за

Германија доби храм за обожувателите на Toyota

toyota collection germany

Еден од првите дилери на Toyota во Германија уште пред четири децении започнал да ја создава збирката којашто со текот на времето ќе прерасне во најголема колекција надвор од Јапонија. Меѓу највредните примероци се Toyota 2000 GT и Prius од првата генерација.

Тениските фанови меѓу вработените во централата на Toyota во Германија ќе мора да бараат нови терени за играње на својот омилен спорт. Местото кадешто жолтите топки се префрлуваа преку мрежата, стана простор наменет за историјата на јапонската марка. „Колекцијата на Toyota“ е составена од 67 историски модели, од коишто најстариот е произведен во 1971 година.

Toyota Corolla Coupe од втората генерација

toyota corolla coupe

Оваа вредна збирка е дело на еден од првите германски дилери, кој уште кон крајот на 1979-те започнал да ја создава колекцијата од модели од тогаш сé уште новата марка на германскиот пазар. Петер Пихерт од градот Пасау е меѓу првите 28 дилери на Toyota во Германија. Тој започнал со продажба на моделите од непознатата марка од далечната Јапонија на својата бензинска станица.

Колекцијата на Пихерт се пресели во Келн, во седиштето на Toyota во Германија

Првото возило што го продал Пихерт била Corolla, по цена од 7.650 марки во 1971 година. Неколку децении подоцна, тој го пронашол возилото во запуштена состојба во една шупа, го купил и го вратил во првобитната состојба. Тоа е почетокот на подвигот кој ќе доведе до отворање на првиот приватен музеј во 1994 година. Оваа колекција од модели денес се вбројува меѓу најголемите надвор од Јапонија. Петер Пихерт почина лани и неговото семејство реши да ја подари комплетната збирка на Toyota.

Toyota 2000 GT

toyota 2000 gt

Покрај Corolla, којашто се среќава во најразлични изведби во колекцијата, Пихерт обезбедил и раритети, како што е спортскиот модел 2000 GT. Овој автомобил е овековечен и во филмскиот серијал за Џејмс Бонд (You only live twice) и изработен е во само 351 примерок. Тајниот агент се појавува уште еднаш во колекцијата во Келн. Од приватниот возен парк на актерот Роџер Мур потекнува Land Cruiser HJ 61, кој го користел теренскиот автомобил да се довезе до својот имот во Швајцарија. Петер Пихерт не ја составувал збирката туку така: Во колекцијата е Toyota Celica од специјалната серија во 2000 примероци во чест на рели-триумфот на Карлос Саинц.

Toyota Tercel

toyota tercel

Два примерока од масивно хромираниот модел Crown, со шестцилиндарски мотор, сведочат дека Toyota го негувала луксузот уште долго пред лансирањето на Lexus. Во некогашната тениска хала се наоѓаат и неколку примероци од Celica, коишто го прикажуваат развојот на моделот од робусно и тешко купе до светски шампион во рели.

Prius од првата генерација сведочи за пионерските чекори на Toyota во хибридниот погон

За моделската историја на Toyota сведочат и малку познатите модели, како Tercel, но и апсолутните реткости, како првата генерација на хибрдниот Prius. Пихерт обезбедил за својата колекција еден од примероците што се користеле како демо-возила при промоцијата на моделот во Европа.

Toyota 1000

toyota 1000

Познавачите на марката ќе се израдуваат и на одамна позаборавените модели, како Toyota 1000, којшто на времето се издвојувал со сериски вграденото радио. Cressida Coupe се помни како прв модел со покажувач на потрошувачката на гориво и автомобил што го одбележува почетокот на активностите на Toyota во мотоспортот.

Преселба на колекцијата на Пихерт во седиштето на Toyota во Келн

За разлика од музеите на останатите марки, бесценетата колекција во Келн е сместена во обична хала и може да се посети само со претходна најава. Со официјализирањето на збирката, Toyota стартува со соодветни понуди за колекционерите на јанг- и олдтајмери. На располагање стојат професионални проценители и сервисери, како и оригинални резервни делови за возилата од историјата на јапонската марка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зборувањето на мобилен најмногу ги загрижува возачите

Зборувањето на мобилен најмногу ги загрижува возачите

renault samsung sm3 ze new

Renault Samsung има нов електричен модел за Јужна Кореја