за

Три лимузини, три различни светови: Toyota Camry, Kia Stinger, Peugeot 508

toyota camry kia stinger peugeot 508 n
toyota camry kia stinger peugeot 508 n

Едниот е хибрид и долг е како океански крстосувач, кај другиот се очекува да се види лого на италијанска мануфактура, третиот се чини познат од некаде. Тоа се трите лимузини во средната класа, Toyota Camry, Kia Stinger и Peugeot 508, кои мора да се разликуваат за да привлечат внимание во сегментот што обично им припаѓа на германските премиум модели. Некои меѓу нив повеќе успеваат во тоа.

Тешко им е на лимузините во бизнис класата. Од една страна тие имаат силна конкуренција од сегментот возила што им конкурира на сите, од СУВ-моделите. Од друга страна, овој дел од пазарот, според продажбата традиционално му припаѓа на германското премиум трио C-Class/А4/Серија 3. Во играта за врвот се вмешува и Skoda Superb, кој во меѓувреме котира подобро и од некогашните големци во сегментот, Opel Insignia и Ford Mondeo.

Тоа е генерално распоредот на силите во овој дел од моделската понуда, којшто е важен за профитабилноста на големите марки, а уште повеќе е значаен за имиџот. За некој модел да успее да се пробие, потребно е да понуди нешто различно од стандардот. Електрифицирана погонска спрега, на пример, во комбинација со издржливост, којашто е меѓу примарните аргументи при избор на лимузина во оваа класа, како и со простор, со многу простор. Тоа е точно описот што одговара на Toyota Camry.

Во споредба со претходникот Avensis, Camry вози со хибриден погон и поблиску е до вишата средна класа

Големата лимузина пристига на местото на Avensis, но носи голем плус со себе. Прво, тоа е хибридниот погон, познат и докажан што не може да биде повеќе, во комбинација со 2,5-литарски бензинец и системска моќност од 218 КС. Тоа e воедно и почетниот праг во поглед на моќноста кај Camry. Toyota не нуди послаба моделска изведба, ниту пак друго погонско решение освен хибрид. Нема потреба.

New item by Automedia MK / Google Photos

Реално, Camry според димензиите зафаќа во вишата средна класа, кај E-Class и A6, меѓутоа со цената останува во рамките на класата. Наједноставно е новакот на Toyota, по 14 години пауза на тоа моделско име од европскиот пазар, да се спореди со позицијата на Skoda Superb во однос на конкуренцијата – голема каросерија, заедно со техника што ги почитува начелата на домаќинската средна класа, место на „расипничката“ виша средна класа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во споредба со Avensis, кој во неколкуте генерации уживаше вистински статус на бизнис-лимузина меѓу македонските возачи, Camry е подолг за 14 сантиметри, поширок за три, а воедно и понизок за 3,5 сантиметри. Практично целата разлика во должината доаѓа од меѓуоскиното растојание: Кралски 2825 mm кај Camry, наспроти 2700 mm кај Avensis. Со преоѓањето на платформата TNGA, повеќе нема губиток во зафатнината на багажникот, поради хибридната погонска спрега. Новиот знаменосец тука располага со 524 литри, петнаесет литри повеќе од Avensis. Епитетот „кралски“, воопшто не е на погрешно место: Camry во основа значи круна.

На примерната Toyota Camry ѝ парираат гран-туризмото Kia Stinger и француската комбилимузина Peugeot 508

