157
20 shares, 157 points

Toyota пристигна на салонот за електроника во Лас Вегас со архитектонски планови за градот на иднината. Тој ќе се гради во подножјето на планината Фуџи во Јапонија, главниот нагласок е на снабдувањето со енергија. Кусо: Горивни ќелии и погон на водород.

Не е првпат Toyota да гради град. Јапонската марка, впрочем, „живее“ во Тојота Сити. Но, дојде време и Тојота Сити да стане недоволно авангарден. Новиот град на јапонскиот примус го носи името Воувен Сити (Woven City, Плетенград) и претставува целосно поврзан екосистем, за чиешто напојување со енергија служат горивни ќелии кои користат водород.

Воувен Сити ќе има постојани жители и научници, чијашто работа ќе биде да се испробуваат и развиваат технологии од типот на автономни возила, роботика, паметни домови и вештачка интелигенција во реални услови, во вистински град.

Првиот човек на авто-корпорацијата Toyota, Акио Тојода, го има и првиот збор: „Изградбата на целосен град почнувајќи од темел, дури и во овој мал обем, претставува единствена можност за развој на идни технологии, вклучувајќи дигитален оперативен систем за градската инфраструктура. Со луѓе, згради и возила, сите поврзани и во меѓусебна комуникација преку податоци и сензори, ќе бидеме во можност да тестираме поврзана АИ-технологија, како во виртуелна, така и во физичка смисла, за потенцијалот да го искористиме максимално.“

Toyota ЦЕС 2018 Лас Вегас
Toyota го прикажа автономниот и електричен e-Palette на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас во 2018 година, Овој техно-минибус ќе биде дел од „Плетенград“, исто како и од Олимпијадата што летово се одржува во Токио

Toyota ги повикува заинтересираните комерцијални и академски партнери и ги поканува научниците и истражувачите од цел свет, да дојдат и да ја продолжат работата на сопствените проекти во овој своевиден инкубатор во реалниот свет.

За архитект е избран данскиот специјалист Бјарке Ингелс, кој меѓу другото има дизајнирано најпрестижни објекти во светски рамки, од 2 Светски Трговски Центар во Њујорк и Куќата на Лего во Данска, до седиштата на Гугл во Маунтин Вју и во Лондон.

Три типови на улици, секоја со посебна мрежа: За коли, за е-скутери и за пешаци

ГУП-от на градот предвидува три типови на улици: Едниот само за побрзи возила, вториот за разни возила со пониска брзина и пешаци, додека третиот ќе биде наменет само за пешаци и ќе биде изведен како парк-шеталиште. Овие три типови на улици ќе се испреплетуваат меѓусебно и ќе создаваат органска мрежа.

Материјалите ќе бидат само од обновливи извори, односно главно ќе се користи дрво, за билансот на СО2 да биде најнизок што може. Притоа ќе се користат традиционални техники на спојување од јапонското градежништво. Градежните елементи ќе ги изработуваат роботи. Објектите ќе се покријат со фотоволтаички панели, кои дополнително ќе произведуваат струја, покрај снабдувањето на градот со струја од горивни ќелии. Секако, градот ќе ужива во изобилство од зеленило и водени аранжмани.

Тоа што Toyota ќе почне да го гради в година во подножјето на Фуџи, досега беше само сценарио од филмовите од научната фантастика. Неверојатно е што сѐ ќе се случува во градот, од производство на струја од водород, до три видови улици, посебно за коли, за е-скутери, за пешаци. А зошто да не, влеговме во 2020, во новата деценија

Posted by Automedia.mk on Monday, January 6, 2020

Домовите ќе бидат опремени со роботи кои ќе помагаат при секојдневните домашни обврски. Вештачка интелигенција ќе го проверува здравјето на станарите и ќе се грижи за основните потреби, како и за подигнување на квалитетот на живот.

На главните сообраќајници ќе бидат дозволени само целосно автономни возила со нулта емисија на штетни материи. Toyota во неколку пригоди го најави e-Palette, автономно возило коешто ќе се користи за јавен превоз и достава на стока, со можност за изнајмување по потреба.

Плетенград е планирано да се насели со семејства на вработени во корпорацијата Toyota, со пензионери, научници и индустриски партнери. За почеток, градот ќе брои 2.000 жители, и тој број ќе расте во чекор со развојот на градот.

Изградбата се планира да стартува во почетокот на 2021 година.

woven-city.global


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

157
20 shares, 157 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *