Берлинската противпожарна служба ќе се бори против огновите со Toyota „на вода“. Поточно, станува збор за водород, но асоцијацијата е неизбежна. Четирите Toyota Mirai за пожарникарите во германскиот главен град се набавени преку фондовите на ЕУ.
За пожар прво се посегнува по вода. Исто реагираат и берлинските пожарникари, кои отсега имаат на располагање четири Toyota Mirai – што возат на вода, поточно на водород. Прочуениот лимузински модел на Јапонците користи водород како погонско гориво, претворајќи го во електрична енергија во модули што се нарекуваат горивни ќелии.
Лимузините во впечатливата црвена боја на противпожарните служби се опремени со сино ротациски светло и сирена. Тие ќе се користат редовно како дел од возниот парк на берлинските пожарникари, со карактеристичните налепници за службата. Под хаубата на Toyota Mirai работи електромотор со моќност од 113 kW (154 КС), за чијашто работа се трошат во просек 760 грами водород на сто километри (во град 0,69 kg/100 km, на отворено 0,80 kg/100 km). Емисијата на штетни материи: Нула.
Моќноста на водородниот погон ќе им овозможи на пожарникарите да пристигнат брзо на местото за интервенција, но во исто време да пристигнат и беспрекорно чисто. Од издувната цевка на водородниот автомобил на Toyota излегува само мала количина пареа.
Токму нултата емисија е причина што Програмата за одржлив развој на Берлин учествуваше во набавката на четирите Toyota Mirai. Оваа програма е кофинансирана од Европскиот Фонд за Регионален Развој и има за цел да ја намали емисијата на СО2 во стопанството и во јавната сфера.
Покрај тоа, Toyota веќе неколку години јка реализира својата „Toyota Environmental Challenge 2050“ со цел емисијата на СО2 да се смали значително во рамките на делувањето на целата корпорација.
Toyota Mirai располага со два резервоари со водород, кои се доволни за 500 километри пат. За разлика од обичниот, „батериски“ електричен погон, водородната Toyota го полни резервоарот со водород за три до пет минути. Недостатокот е еден: Недоволно развиена мрежа од станици за точење водород. Но, Берлин напредува постепено во тој поглед и веќе располага со пет станици. Освен пожарникарите, полицијата во градот од неодамна исто така има две водородни Mirai во возниот парк.