за

Toyota Corolla со промотивна цена од 14.590 евра

Автомобилот што е синоним за издржлива и достапна лимузина стартуваше со продажба. Моделската понуда на Corolla почнува со бензинецот со 99 КС и промотивен попуст од 1.000 евра.

Бројките што ги постигнува Corolla се импресивни. Четириесет милиони возила произведени под оваа моделска значка од 1966 година се дваесет пати повеќе од македонската или половина од германската популација. Во секоја година од пазарното присуство на Corolla, низ светот се продавале близу 900.000 возила годишно, односно околу 2.500 возила дневно и две возила во секоја минута – просечно, во овој период од речиси половина век.

„Corolla им носи среќа и добросостојба на луѓето во целиот свет“

Ништо помалку се импресивни податоците дека Corolla вози во единаесеттата генерација, се произведува во 16 фабрики и се продава во преку 150 земји. Според Шинчи Јасуи, главниот инженер на актуелниот модел, успехот се должи на фактот што секоја следна генерација се развивала според принципот на Тацуо Хасегава, главниот инженер на првата генерација, да се направи „Corolla што им носи среќа и добросостојба на луѓето во целиот свет.“

Амбалажата го продава производот – уште подобро

Компактната лимузина на Toyota има многу доблести, но едно недостигаше. Повпечатлив изглед. Отсега Corolla ја добива и оваа визуелна вредност, со која што уште поуверливо се посочува на напредокот во клучните подрачја на автомобилот: Кабината е попросторна и покомфорна, практичноста е подигната, исто како и безбедноста, возните својства и штедливоста.

Со 4,62 метри Corola е долга колку лимузина од средна класа

2013_Corolla_Location_09__mid

Со 4,62 метри, новата Corolla е за осум сантиметри подолга од претходната, поширока е за половина палец и пониска за 5 милиметри. Впечатливата просторност во кабината е постигната со зголемување на меѓуоскиното растојание, на импресивни 2,7 метар, од каде што е разбирливо дека и просторот за нозе на задната клупа ќе има рекордна вредност од 703 милиметри.

Со скусувањето на задниот превис за 25 милиметри се постигна поголема хармонија во изгледот, но без жртвување на просторот во багажникот. Тој исто така нуди повеќе во новата генерација, со 452 литри. Со колкава перфекција пристапуваат Јапонците во развојот на Corolla сведочи фактот што зјајот меѓу предните крила и вратите е намален од 4,0 на 3,9 милиметри. Тоа што за некого е толеранција на изработка, за Јапонците е напредок. Во исто време и аеродинамиката на каросеријата е подобрена, меѓу другото и со примена на искуствата од формула 1, па коефициентот на отпор на воздух е намален од 0,29 на 0,27.

Најштедливиот мотор троши само 4,1 литри дизел на сто километри

Во комбинација со олеснувањето на компонентите во сите подрачја на возилото, вклучувајќи го и самиот мотор, подобрената аеродинамика помага моторите да постигнат уште поголема штедливост. Понудата на погонски единици на нашиот пазар вклучува два бензинци и еден дизел, во дијапазон на моќност од 90 до 132 КС. Основниот бензинец е 1.33 Dual VVT-i, со 99 КС и просечна потрошувачка од 5,6 литри, додека дизелот вози со 90 КС и со просек од 4,1 литри на сто километри.

Моделот со бензинец со 99 КС и почетно ниво на опрема чини 14.590 евра

2013_Corolla_Detail_13__mid

Почетното ниво на опрема и натаму е Terra, но значително е подобрено во споредба со претходникот и вклучува контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина, седум воздушни перници, диодни дневни светла, клима уред, радио со команди на волан и пакет комфорна електрика за бравите, прозорците и ретровизорите. Второто ниво е Terra, со цена од 1.500 евра над почетното, дополнително со магленки, автоматика за климата, мултимедиски систем со монитор на допир, блутут, кожа на воланот и на рачката на менувачот и камера за рикверц. Највисокото ниво Sol е достапно само за 1,6-литарецот и за дизелот, со паркинг сензори напред и назад, пристап и старт без клуч, автоматика на бришачи и светла, самостојно паркирање, темпомат и алу-бандажи од 16 инчи.

[box type=”download” align=”alignleft” ]Ценовник за Toyota Corolla
toyota-corolla-oficijalen-cenovnik-2013[/box]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki стартуваше со производство на SX4

Најскапото моделче на автомобил чини 5,5 милиони евра