164
85 shares, 164 points

Новата генерација на Toyota Corolla прикажува многу поголема гордост на својата титула на најпродавана моделска серија во историјата. Изборот од моделски изведби, погонски варијанти и нивоа на опрема е разновиден и обемен, лесно е човек да ја изгуби прегледноста. Аутомедиа го состави овој кус водич во когошто се опфатени сите разлики меѓу моделските изведби, како и основната логика при изборот.

Понудата од каросериски изведби и натаму се состои од комбилимузина со пет врати, комби со познатото име Touring Sports и класична лимузина. Новата платформа GA-C им дозволи повеќе слобода и на дизајнерите, така што одделните каросериски изведби меѓусебно се разликуваат повеќе отколку порано. Верзијата со 5 врати става повеќе нагласок на динамиката и на стилот, комбито спојува елеганција и практичност во изгледот, додека лимузината стандардно оддава отменост.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Должината на комбилимузината порасна за 4 сантиметри во споредба со претходничката. Најголемиот дел од овој пораст доаѓа од зголеменото меѓуоскино растојание, со што и патниците на задната клупа добиваат повеќе простор за нозе. Тоа важи уште повеќе за Touring Sports и за лимузината, кои имаат за 6 сантиметри подолго меѓуоскино растојание во споредба со „кратката“ Corolla и уште поголема комоција за долгоноги патници назад.

Комбито Touring Sports и лимузината се долги преку 4,6 метри

Со вкупно 4.653 милиметри или 283 mm повеќе од верзијата со 5 врати, комбито веќе сериозно излегува од рамките на компакт класата. Лимузината, исто така, не заостанува премногу, со своите 4.630 mm. За комбито, Toyota наведува дека растојанието од 928 mm меѓу предните седишта и задната клупа е рекорд во класата. Споредено со претходниот T. Sports, ова растојание порасна за 48 mm, а целото меѓусокино растојание за 100 милиметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Задните врати кај Touring Sports се подолги во споредба со изведбата со пет врати и горниот раб продолжува речиси рамно наназад, што овозможува пристапот назад да биде лесен и комотен како во лимузина од средна класа. Стандардната должина на кабината, а тоа е растојанието од педалот за гас до долниот раб на потпирачот за грб на задната клупа, кај верзијата со 5 врати изнесува 1,795 метар, додека комбито во оваа мерка додава дури 10 сантиметри и доаѓа на 1,895 метар.

Комби изведбата ужива поголема популарност во западноевропските земји, кај нас традиционално се дава предност на лимузината

Најголемата разлика секако е во багажникот. Покрај тоа што т.н. товарен раб кај комбито е изедначен со подот, вкупната длабочина на товарниот простор е поголема за преку 20 сантиметри. Можноста велосипед или друга спортска опрема да се превезува во самиот автомобил, место на покрив или каков било друг начин, говори и повеќе од доволно, зошто комби-моделите традиционално наидуваат на голема популарност во западноевропските земји.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Зафатнината стандардно изнесува 598 литри, што е 237 литри повеќе отколку во класичната Corolla. Дополнителната должина на каросеријата на Touring Sports не додава премногу килограми. Комбито е потешко за најмногу педесетина килограми од комбилимузинската изведба.

Единствено лимузината го задржа името Corolla, додека останатите изведби беа преименувани во Auris

Третата каросериска изведба е неразделна од имиџот на Corolla, односно од самото име Corolla. За присеќање, единствено лимузината го задржа традиционалното име, додека комбилимузината и комбито беа преименувани во Auris. Многу конкурентски марки се откажаа од класичната триделна форма или ја префрлија основата во класа подолу, како Peugeot 301 или Citroen C-Elysee, додека Toyota остана доследна на традицијата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Меѓуоскиното растојание и должината на лимузината се исти како кај Touring Sports, но затоа постојат разлики во дизајнот. Предните светла имаат сосем различна форма, а соодветно на тоа е сменет и изгледот на браникот. Назад доминира дебела хромирана лајсна меѓу светлата, кои исто така имаат посебен дизајн.

