за

Товарни велосипеди ја преземаат доставата на пратки

товарни велосипеди

Во повеќе европски градови се започнати проекти во коишто службите за достава на пратки користат товарни велосипеди. Тоа се истите оние велосипеди коишто порано ги гледавме насекаде, во малку модернизирана форма, но повторно актуелни

Трговијата преку интернет напредуваше значително во последниве неколку години. Обемот на промени што ги донесе овој комотен начин на нарачување и достава на производи се покажува и во драстично зголемениот сообраќај на службите за достава на пакети, како и на курирската и експресната испорака. Македонија не е исклучок, во што секој може лесно да се увери ако се обиде да ги забележи возилата на овие служби на улица.

Таму кадешто има многу сообраќај, мора да се појави и застој. Проблемот со возилата за достава коишто се оставаат „на пет минути“ е највоочлив во погусто населените резиденцијални подрачја во центарот на градовите, кадешто и улиците се потесни, а и секој слободен простор е искористен за паркирање на возилата за станарите.

товарни велосипеди 2

Дополнителен проблем за жителите е тоа што се изложуваат на зголемена емисија на штетни материи и на бучава. Тоа е вид на проблем кој уште долго време нема да биде регистриран посериозно од нашите општински власти.

Како што бидува секогаш, повеќе градови во Европа веќе реагираат и бараат решенија, за доставата на пратки да се одвива на начин којшто не остава траги врз животната средина и врз квалитетот на живеење. Во тек се неколку проекти, во коишто превозот на стоката од подрачните складишта до крајниот корисник се врши со товарни велосипеди.

Како мала дигресија, повозрасните генерации може убаво да се присетат на оние карактеристични велосипеди со голем кош напред, кои порано се забележуваа насекаде. Во тие времиња и сообраќајот со автомобили уште го немаше декласирано нормалното пешачење, ниту пак улиците произведуваа заглушувачка бучава и смрдеа со потенцијално кобни последици. Европа ги сака овие велосипеди назад

товарни велосипеди 1

Намерата со враќањето на товарните велосипеди е да се постигне барем позначајно намалување на обемот на сообраќај со моторни возила. Тоа е многу поприроден и неспоредливо поевтин начин за постигнување мобилност којашто не произведува штетни материи, бучава или опасности. Превозот со товарни велосипеди секако дека не може целосно да ги замени постоечките возила за достава, но барем може да се очекува осетно растоварување од последиците што ги носи зголемениот сообраќај.

Товарните велосипеди може да се користат за испорака на помали пакети, во подрачја во коишто е проблематично наоѓањето паркинг. За останатите случаи, кога товарот е погабаритен и потежок, секако дека доставните возила се незаменливи. Постои решение и за тоа – електричен погон. Тоа сепак е посебна и уште почувствителна тема.

товарни велосипеди 4

Најголемата одговорност за креирањето на одржлива мобилност сепак ја имаат градските и општинските власти. Тие треба правилно да ја согледаат ситуацијата и да воведат повластици и привилегии за старо-новиот превоз со товарни велосипеди. Во тој поглед, нашите власти се нефункционални. Камиони, доставни комбиња, претоварени, со недоволен квалитет на издувни гасови, пребрзи и премногу гласни, му ја одземаат сета душа на градот и го претвораат во индустриска зона.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes EQC

Mercedes EQC ги полни батериите на шпанското сонце

мобилен телефон место клучот од автомобилот

Клучот од автомобилот се претвори во мобилна апликација