Кој може да парира на Toyota Camry и да понуди нешто различно од стандардот? Два модели доаѓаат во предвид. Kia Stinger, како динамичар во класата и воедно „снагатор“, доколку се цени според тоа што го оддава изгледот на каросеријата. Голема е разликата со Camry во концепциска смисла. Додека Toyota не планира да поставува брзински рекорди, туку повеќе сака да се докаже во маратон, или уште поверно, во десетобој, Kia го прави токму спротивното: Погон назад, подвозје дотерано по пример на баварските лимузини, широка трага и багажник колку што останало.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Кај Stinger исто така нема помалку од 255 КС, освен дизелот кој располага со 200 КС. Може само угоре, со 3,3-литарски V6 со 370 КС и погон на сите тркала. За одмерувањето на силите да биде веродостојно, недостига уште еден модел. Peugeot 508 на пример. Тој се издвојува со каросерискиот дизајн во Pininfarina-стилот на историскиот Peugeot 504, како и со типичната конфигурација на кокпитот за француската марка, со малечок волан и високо поставени инструменти.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Во погонската спрега, француската комбилимузина не може да го прикрие фактот дека долу работи приспособена платформа од Peugeot 308. За таа да им парира соодветно на моќноста на Camry и Stinger, може да се избере единствено верзијата што извлекува 225 КС од мотор со работна зафатнина од 1,6 литар. Користењето основа од компактен модел се покажува и во тежината. Со 1.495 килограми, Peugeot е за точно 100 килограми полесен од Toyota, додека до Stinger му недостигаат 235 килограми – задниот погон на Kia испраќа поздрави.

Хибридниот Camry е најдостапен; Ослободен е од акциза

Мошне „неочекувана“ ситуација се покажува при споредбата на цените. Хибридот е најдостапен. Toyota Camry во изведбата со ниво на опрема Comfort чини 30.190 евра. Над тоа следат уште три нивоа, но врвот пак не надминува 36.690 евра. Познавачите на пазарот знаат од каде, во одреден дел, произлегува оваа цена на јапонската лимузина. Возилата со хибриден погон се ослободени од плаќање акциза, што во ценовната категорија на Camry изнесува 13,5 проценти.

New item by Automedia MK / Google Photos

Пријатно изненадува и Kia со цената од 37.990 евра за Stinger 2.0 T-GDi со ниво Advance и со осумстепен автоматик, којшто е стандард во целата гама на овој модел. Во нивото GT-Line, што го нагласува спортскиот настап на „корејскиот квартопорте“, плус со погон на сите тркала, големата Kia чини 53.500 евра. Врвот му припаѓа на Stinger 3.3 T-GDi со ниво GT и цена од 59.990 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кај Peugeot следи извесно разочарување, затоа што 1,6-литарецот со 225 КС може да се комбинира само со топ-нивото GT, па соодветно на тоа и цената на оваа моделска изведба изнесува 49.510 евра. За ориентација, Mercedes C 300 со 258 КС чини 49.300 евра или 210 евра помалку од францускиот автомобил. За околу 1.500 евра повеќе, односно за 50.990 евра, кај Германците исто така може да се добие хибрид, во изведбата C 350 e со 211 „бензински“ и 82 „електрични“ коњски сили.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во споредба со Toyota Camry, којашто има најдолга и највисока каросерија во оваа тројка, Kia Stinger е покуса за 5,5 сантиметри, пониска за 4,5 и поширока за три сантиметри, при меѓуоскино растојание подолго за 8 сантиметри. Дел од висинската разлика доаѓа и оттаму што Toyota има 15 милиметри повеќе растојание од подлогата (145 mm).

Peugeot е најкус и со најмало меѓуоскино растојание

Со 4,75 метри, францускиот модел е покус за 135 сантиметри од Camry, но поширок е за 19 mm. Во висина, „508“ мери 1.403 mm. Во меѓуоскиното растојание недостигаат 32 mm до Camry и 112 mm до Stinger. Багажникот не е домен на Kia, бидејќи со 406 литри тој е за 118 литри помал во споредба со Toyota и 81 литар во споредба со Peugeot.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во перформансите нема изненадувања. Stinger е супериорен со 233 km/h и 6,3 секунди до темпо сто, Peugeot постигнува 248 km/h, но и доцни точно една секунда, што укажува на подолг преносен однос, додека Camry џентлменски и типично за хибридите на Toyota, забрзува до 180 km/h, а класичниот спринт го совладува за 8,3 секунди.

New item by Automedia MK / Google Photos

Ситуацијата е сосем поразлична кога се споредува „ефектот“ од возењето. Camry 2.5 Hybrid според фабрика ќе потроши просечно 4,2 литри на сто километри, на Kia ќе ѝ бидат потребни 7,9 литри, додека на Peugeot само 5,3 литри. Во меѓувреме, овие вредности за потрошувачката од бајките станаа минато, иако само Toyota ја објавува потрошувачката според новата и реална норма WLTP, а таа изнесува: 5,3 литри на сто километри. Неодамна и клубот АДАК, при веројатно најобјективното тестирање во браншата, измери просек од 5,5 литри на сто километри за Lexus ES 300 h, кој во основа ја има истата погонска механика и истото подвозје како Camry.

