за

Шоферска служба минала 5.000.000 km со водородни Toyota Mirai

Шоферска служба минала 5.000.000 km со водородни Toyota Mirai
Шоферска служба минала 5.000.000 km со водородни Toyota Mirai

Шест и пол пати до Месечината и назад. Толку минала служба во Германија, којашто организира заеднички превоз за корисници што се грижат за животната средина и соодветно има возила со погон на водород Toyota Mirai во својот возен парк.

Службата за заеднички превоз CleverShuttle во Германија, со својот возен парк од автомобили со водороден погон Toyota Mirai, за две и пол години минала повеќе од пет милиони километри, без притоа да испушти грам СО2 во атмосферата. Тоа е исто растојание, како шест и пол пати да се патува до Месечината и назад.

Соработката започна во септември 2017 година, кога на компанијата ѝ беа испорачани 20 возила Toyota Mirai во Хамбург. Со текот на времето, нови возила пристигаа и во уште неколку германски градови, за возниот парк моментно да достигне 45 примероци од водородниот автомобил. Во светот не постои возен парк што минал повеќе километри со водородната Toyota Mirai.

Компанијата CleverShuttle е водечка во ова подрачје во Германија, нудејќи шоферски превоз со еколошки возила по достапна цена. Акции во компанијата имаат Германската Железница, како и јапонската Mitsui. Услугата ја користат лица што се љубители на техниката и преку превозот со возила што не испуштаат штетни материи ја покажуваат својата свест кон животната средина.

Возилата се повикуваат преку апликација. Со превоз на повеќе патници истовремено, се овозможува пониска цена на услугата. Таа е за 40% пониска во споредба со обичното такси.

Пет милиони километри се вредност што производителите порано практикуваа да ја соопштат за вкупната километража мината при развојот на некој нов модел. Во меѓувреме, светот „научи“ да пресмета дека целата таа релација била мината со повеќе тест-прототипи, не со едно возило. Тоа, секако, не го смалува достигнувањето на Mirai. Се докажува дека техниката со горивни ќелии и со водород како погонско гориво функционира беспрекорно. Неколку возила имаат поминато повеќе од 200.000 километри, без каков било проблем.

Toyota Mirai беше претставена во 2014 година. Лимузината обично ја користат компании и јавни служби. Главната разлика со „батериските“ електрични возила е во тоа што Mirai нема потреба од батерија од којашто ќе се напојува електромоторот со 113 kW (154 КС), туку ја произведува електричната енергија преку хемиска реакција на водородните атоми во горивната ќелија, конкретно во таканаречената мембрана за размена на протони.

Неколку килограми водород се доволни за досег ист како кај возилата со обичен погон (500 km кај Mirai), а полнењето конкретно трае три минути. Постојат „само“ два проблеми: Ширум светот има само неколку стотини станици кои точат водород и самото добивање на водородот бара многу енергија. Првото се надминува преку масивни вложувања, а второто со користење на сончевата енергија.

Toyota веќе ја најави новата генерација на Mirai

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ја пушти новата монтажна линија за батерии во Гент

Volvo ја пушти новата монтажна линија за батерии во Гент

smart fortwo vozenje

Италијанскиот пазар на електрични автомобили расте десеткратно