за

Toyota има еден милион хибридни автомобили низ Европа

Европа долго време се колебаше околу хибридниот погон, за сега да прерасне во регион со најголем раст во продажбата на овие автомобили со две срца. Најголема корист од тоа има и мајката на хибридниот погон, Toyota.

Виктор Дугоникс веројатно минал непроспиена ноќ кога од централата на Toyota за Германија добил повик дека тој е милионитиот купувач на хибриден автомобил од марката и дека во салонот во Диселдорф го чека изненадување. А како попријатно би изненадиле сопственик на хибриден автомобил, освен да му понудите уште еден Auris Hybrid, на бесплатно користење во период од една година, за неговата сопруга.

Секако дека не постои случајност околу „изборот“ на германски купувач за хибридниот јубилеј на Toyota во Европа, но марката во секој случај има повод да се пофали. Повеќе од половината од продажбата на компактот Auris на европскиот пазар отпаѓа на хибридната верзија на моделот, со тренд овој удел да продолжи да се зголемува. Јубилеите постојано се редат за Toyota. Во август, двете автомобилски марки на јапонскиот гигант го одбележаа осуммилионитиот автомобил со хибриден погон во светот, откако првата генерација на Prius стартуваше на пазарот во 1997 година.

Toyota C-HR
Toyota C-HR

Статистиката на Toyota понатаму открива дека речиси секој четврти автомобил од марките Toyota и Lexus продаден годинава на европскиот пазар има хибриден погон. Тоа не би требало да зачудува, покрај 14 хибриди во понудата: Prius, Prius+, Prius Plug-in, Yaris Hybrid, Auris Hybrid, Auris Hybrid Touring Sports, Camry Hybrid, CT 200h, GS 300h, GS 450h, IS 300h, LS 600h, RX 450h и NX 300h.

Toyota произведува три од овие модели во Европа – Yaris Hybrid, Auris Hybrid и Auris Hybrid Touring Sports – кои учествуваат со една петина во вкупната локална продукција на марката. Во јануари пристига уште еден хибриден модел, RAV4 Hybrid, кој требаше да пристигне многу порано, ако се гледа доминацијата што во сегментот во меѓувреме ја постигна Mitsubishi Outlander PHEV – со таа предност што овој поседува можност за надворешно полнење на батериите, односно е плагин-хибрид и со тоа се вбројува во категоријата на возила со електричен погон. Сериска реализација претстои и за концептот CH-R од салонот во Франкфурт. До 2020 година, Toyota планира да нуди модел со хибриден погон во секој сегмент.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo S90: Сега и лимузините на Швеѓаните удираат со чеканот на Тор

13 Facts For Cat Lovers Or Why The Internet Loves Cats