Целосен арсенал од системи за асистенција како стандардна опрема во Toyota Camry

Ниту во опременоста Toyota не дозволува да биде престигната од конкурентите. Во секој Camry што пристига на македонскиот пазар, стандардно се вградува Toyota Safety Sense 2, со самостојно запирање при опасност од судир и препознавање пешак и велосипедист, со следење лента, автоматика за долго светло, камера за знаци и радарски темпомат со автоматско сопирање.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во Camry се пристапува без клуч и се стартува на копче, климатизацијата работи во две зони, а во стилската средишна конзола е сместен дисплеј од 7 инчи. Камера за рикверц е стандард, исто како и избор на три програми за возење (нормална, спортска и еко), електрика за возачкото седиште, сензор за дожд и електрична паркирна сопирачка. Сите светлосни функции ги вршат диодни светилки, со исклучок на долгото светло. Алу-бандажи од 17 инчи се стандард.

Тест: Lexus ES 300h Luxury

Секое следно ниво „додава“ по 2.000 евра. Kaj Executive, за таа сума следат кожен ентериер, електрика на предните седишта и грејачи во истите. Третото ниво е Elegance, со електрика за местењето на воланот, активно следење лента, собирање на ретровизорите, за еден инч поголем средишен дичлеј, навигација, безжично полнење телефон, диодни долги светла, уште еден инч за пречникот на бандажите и диодни магленки.

Luxury е врвното ниво и верно на името располага со тризонска клима, озвучување JBL со 9 звучници, проекциски дисплеј, електрика за задните седишта и ролетна под задното стакло, како и странични ролетни за заштита од сонце. Мошне згодна предност за Toyota е тоа што дури и во највисокото ниво на опрема, Camry Luxury со 36.690 евра пак е најдостапен во оваа тројка.

New item by Automedia MK / Google Photos

Kia се надоврзува директно со 37.990 евра за нивото Advance, со камера за рикверц и паркинг сензори, двозонска клима, електрична паркирна сопирачка, старт на копче, избор на програми за возење, навигација со дисплеј од 7 инчи, сензор за дожд, собирање на ретровизори и алу-бандажи од 17 инчи. За системите за асистенција што Toyota ги поседува уште во основното ниво, кај Kia треба да се избере нивото GT-Line, коешто стартува од 49.990 евра. Сепак, во тој случај следат и повеќе функционални и комфорни ставки од опремата, како навигација, озвучување Harman Kardon со 15 звучници или кожени седишта со вентилација. Нивото GT веќе е работа за „професионалци“, со активно подвозје и сопирачки Brembo, седишта со мека напа- кожа, но и низа дополнителни можности за местење на седиштата, како и со бандажи од 19 инчи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Peugeot во највисокото и единствено можно ниво со 1,6-литарецот со 225 КС нуди приспособливи амортизери, камера за рикверц, пристап без клуч, озвучување Focal, седишта обложени со вештачка кожа и алкантара, и бандажи од 18 инчи. Од едно ниво подолу доаѓаат камера за знаци, диодни светла, електрика на предни седишта и разни украсни детали, а во обемот на опрема спаѓаат и средишен дисплеј од 10 инчи, навигација, дигитални инструменти и собирање на ретровизори. Генерално, нивото на опременост во GT кај 508 го нуди истото што Toyota Camry го поседува во Executive или Stinger во GT.

Карактерите на трите лимузини не можело да бидат поразлични. Прашањето е дали нивните купувачи повеќе ќе ги ценат конкретните вредности, како што се штедливоста и комфорот кај Toyota Camry, или суверенета спортска нота и уверлив дизајн на Kia Stinger, или стилските детали и вештиот избор на бои и материјали, како што е случај кај Peugeot 508.

Toyota Camry · Класичар со напредна технологија

New item by Automedia MK / Google Photos

Camry се покажува во предност во поглед на просторноста, комоцијата и практичноста. Меѓу главните придобивки од платформата TNGA, односно нејзината варијанта GA-K, којашто ја користат и Lexus ES или Toyota RAV4, спаѓа и рационално искористување на просторот, така што јапонската лимузина може да понуди покомотна кабина. Динамичните возни својства и возачкото уживање исто така се обезбедени во многу поголем обем отколку во претходните генерации на големите лимузини на Toyota. Најголемата предност, секако дека е во погонската спрега. Хибридот е докажан, во меѓувреме електромоторот помага и за екстра-тракција при возење во свијоци, што исто така го усреќува возачот. Електромоторот во погонската спрега ослободува и од плаќање акциза, поради што Toyota Camry совршено го заокружува својот настап. Опремата, особено системите за асистенција, не оставаат простор за критика. „Крунисаната“ лимузина најлесно ќе ги убеди купувачите во оваа моделска тројка.

Kia Stinger · Формула на гран-туризмо што важи исто секаде во светот

New item by Automedia MK / Google Photos

Kia ја произведе лимузината со најуверлив спортски настап во оваа класа. Stinger е Maserati Quattroporte по половина цена, не не и со половична благородна душа, со заводливо дизајнирана надворешност и чувство зад воланот што наведува на долго возење до одредиште кое постојано се поместува понапред и понапред. Задната оска буквално е како закована за асвалтот и границите на стабилност се на ниво на AMG, M или Sport GmbH. Дополнителна предност на Stinger е тоа што нејзиниот спортски концепт е универзален, односно тоа е гран-туризмо што подеднакво се цени и во Европа, и во САД и во Јапонија.

Peugeot 508 · Стилска лимузина што го следи стандардот во класата

New item by Automedia MK / Google Photos

Peugeot 508 во првата генерација не го повтори успехот што своевремено го постигна оригиналниот 407. Затоа мораше нешто да се менува драстично, а тоа беше стилот. Комбилимузината од средната класа, со голем заден капак, ја дели платформата со Peugeot 308, што остава траги во погонската спрега. Во основа, францускиот автомобил остава најсилен белег во стилот и дизајнот, додека во поглед на возните својства, напредните технологии, комфорот или погонската ефикасност, „508“ не отстапува од тоа што важи како стандард во класата.

Технички податоци

Марка и модел

Toyota Camry

Kia Stinger

Peugeot 5008

Изведба

2.5 Hybrid Comfort

2.0 T-GDi Advance

1.6 225 GT

Цена (евра)

30.190

37.990

49.510

МОТОР

Хибрид

Бензин

Бензин

Цилиндри

4

4

4

Подготовка на смеша

Впрскување

Директно впрскување

Директно впрскување

Турбо

Не

Да

Да

Зафатнина [ccm]

2487

1998

1598

Моќност во КС/min

218 (системски)

245/6200

225/5500

Вртежен момент [Nm]

221 (само мотор)

353

300

Погон

Напред

Назад

Напред

Пренос

Менувач CVT

Автоматик

Автоматик

Степени

8

8

Норма

Euro 6d Temp Evap ISC

Euro 6d Temp

Euro 6d ISC

ДИМЕНЗИИ

Должина [mm]

4885

4830

4750

Ширина [mm]

1840

1870

1859

Висина [mm]

1445

1400

1403

Меѓуос. раст. [mm]

2825

2905

2793

Клиренс [mm]

145

130

Багажник [L]

524

406

487

ТЕЖИНИ

Празно возило [kg]

1595

1730

1495

Носивост [kg]

505

455

506

КАРОСЕРИЈА

Лимузина

Комби лимузина

Комби лимузина

Врати

4

5

5

ПЕРФОРМАНСИ

0-100 km/h [s]

8,3

6,3

7,3

Крајна брзина [km/h]

180

233

248

ПОТРОШУВАЧКА

Град [l/100 km]

4,8

10,5

6,9

Пат [l/100 km]

4,2

6,4

4,5

Просек [l/100 km]

4,3

7,9

5,3

СО2 g/km

98

181

122

Потрош. (WLTP)

5,3

Резервоар [l]

50

60

62

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mini cooper se

Многу интерес за електричното Mini, но Брегзит е проблем

mercedes glb

Mercedes GLB со седум седишта во салоните во декември