за

Toyota Corolla може да биде и спортска лимузина

Toyota Corolla GR Sport Sedan
Toyota Corolla GR Sport Sedan

Откако комбилимузината и комбито Touring Sports ја добија новата изведба GR Sport, следи и третиот член во гамата на Corolla. Лимузината со спортски додатоци на каросеријата и со спортски стил во внатрешноста пристига наскоро во понудата на Toyota.

Лимузинската изведба на Toyota Corolla се појавува во сосем ново светло, откако и таа е достапна во новата моделска изведба GR Sport. Претходно, изведбата со иницијалите на спортското одделение на Toyota ја добија комбилимузината и комбитo Touring Sports. За сите три каросериски изведби се заеднички стилските елементи на каросеријата и во внатрешноста, како и дизајнот на бандажите и облогите на седиштата.

Инспирацијата за моделската изведба GR Sport во гамата на Corolla пристига од строго спортските модели што ги разви сопственото одделение на Toyota за мотоспорт Gazoo Racing – од GR Supra и од GR Yaris кој наскоро ќе почне да се испорачува на неколку пазари. Моделите GR Sport се одликуваат со помладешка и подинамична појава, а тој спој изгледа мошне привлечно во комбинација со елегантната и класична триделна каросерија на Corolla Sedan.

Јапонскиот производител најавува дека изведбата GR Sport во гамата на Corolla Sedan ќе биде прв модел со оваа ознака што ќе се понуди на источноевропскиот пазар

Toyota очекува дека свежиот изглед ќе го направи моделот попривлечен за младите возачки и возачи. Таму каде што класичните изведби имаат хром, GR Sport има детали во сјајна црна боја. Тоа важи за предмата маска, за куќиштата на ретровизорите, за средишните столбови и за праговите. Со тоа се нагласува ниското лежење на лимузината на пат. Гледано од напред, лимузинската Corolla добива визуелно во ширина, со тенките црни лакови што се наоѓаат на краевите на браникот, со мини-магленките долу.

Црната сјајна боја продолжува и на бандажите, со контраст од светлиот обрач што е обработен на фреза. Уште еден заштитен знак на GR Sport е црвениот круг околу логото во бандажите. Toyota нуди две изведби на бандажите со 10 краци: Стандардно 17 инчи, опционално 18 инчи.

Со GR Sport, лимузинската изведба на Toyota Corolla првпат ќе биде достапна во изведба со двобојна каросерија

Со вкус е додаден и малиот спојлер на поклопецот на багажникот. Истото важи и за црниот украс над регистерската ознака, секако со задолжителниот натпис GR Sport на опашот. Нова боја во палетата е динамично сива, една од осумте што можат да ги избираат идните возачки и возачи на Corolla GR Sport Sedan. Сите бои може да се комбинираат со црн покрив.

За спортското чувство во кабината се грижат црниот таван, перфорираната мека кожа на воланот и четканите алуминиумски плочки на педалите со лого GR. Спортските предни седишта обезбедуваат одлична странична поддршка, со широки страници и со интегриран потпирач за глава. Седиштата се обложени со црно платно и квалитетна вештачка кожа, со контрастен дезен во бела и црвена боја – во боите на Toyota Gazoo Racing. Истата шема е применета и за задната клупа.

Спортската верзија на лимузината ќе биде достапна со 1,8-литарскиот хибрид или со 1,6-литарскиот бензинец. Верзијата GR Sport со дволитарскиот хибрид со 180 КС останува резервирана за Tounring Sports и за класичната изведба со шет врати. Производството ќе стартува во ноември, испораките ќе започнат во јануари в година.

>>> Три милиони хибриди на Toyota возат низ Европа

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
mercedes amg gt black series

Mercedes-AMG стартува со испорака на Black Series, цена 450.000 евра

Мотоциклист во Виена направил 42 прекршоци за осум минути

Мотоциклист во Виена направил 42 прекршоци за осум минути