за

Toyota подготвува спортска изведба од Yaris

Јапонците се враќаат во светското рели по пауза од 17 години и во јануари стартуваат со Yaris WRC на релито Монте Карло. При претставувањето на новиот рели-тркач во тимот што ќе го раководи легендарниот Томи Макинен, Toyota најави спортска верзија од Yaris во салоните на марката.

Одбројувањето е во тек. Со стартот на релито Монте Карло на 20-ти јануари, Toyota се враќа на сцената на светското рели. Фановите на „калливиот“ крал на мотоспортот не се единствените што имаат причина за радување. При официјалното претставување на возилото и тимот за претстојната сезона, јапонскиот производител најави спортска верзија од Yaris, којашто ќе биде достапна во редовна продажба. Новиот топ-модел ќе ја круниса популарната моделска серија на Toyota и ќе го комбинира моќниот мотор со агресивен стил на каросеријата, со неколку детали преземени од штотуку претставениот рели-тркач.

Toyota ја најави идејата за спортски модел во 2013 година со Yaris Hybrid-R

Детали за моторот и за перформансите на идниот спортски модел во гамата на Yaris засега не се откриваат, но голема е веројатноста дека под хаубата на серискиот модел исто така ќе работи 1,6-литарски турбо, со моќност од околу 200 КС. На салонот во Франкфурт во 2013 година, Toyota ја најави идејата за спортски модел, со концептот Yaris Hybrid R, со 1,6-литарски турбо и два електромотора со по 60 КС, за системски 300 КС.

https://automedia.mk/objavi/26717

Негувањето на спортските гени на Toyota има традиција во овој модел. Првата генерација на Yaris од 1998 година беше достапна во верзијата TS со 1,5-литарски мотор со 105 КС, додека во неколку европски земји се и нудеше изведба TS Turbo со 150 КС. Наследникот во 2007 година се појави со 1,8-литарски мотор со 133 КС. Во Швајцарија постоеше Yaris 1.8 TS Bemani со механички компресор и 215 КС. Актуелниот модел достигна најмногу 99 КС. Предводничката палка во гамата му беше предадена на Yaris Hybrid, спортувањето досега остануваше во сенка.

380 КС и 425 њутнметри во Yaris WRC

Во натпреварувачкиот Yaris WRC работи 1,6-литарски мотор со турбонатполнење и моќност од 380 КС. Максималниот вртежен момент изнесува 425 њутнметри, крајната брзина на возилото тешко 1,19 тон, зависно од избраниот пренос достигнува 201 километри на час. Две фабрички возила ќе стартуваат во Монако, по едногодишна подготовка и илјадници часови во развој и тестирање.

Покрај возачот Јухо Ханинен и совозачот Кај Линдстром, чијшто ангажман беше потврден уште во октомври, второто возило го презема Јари-Мати Латвала. Финецот го возеше своето прво рели во 2002 година и оттогаш има постигнато 16 победи и 57 места на подиумот при вкупно 169 учества. Совозач на Латвала е неговиот сонародник Мика Антила, кој единаесет пати повеќе стартувал во светското рели.

Шеф на тимот Toyota Gazoo Racing WRC е легендата на релито, Томи Макинен, додека технички директор е Коеи Сага.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen amblem

Volkswagen ја зголеми продажбата во ноември за 7,5 проценти

Mazda воведува нови производствени погони за кросоверот CX-3