153
47 shares, 153 points

Избравме пет модели достапни на македонскиот пазар, кои се издвојуваат со противвредноста од останатите модели во сегментот што денес не смее да остане празен. Зачудува тоа што некои производители ги ценат своите модели многу повеќе од ценовните шампиони во класата. Очигледно дека тие марки успеваат солидно да ја продадат надуваната СУВ-каросерија, којашто во себе не содржи друго освен воздух.

СУВ-моделите станаа задолжителни во понудата на производителите на автомобили, во сите класи и сегменти, исто како што некогаш не смееше да отсуствуваат дизел мотори под хаубите. Возењето „џип“ е најсилниот тренд на автомобилската сцена веќе децении наназад, иако повеќето возила од овој тип само изразуваат теренски намери, без каква било помисла истите да се реализираат.

Секоја марка различно го толкува трендот и му приоѓа различно. Ние се решивме за присебност и рационалност, со цел да избереме пет СУВ-модели во компакт класата, кои се издвојуваат со противвредноста, но притоа ги нудат сите адути што се очекуваат од нив.

Модерната техника направи дизелите да се неисплатливи во оваа класа на СУВ-модели; тоа значително го „поевтинува“ изборот

Треба да се разрешат и неколку предрасуди. Дизел моторите повеќе не се „стандард“ за СУВ-моделите. Модерната моторна технологија овозможи сето тоа што придонесе дизелите да бидат брзи и штедливи, да се вдомат и кај бензинците. Со тоа се намали разликата во потрошувачката на гориво, а се зголемија километрите кои треба да се извозат, додека почне да се исплатува доплатата за дизелот.

Сите модели во нашиот Топ 5 се достапни и во изведба со погон на сите тркала, за разлика од повеќето „украсни“ теренци во сегментот, кои воопшто не располагаат со таква можност. Покрај разликата во цената меѓу следните „best-buy“ модели и оние што наплаќаат за големите маски и пластични украсни по каросеријата, во некои случаи останува простор да се доплати за погон на сите тркала, и цената пак да им биде под самобендисаните модели.

Dacia Duster

Тука нема двоумење, Dacia Duster е докажана големина во понудата од СУВ и сакам-да-бидам-СУВ модели на пазарот. За романската марка на Renault моментно е повеќе предизвик како да се направи електричен автомобил кој ќе се вклопи во гамата, отколку да се најдат нови купувачи за постоечките модели. Duster не само што настапува со најниска цена во сегментот, туку нуди и голема слобода при изборот и наоѓањето на варијантата што најдобро ќе му одговара на одреден купувач.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основната изведба со 1,6-литарски атмосферски бензинец со 115 КС чини 12.840 евра во основното ниво Essential. Првиот адут на Dacia е верзијата на овој мотор што фабрички е приспособена да користи автогас како погонско гориво. Цената е 13.500 евра, односно 660 евра повеќе од „бензинската“ варијанта. Поевтино од тоа не вградуваат ниту независните сервиси.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најдостапна варијанта со погон на сите тркала е 1.6 SСе, но не во LPG-изведба. Цената во овој случај е 14.640 евра. Тука се вклучува во игра варијантата со новиот мотор 1.3 TCe, кој работи во речиси целата гама на Французите, но и во Daimler. Турбо-бензинецот од 1,33 литар располага со 130 КС, но не се испорачува во комбинација со погон на сите тркала. Цената: 14.990 евра. Тоа му го отвора теренот на дизелот во гамата, 1.5 Blue dCi, чист според Euro 6, со 115 КС и со цена од 16.990 евра во верзијата 4х4.

Сите погонски варијанти се достапни и во комбинација со двете повисоки нивоа на опрема – со исклучок на LPG-изведбата. Некои „детали“ од типот на поделена задна клупа или радио не се вклучени во основното ниво, меѓутоа во најдобар случај се достапни во пакети, заедно со други ставки, кои не се скапи.

Suzuki SX4 S-Cross

Suzuki докажува дека понудите не се пресликуваат од марка до марка, туку секој производител настапува со различна стратегија и со различни технички ресурси. Понудата на Јапонците во оваа класа е SX4 S-Cross. За разлика од основниот бензински мотор во Dacia, тука работи посовремен и поштедлив мотор, поради што и отпаѓа секаква идеја за преоѓање на автоплин.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со зафатнина од еден литар, со турбонатполнење и директно впрскување, трицилиндарскиот BoosterJet испорачува 112 КС и вртежен момент од 170 њунтметри уште при 2.000 вртежи. Фабриката пријавува просек од 5,0 литри гориво на сто километри, реално може да се смета на вредности со седумка пред запирката. Основниот модел чини 15.900 евра. Во опремата нема пропусти, Suzuki речиси стандардно нуди шампионска противвредност во тој поглед.

Единственото „но“ се однесува на можноста за комбинирање на погон на сите тркала само со посилниот мотор, 1,4 литарскиот BoosterJet со 140 КС. Тоа соодветно повлекува и повисоко ниво на опрема GL Plus, така што најдостапната варијанта да се вози SX4 со погон 4×4 чини 21.900 евра. Дури и во таа комбинација, Suzuki повторно е во предност во споредба со повеќето понуди на конкурентите, особено кога ќе се земе предвид супериорното ниво на опрема во GL Plus.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како алтернатива, многу повеќе од алтернатива, секогаш е подготвена Vitara, чијашто најдостапна изведба со погон на сите тркала чини 18.940 евра – со еднолитарски BoosterJet. Според нормите, таа припаѓа една класа под SX4, иако успешно ги кешира „класните“ разлики. Нешто недостига, дизел можеби? Воопшто не. Дизелот е минато во Suzuki, Јапонците се убедени дека новите турбо-бензинци се сосем доволни, евентуално во комбинација со благ хибриден погон. Повеќе марки штотуку почнуваат да реализираат ваков храбар чекор. Увозникот Миркат, во меѓувреме, бележи рекордни продажби од година в година.

Mitsubishi ASX

Златната средина на нашиот Топ 5 му припаѓа на еден акциски модел, со име што им значи многу, не само на љубителите на теренските возила, туку и воопшто на почитувачите на јапонската „култура“ на конструирање. Мак Аутостар го нуди Mitsubishi ASX 1.6 2WD со ниво на опрема Invite, по цена од 16.480 евра. Тоа е понуда што на германскиот пазар, на пример, би се исцрпела за неполн месец. На поголемите пазари од нашиот е вообичаено моделите кои се нудат на пазарот повеќе од пет години да добиваат вакви спектакуларни попусти. За возачите кои ние честопати ги спомнуваме како „ловци на добри понуди“, ова е таква понуда.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За 3.500 евра под редовната цена, нема погон на сите тркала и нема избор на повисок пакет на опрема или опционални ставки, но затоа има 1,6-литарски Mivec со 117 КС, кој ги поседува сите генетски карактеристики што се пренесуваат со знакот на Mitsubishi. Опремата вклучува паркинг сензори, автоматски светла и бришачи, затемнети задни стакла, мултифункциски кожен волан, темпомат, автоматска клима, алу-бандажи од 16 инчи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Од друга страна, тука е новиот Mitsubishi Eclipse Cross. Не станува збор за наследник на ASX, туку за купе-СУВ, коешто се позиционира точно во слободниот простор до крстосувачот Outlander. Познати се и цените за моделот на нашиот пазар. Во верзија со 1,5-литарски турбо со 163 КС и 250 њутнметри, со ниво на опрема Invite, Eclipse Cross чини 23.980 евра. Тоа, сепак, е посебна приказна.

Kia Sportage

Kia Sportage е уште едно име со традиција и во сегментот и на македонскиот пазар. Времињата кога марката „стануваше“ интересна поради богатата опрема, при цена што уште остануваше под конкурентите, веќе одамна се заборавени. Kia денес привлекува со исти вредности како VW или Ford, или поточно, со стандарди кои се на исто толку високо, а некогаш и повисоко ниво.

Kia Sportage 2019

Ценовникот стартува со 1.6 GDI со 132 КС, со еден од ретките мотори со директно впрскување, кои не се повикуваат на услугите на турбонатполнењето и го почитуваат „атмосферскиот“ принцип. Предноста од тоа се чувствува во способноста за повлекување уште од ниски вртежи, односно генерално во испораката на екстра њутнметри, наспроти моторите со индиректно впрскување. Сето тоа ја одржува потрошувачката на гориво на прифатливо ниско ниво, што значи „има смисла“ Sportage да се избере со бензински мотор.

Цената на оваа моделска изведба е 16.950 евра. Погон на сите тркала не е достапен со 1.6 GDI, туку дури со неговата турбо-варијанта 1.6 T-GDI со 177 КС. За возење со погон на сите тркала треба да се пресметаат 24.550 евра на овој модел, заедно со повисокото ниво на опрема Advance, плус 1.950 евра за погон 4х4. Тоа на крајот дава цена од 26.500 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

„Порентабилна“ варијанта е дизелот, со зафатнина од 1,6 литар и моќност од 136 КС, кој со доплатата за погон на сите тркала и (се уште) во првото ниво на опрема Vision е достапно за 21.900 евра. Постои можност за комбинација со ниво на опрема Advance, исто како и за 7-степен менувач со двојна спојка (1.950 евра).

Во опременоста, Sportage е уште еден шампион во противвредност. Единствената опција за којашто може да се размислува е металик лак за 400 евра, и тоа, само поради привлечните бои, во кои сигурно се има вмешано дизајнерската легенда Петер Шрејер. Обемниот тест на Kia можете да го прочитате на линкот.

Skoda Karoq

За Skoda Karoq остануваат само малку „но“. Веројатно, ниту едно. Техниката е идентична со Volkswagen T-Roc и Seat Ateca, во моделот сепак има длабок печат на Skoda. Завртувањето на клучот во бравата на Karoq чини најмалку 18.120 евра, за верзијата со еднолитарски TSI со 115 КС и опрема Ambition. Единственото „но“ е во тоа што погонот на сите тркала е достапен исклучиво во комбинација со 1.5 TSI и со 2.0 TDI, во двата случаи со по 150 КС, а кај бензинецот дополнително со 7-степен менувач со двојна спојка. Тоа значи 24.040 евра во бензинска, односно 24.450 евра во дизелската варијанта.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во повеќето случаи се покажува како најправилно решение веднаш да се избере најосновниот модел, без каква било варијанта на погон на сите тркала. Тогаш, би постапиле како сите останати. Денес „сите“ патишта се изградени, а и помодерно е кога теренот се совладува пеш, место со автомобил.

Каква е понудата кај конкурентските модели кои се надвор од овој Топ 5?

Останува уште едно прашање. Каква е понудата на марките што не се квалификуваа за нашиот Топ 5 на најразумни СУВ-модели во компакт класата? Интересно е, во најмала рака.

Француско-германското дуо трио Peugeot, Citroen и Opel, го оваа класа ги нуди 3008, C5 Aircross и Grandland X. Сите три модели се базираат врз иста платформа, имаат исти мотори, а соодветно им е исто и нивото на цените. Peugeot 3008 чини 23.550 евра, со 1,2-литарски бензинец со 130 КС и основно ниво Access. Верзија со погон на сите тркала воопшто не се нуди. Истото важи и за Opel Grandland X, кој со истиот мотор и минус неколку детали во опремата, чини 23.677 евра. Цените за Citroen се достапни само со специјално барање. По малку француски хумор се препознава во моделската ознака. C5 не значи дека автомобилот припаѓа во средната класа и многу поискрена би била четворка во ознаката. Затоа, пак, нивото на цените е како за „петка“.

Искреноста, очигледно, не им е силна страна на дел од производителите. Dacia Duster, на пример, со 1,5-литарски дизел со 115 КС, со погон на сите тркала и топ ниво на опрема Prestige, во коешто се вклучени автоматски клима уред, паркинг сензори и камера, навигација со дисплеј од 7 инчи на допир, заштитни облоги на подвозјето и алу-бандажи од 17 инчи, чини 18.400 евра. Skoda Karoq, пак, по цена на „3008“ ќе вози барем со дизел мотор и уште со погон на сите тркала. Веројатно и со менувач со двојна спојка.

Повторно се докажува, дека светкавите каросерии и слаткоречивите пораки вооопшто не се толку наивни.

Volkswagen T-Roc со најголем пораст во продажбата лани

Тест: Kia Sportage 1.6 GDi Vision 2WD

Тест • Suzuki Vitara 1.6 AllGrip GL PLus

Разноликоста на СУВ-моделите: Погодете ја марката и моделот


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

153
47 shares, 153 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format