за ,

Toyota во САД го рекламира својот автомобил што вози на … „булшит“

Автомобилите што користат невообичаена погонска техника мораат да користат и невообичаени маркетиншки пораки. Во актуелната кампања, Toyota открива дека новиот Mirai може буквално да вози и со гориво добиено од кравји измет.

Булшит. Еден од интернационално одомаќените зборови од американската култура на изразување добива сосема ново значење во рекламите на Toyota. Во актуелната кампања, јапонската марка им објаснува на Американците дека новиот Mirai, прв сериски автомобил со погон на водород од оваа марка, може да користи гориво што е добиено од истата онаа материја што го дава препознатливиот мирис при влегување во селските средини.

„Fueled by Bullsh*t“ е првиот спот од серијата насловена како „Fueled by Everything“ (или „вози на сé“). Спотот е снимен од мајсторот за документарци Морган Спурлок, којшто пред две години стекна светска слава со „Super Size Me“. За потсетување, тој во спотот ги раскажува искуствата од едномесечното хранење исклучиво со производи од „мекдоналдс“, трипати на ден, стекнувајќи телесна маса зголемена за 12 килограми, оштетување на црниот дроб, депресија и мизерна крвна слика. Накусо: Човекот на сопствена кожа има искусено што значи „булшит“.

https://youtu.be/9pTluy9KpYU

Кравјиот измет има главна улога во производството на водород во спотот. „Проектот ми овозможи да запознаам еден свет којшто на повеќето луѓе им е непознат, но истиот тој свет има потенцијал да го промени нашиот живот“, разкажува Спурлок. „Ме одушеви идејата да прикажам како од изметот којшто обично се користи како ѓубриво може да се произведе водород, кој потоа ќе служи како погонско гориво за автомобилите. Овој малечок филм ќе биде доказ за сето тоа што ни претстои во годините пред нас.“

Автомобилската бранша не располага со подобро погонско решение од водородниот погон

Toyota Mirai се задвижува од електромотор со моќност од 154 КС, којшто се снабдува со енергија од горивната ќелија. Во оваа ќелија се случува хемиска реакција меѓу водородот и кислородот, а како резултат од истата се произведува струја. Лимузината долга 4,89 метри не испушта ниту грам СО2 или каква било штетна емисија. Од издувната цевка излегува чиста вода. Предноста во споредба со обичните електромобили со батерии е во тоа што досегот на возилото е ист како кај конвенционалниот погон, а приближно исто трае и полнењето на резервоарот со водород. Во моментов Toyota не може да достигне продукција со којашто ќе се задоволи интересот за возилото. Наесен Mirai ќе стартува со продажба и на поголемите пазари во Европа.

Водородот е најзастапен елемент во целиот универзум. Тој може да се произведува со струја од соларни колектори, од енергијата на ветрот, исто како и од отпад и биогас. Сега Toyota докажува дека водород може да се произведува и од „булшит“. Целата работа сепак е далеку од тоа. Toyota повторно е далеку понапред од конкуренцијата во поглед на воведувањето нови погонски технологии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan Titan XD со петлитарски дизел и преку 6 метри должина

Од саемот на тјунинг на Боденско Езеро (фото-галерија)