за

Toyota ќе преземе целосна контрола над Daihatsu

Toyota ќе го зголемува уделот во Daihatsu и целосно ќе го преземе специјалистот за малечки автомобили. Намерата е да се освои растечкиот пазар во нискиот сегмент во азискиот регион.

Светскиот број еден во автомобилската бранша до крајот на годинава целосно ќе го преземе специјалистот за малечки автомобили Daihatsu. Toyota моментно поседува 51 процент од акциите во марката. Планот е да се координира развојот на модели од пониските класи од обете марки и заеднички да се освојуваат пазарите. Тоа значи дека ќе се воспостават поголеми разлики меѓу моделите на Toyota и на Daihatsu, за истите да не си пречат еден со друг. Притоа, Daihatsu ќе го преземе развојот на моделите од пониските класи и ќе ја прошири понудата во тој сегмент.

За возврат, Daihatsu ќе добие поддршка од Toyota во развојот на новите технологии, коишто ги засегаат животната средина, безбедноста и системите за ракување во возилата. Daihatsu неодамна се повлече од Европа, затоа што азиските пазари тогаш ветуваа поголем раст и поголем профит. Засега уште не е потврдено дали целосното преземање од страна на Toyota ќе значи и враќање на мини-специјалистот во Европа.

Toyota ќе ја плати цената за преостанатите 49 проценти преку сопствените акции. За секоја акција на Daihatsu, гигантот ќе понуди четири свои акции. Целосното преземање би завршило на 1-ви август. Daihatsu е дел од групацијата Toyota уште од 1998 година, заедно со производителот на товарни возила Hino.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Боб-седмосед е подобрата опција за Nissan

Белгија станува „резервна фабрика“: Volvo V60 се сели во Гент