157
20 shares, 157 points

Автомобилската корпорација Toyota и корпорацијата за финансиски услуги Toyota основаа виртуелна организација под името Toyota Blockchain Lab. Планот е во оваа виртуелна лабораторија да се поттикнуваат нови идеи околу блокчеин-технологијата и истите да се тестираат.

Во денешните времиња кога целиот свет е поврзан во мрежа, информациите се разменуваат со брзина како никогаш досега. Блокчеин-технологијата им нуди на луѓето и на компаниите можност да комуницираат „поотворено“, а во исто време и со највисок степен на сигурност.

Преку децентрализираниот систем на еден блокчеин, при составувањето на податоците се задржуваат информациите за „што“, „кога“ и „кој“, и истите потоа не може да се менуваат. На тој начин се постигнува, на пример, при трансакциите да се верификува веродостојноста на податоците, без можност за манипулација. Системот веќе се користи во голем број земји ширум светот и овозможува размената на податоци да се одвива многу побрзо. Така се овозможуваат точно скроени услуги за конкретен корисник, а се зголемува и ефикасноста во деловното работење.

Блокчеин овозможува сигурно и брзо плаќање за услуги, па дури и купување автомобил онлајн

Конкретни примери во автомобилската индустрија се, на пример, трансакции при купување или изнајмуавње автомобил, како и управување со податоците од возилата. Од предностите на блокчеин-технологијата може да профитираат и јавно достапните возни паркови, односно компаниите што нудат carsharing.

Важна улога во унапредувањето на можностите и примената на блокчеин-технологијата ќе има најавениот „Плетенград“ (Woven City). Toyota уште пред неколку месеци најави изградба на градот на иднината, во подножјето на планината Фуџи, на површина од 175 хектари. Плетенград е замислен како жива лабораторија, во којашто директно и во реални услови се тестираат и усовршуваат технологии од видот на автономно возење, роботика, лична мобилност, паметен дом и вештачка интелигенција.

Во почетокот во градот ќе живеат до 2.000 лица. Како што ќе напредува развојот на технологиите, така ќе се зголемува и бројот на жители во Плетенград. Стартот на изградбата на метрополата што ќе служи како град-модел е планиран за почетокот на 2021 година.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

157
20 shares, 157 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *