130
19 shares, 130 points

Шпанскиот производител Torrot кон крајот на следната година ќе започне со продажба на Velocipedo. Трициклот со електричен погон и покрив е надградување на идејата за практично возило за град, којашто BMW ја реализираше со својот C1 пред деценија и пол.

Со електричен погон и плус едно тркало, шпанскиот специјалист за велосипеди Torrot ѝ дава нова шанса на идејата за практичен скутер со покрив. Повеќе производители експериментираа со идејата, вклучувајќи ги Peugeot и Benelli, но најдалеку отиде BMW кој во 2000-та година започна со продажба на C1. Покривот беше наменет за заштита од временски влијанија, но и од повреди при пад, поради што C1 смееше да се вози без шлем.

Torrot Velocipedo има шанси да постигне повпечатлив успех од BMW C1, кој до 2003-та година се продаде во нешто повеќе од 30.000 примероци. Стартот на продажбата се планира за крајот на 2018 година, цените почнуваат од 6.000 евра. Германскиот C1 своевремено чинеше над 12.000 евра.

Шпанците планираат неколку изведби од електричниот трицикл со покрив. Наједноставната и поевтина изведба е замислена за сервисите за достава, со едно седиште и простор за товар. Втората верзија нуди две седишта, опремени со безбедносен ремен, поради што Velocipedo смее да се вози без шлем.

Едно тркало плус носи многу предности во секојдневието

За компензирање на промените во возните својства коишто произлегуваат од повисокото тежиште поради покривот, Шпанците се решија за предна оска со две тркала. Според производителот, тоа овозможува и поголема динамика во свијоци. Предност е и тоа што трициклот стои стабилно кога е паркиран или кога се чека на семафор.

За погонот е задолжен електромотор со моќност од 13,5 КС и вртежен момент од 138 Nm. Енергијата пристига од 5 отстранливи батерии со литиум-јонска технологија и капацитет од 8 kWh. Полнењето на стандарден приклучок за струја трае 4,5 часа. Трициклот располага со четири модуси (буст, сити, турер, еко). Досегот со полни батерии изнесува до 150 километри.

Рамката е изработена во комбинација од карбон и челик, што се рефлектира и во прифатливата тежина на Torrot Velosipedo од 180 килограми. Забрзувањето до 45 km/h трае 5,5 секунди, крајната брзина е ограничена на 88 km/h.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

130
19 shares, 130 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *