 КС и 140 Nm работи во комбинација со менувач D-CVT како во Lexus

Во каросеријата е користен челик со висока цврстина, што придонесува за смалување на тежината. Еднолитарскиот мотор со турбонатполнење е нов и работи во комбинација со менувач D-CVT. Оваа варијанта на менувач со постојано променлив преносен однос првпат се користи во Toyota, откако имаше премиера во Lexus LC/LS 500h. Станува збор за менувач CVT што при повисоки брзини користи класична комбинација со запченици, заради постигнување уште пониска потрошувачка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во списокот на стандардна опрема следат и мноштво системи за асистенција, меѓу кои систем за активно следење лента или самостојно запирање при опасност од судир.

Посебност кај овој модел што засега се нуди само во Јапонија е популарната месечна „претплата“ за автомобил Kinto One, во којашто се вклучени практично сите трошоци околу експлоатацијата на возилото, освен горивото (осигурување, регистрација, одржување и помали поправки). Ратите за Toyota Raize стартуваат од 39.820 јени, што е околу 330 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Планираната месечна продажба на јапонскиот пазар изнесува 4.100 возила. Производството е во фабриката на Daihatsu во Шига, Јапонија.

Ценовникот за Јапонија почнува од 14.000 евра за изведба со преден погон, а завршува со топ моделот со погон на сите тркала и топ-опрема, со цена од близу 23.000 евра.

Засега отсуствуваат информации околу можниот старт на Toyota Raize на европскиот пазар.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

153
20 shares, 153 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *