за

Toyota ќе го произведува RAV4 во Русија

Во фабриката на Toyota во Санкт Петерсбург од август ќе стартува производството на новиот RAV4. Со зголемувањето на локалната продукција ќе се зацврсне позицијата на марката на кризниот руски пазар.

Toyota RAV4 од август ќе се произведува и во фабриката во Санкт Петерсбург, од каде што ќе се покриваат пазарите во Русија, Казахстан и Белорусија. Во фабриката моментно се произведува Camry за рускиот пазар. Со овој чекор, јапонската марка продолжува со остварувањето на планот, продукцијата да се одвива таму кадешто е пазарот, заради побрза испорака на возилата. Пред две недели, Toyota потврди дека стартува со производство на новиот кросовер C-HR во Турција. RAV4 е деветтиот модел на Toyota што се произведува во Европа, покрај Avensis, Auris, Yaris, Aygo, Camry, Corolla, Verso и Toyota C-HR.

Во руската фабрика ќе се инвестираат дополнителни 90 милиони евра за новиот модел, со што вкупната инвестиција на Toyota ќе достигне 233 милиони евра, а производствениот капацитет ќе се зголеми од 50 илјади на сто илјади возила годишно. Со модернизацијата на фабриката ќе се удвои и брзината на производствената лента. Новиот модел во Санкт Петерсбург ќе отвори и 800 работни места.

Во минатата година Toyota достигна рекорден удел од 7,5 проценти на рускиот пазар, во услови на длабока криза, којашто остава најголеми траги врз марките што немаат локално производство во големата земја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електрични ванови од Nissan во палатата на принцот од Монако

Овој четиритонски Mercedes и буквално е замок на тркала