На предните седишта и на задната клупа во лимузината се седи дваесетина милиметри пониско од порано

Посуштинска е разликата во пропорциите на багажникот во споредба со претходната генерација. Бидејќи платформата TNGA, односно верзијата GA-C кај Corolla, во целина е пониска, соодветно на тоа и дното на багажникот е пониско за 35 mm. Користа е во тоа што и задниот раб на багажникот сега е 20 mm пониско од порано. На тој начин се постигнува подобра прегледност. На крајот, целата внатрешна висина на багажникот е зголемена.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ексклузивно за лимузината стои на располагање содалит-сината металик боја. Како класична доблест на оваа каросериска форма останува багажникот, сега со зафатнина од 471 литри.

Мотор 1.2 Turbo само за комбилимузината, бензински 1,6-литарец кај лимузината, но затоа два хибриди, со 122 и 180 КС

Во понудата од мотори постојат специфики за секоја каросериска изведба. Во принцип, гамата се состои од 1.2 Turbo со 116 КС и од две хибридни изведби, едната со бензинец од 1,8 литар и системски 122 КС, другата со дволитарец и системски 180 КС. Toyota Corolla е прв модел на јапонската куќа, кој се нуди во две хибридни изведби.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Техничарите на јапонската куќа наведуваат дека не станува збор само за разлика во степенот на моќност меѓу 1.8 и 2.0 Hybrid, туку и за сосем различен карактер. Кај посилната верзија е ставено повеќе нагласок на спортскиот карактер на моторот, но и на останатите компоненти во погонската спрега.

Хибридниот погон првпат е достапен во лимузинската изведба на Toyota Corolla

Сите три „мотори“ се достапни кај верзијата со пет врати. Комбито Touring Sports е достапно исклучиво со 1.8 или 2.0 Hybrid, додека единствено кај лимузината може да се избере изведба со 1,6-литарски атмосферски бензинец со 130 КС и варијабилна работа на брегастите вратила Valvematic. Хибридниот погон првпат е достапен во лимузината, кадешто се нуди варијантата со 1,8-литарски бензинец и 122 КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Кај 1.2 Turbo и 1.6 Valvematic постои опција за безстепен менувач, место шестстепен мануелен менувач, но само во комбинација со високото ниво на опрема Executive. Препуштањето автоматиката да го регулира возењето во тој случај чини разумни 1.500 евра, не сметајќи ја разликата во цената меѓу основното ниво и Executive. Менувачот CVT останува стандарден дел од погонската спрега кај хибридите.

Најдостапната изведба со хибриден погон е достапна веќе за 18.990 евра

Изборот од нивоа на опрема генерално нуди повеќе можности отколку порано. Тоа што најмногу радува е достапноста на моделите со хибриден погон во комбинација со сите нивоа на опрема, вклучувајќи го и основното ниво Comfort. Кај верзијата 1.8 Hybrid со пет врати, на пример, ценовниот распон се движи од 18.990 евра за нивото Comfort, до 23.990 евра за Luxury.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи посилната изведба 2.0 Hybrid повеќе се позиционира како престижна варијанта, таа е достапна единствено во неколкуте меѓуваријанти на највисокото ниво Luxury, но и во тој случај не се пречекорува звучната граница од 30.000 евра. Најскапата моделска изведба е Corolla 2.0 Hybrid Luxury со панорамски покрив и специјален сив ентериер, за 29.790 евра.

Комбито и лимузината чинат 1.000 евра повеќе од комбилимузинската изведба

Посложено е да се изведе разликата во цената меѓу одделните каросериски изведби, поради тоа што секоја од нив има свои специфичности во погонската спрега или опремата, но генерално: Corolla 1.8 Hybrid во изведба со пет врати и ниво Executive чини 21.490 евра, за комбито TS со истиот погон и опрема се потребни 1.000 евра повеќе, исто колку и за лимузинската Corolla.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Голема предност во сериската опременост се неколкуте системи за асистенција, кои ги подобруваат и безбедноста и возачката комоција: Самостојно запирање при опасност од судир, вклучувајќи и препознавање пешаци и велосипедисти на патот, потоа адаптивен темпомат, следење лента со автоматски зафат во управувањето, камера за знаци и автоматско долго светло. Само овие ставки би чинеле околу 1.500 евра, но нивното присуство вооошпто не се огледува во крајната цена на моделот.

