за

И Toyota има свој „ролс-ројс“ во Јапонија

Toyota Century III

Toyota ќе ја претстави третата генерација на својот топ-топ модел на салонот во Токио. Toyota Century има сличности со Rolls-Royce и тоа не се однесува само на изгледот.

Моделското име на овој автомобил веројатно се однесува на неговата издржливост. Сто години, најмалку. Toyota Century е најдоброто што јапонската марка може да го постигне во изработката, конструкцијата, комфорот, техниката и опремата. Што се однесува до името, тоа беше избрано за првата генерација на моделот од 1967 година во чест на стотиот роденден на Сакичи Тојода, основачот на компанијата. На претстојниот салон во Токио следува премиера на третата генерација на најголемата гордост на Toyota. За остатокот од светот, Century е недостапен. Таму владее Lexus.

Toyota Century III 01

V8 и електромотор во замена за дванаесет цилиндри

Погонот е хибриден и преземен е директно од Lexus LS 600h, што значи дека комбинира 5,0-литарски V8 и електромотори, произведувајќи системска моќност од 439 КС. Во споредба со претходникот, меѓуоскиното растојание е зголемено на над три метри, праговите се пониски заради полесен пристап на задната клупа, вратите исто така се отвораат под поголем агол.

Toyota Century III 04

Стилот на каросеријата што Toyota го опишува како гламурозен и шик, со традиционални јапонски детали, во најкултурен манир може да се протолкува како верна копија на Rolls-Royce Phantom. Со грижа кон животната средина и согласно општиот тренд во браншата, седиштата се обложени со скапа волна, во замена за кожа. Сивата боја на седиштата е … практична. Во комбинација со избраната текстура на дрвените плочи, кабината оддава спокојство на библиотека во 1970-те години. Пријатен детал се и белите завеси.

Toyota Century III 06

На сета оваа класична убавина се надоврзува современа техника. Седиштата, климатизацијата и музиката се контролираат преку дисплеј во средишниот потпирач за рака. За гледање филмови и комуникација со светот служат големи дисплеи пред задната клупа, кадешто се достапни сите комоции, почнувајќи од електрично местење до масажа.

Јапонскиот император Акихито се вози во специјална верзија на Toyota Century

Кога Toyota наведува дека суспензијата е дотерана специјално, тоа може да значи само дека возењето е како лебдење во облаци. Колку за присеќање, долу работи техника од актуелниот Lexus LS 600h. Тоа што 5,4-метарскиот крстосувач се разликува драстично од европската претстава за луксузна лимузина можеби и не е толку лошо. Всушност, апсолутно не е лошо. Императорот Акихито користи специјална верзија на Century, базирана врз модел од претходната генерација и вредна половина милион долари.

Toyota Century III 03

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

купување автомобил интернет

Дури 44% од купувачите на автомобил слушаат совет од пријател

Toshiba SCiB батерија

Нова батерија на Toshiba ветува 300 километри за пет минути