Ставките во опремата што го привлекуваат вниманието веќе одамна не се клима уред и магленки

Од „класиката“, уште во нивото Comfort се вградуваат електрично ракување со паркирната сопирачка, целосно диодни предни светла, потпирач за раце напред, клима уред со штедлив режим и радио со блутут и УСБ. Во случај кога се избира 1.8 Hybrid со основното ниво, дополнително следат двозонска автоматска клима, копче за старт и систем за одржување на возилото во лента, со активна корекција на правец.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Ова ниво е достапно само со 1.2 Turbo и 1.8 Hybrid со пет врати, како и со 1.8 Hybrid во комби изведба. Меѓуниво е Business, кадешто за дополнителни 1.000 евра од основното ниво следуваат уште кожа на волан, магленки, дисплеј од 8 инчи на допир и камера за рикверц.

Традиционалната каросериска изведба на Toyota Corolla има неколку разлики во опременоста, земајќи ги предвид барањата на купувачите во регионот

Лимузинската Corolla стартува од ова ниво, за 16.990 евра со 1,6-литарскиот бензинец со 130 КС. Претходно наведените ставки кај неа следуваат дури од нивото Executive, но затоа „лимузинскиот“ Business содржи и паркинг сензори напред и назад, како и автоматски двозонски клима уред. За комплетно диодна техника во предните светла треба да се посегне по Executive+. Тоа укажува дека нивото на опременост е скроено внимателно, земајќи ја предвид популарноста на лимузинската Corolla на регионалниот пазар, каде што се дава приоритет на различни ставки отколку на пазарите како Германија или Велика Британија.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Нивото Executive е највисокото ниво што е достапно со 1.2 Turbo, со цена од 18.490 евра во изведбата со 5 врати. Меѓу поважните ставки што следуваат дополнително над нивото Business се двозонска автоматска клима, грејачи во предните седишта, алу-бандажи од 16 инчи, кожа на рачката на менувачот и неколку стилски додатоци во кабината. Хибридната варијанта со 1,8-литарски бензинец исто така е достапна како Executive, за 21.490 евра со комбилимузинска каросерија.

Варијантата со двобојна каросерија го крунисува стилскиот настап на комбилимузината

Ексклузивно за 1.8 Hybrid со 5 врати се нуди меѓунивото Executive Bi-Tone. Со доплатата од 700 евра наспроти „обичното“ Executive, следуваат црн покрив, посебен дизајн на бандажи од 17 инчи и дополнително затемнети задни стакла, амбиентално светло во кабината и би-лед предни светла.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Врвно ниво е Luxury, само за варијантите со хибриден погон и само за комбилимузината и комбито. Тука се опфатени ставки како греење на воланот и ветробранот, автоматско собирање на ретровизорите, пристап без клуч, сензор за дожд, спортски предни седишта или автоматско паркирање. Кај 1.8 Hybrid во верзија со 5 врати, разликата во споредба со нивото Executive изнесува 2.500 евра.

Како најпривилегирана моделска изведба во гамата на новата Toyota Corolla, „дволитарскиот хибрид“ може да се добие и во комбинација со озвучување JBL, посебно изведен ентериер во сива боја или панорамски покрив.

Колку што ќе се натпреваруваат со конкурентите, толку трите сосем различни каросериски изведби ќе се натпреваруваат и меѓусебно

Трите каросериски изведби се соочуваат со сопствените предизвици. Многу работи се сменети со пристигањето на новата генерација на Toyota Corolla, почнувајќи од тоа што хибридот со растечка популарност на нашиот пазар за првпат е достапен и во традиционалната лимузинска изведба. Од друга страна, посилната хибридна изведба има цел да ги привлече и возачите кои обично бараат поголема возна динамика, но досега немале можност да ја добијат истата во комбинација со штедливост и погодност за животната средина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Комбито, пак, отсекогаш претставувало рационален избор за компаниите со возни паркови. Во зародиш е трендот кога купувачите ги препознаваат и предностите на комбито, наспроти СУВ-моделите. Голема е неизвесноста околу тоа што ќе произлезе од оваа трка. Сцената со нетрпение ги очекува првите бројки од продажбата, особено во поглед на соодносот што го постигнуваат одделните моделски изведби на Corolla.

Тест: Toyota Corolla 1.2 Turbo Executive

На салонот во Женева имаа деби уште две меѓуваријанти, Corolla GR Sport со уште поубедлив спортски нагласок, како и кросовер изведба Trek:
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште неколку детали од новата Toyota Corolla:

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

164
85 shares, 164 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *