за

Топ 10 Најпродавани автомобили во светот лани

Toyota Corolla 2019 Hybrid Sedan test
Toyota Corolla 2019 Hybrid Sedan test

Производителите на автомобили моментно кројат планови како минусот во продажбата што е предизвикан од корона-кризата да биде колку е можно помал до крајот на годинава. Лани беше сосем различна ситуација во поглед на продажните трендови. Кус преглед на десетте најпродавани модели во светски рамки во 2019 година.

Во поглед на генералните трендови на светскиот пазар нема изненадувања. СУВ-сегментот продолжил да расте прогресивно, со +3% удел во вкупната продажба лани во споредба со 2018 година. Вкупно, во светот лани се регистрирале 31,13 милиони СУВ-возила. Тоа одговара на 39 проценти од целиот пазар. Само уште еден сегмент забележал раст во споредба со 2018 година.

Најпродаваниот СУВ во светот во 2019 година бил Toyota RAV4, пред Honda CR-V и Nissan X-Trail. Сите три модели се во светскиот Топ 10 за лани. Средината на водечката десетка во СУВ-сегментот ја пополнуваат Nissan Qashqai и Volkswagen Tiguan, двата со продажба од околу 550.000 примероци. Тие сепак отсуствуваат во Топ 10.

Вториот сегмент што пораснал лани се пикапите. Нивниот удел на светскиот пазар пораснал од 5,33% во 2018 година на 5,52% лани. Секако дека најголем пазар за овој вид возила се САД и Канада, кадешто се регистрирани дури 3,53 милиони нови пикапи лани. Европа уште заостанува зад САД, со удел на пикапите од само 3,5 проценти.

Топ 10 најпродавани автомобили во светот во 2019 година

Toyota и Honda се покажуваат во одлично светло во светски рамки. Седум од десетте топ-модели доаѓаат од една од овие марки. Тоа во најголем дел се должи на достапните цени и на докажаната издржливост на нивните модели.

1. Toyota Corolla Sedan

Иако светскиот пазар е јасно ориентиран кон СУВ моделите, на лимузинската изведба на Corolla ѝ припаѓа светскиот врв за 2019 година, со повеќе од 1,2 милион продадени возила. Toyota Corolla подолго време е неприкосновена на северноамериканскиот пазар, а од новата генерација постигнува голем раст и во Европа, со 47.000 примероци лани. Компактната лимузина на Toyota се продава одлично и на македонскиот пазар, со педесетина примероци продадени во првите пет месеци годинава – земајќи ги предвид „мирните“ април и мај.

2. Toyota RAV4

Toyota го држи и второто место во светскиот Топ 10, со RAV4. Близу еден милион примероци биле продадени лани, со раст од 19 проценти во споредба со 2018 година. RAV4 исто така се има продадено во педесетина примероци, иако официјалните податоци за продажбата не се објавуваат од институциите.

3. Honda CR-V

Европскиот пазар не е најсилна страна на Honda CR-V, но затоа надоместува на другите пазари. Вкупната продажба за лани е 831.000 примероци, со раст од 14 проценти.

4. Ford F-150

Пикапот на Ford е најпродавано возило во САД во континуитет од 39 години. Тој им е погоден на тамошните возачи: Голем е, практичен, комфорен, но најмногу решава ниската цена.

5. Nissan Sentra

Sentra е уште еден модел што се спротивставува на глобалниот СУВ-тренд, со вкупно 772.000 продадени примероци. Лимузината се продава само во САД, како ривал на бестселерот Toyota Corolla. Цената на овој автомобил на големиот пазар преку океанот стартува од 19.000 долари.

6. Toyota Camry

Camry е редовна појава меѓу најпродаваните модели во светот уште од нејзиното лансирање во 1982 година. Од минатата година, лимузината се продава и во Европа, а неодамна беше на тест кај нас. Toyota Camry лани постигна 708.000 продажби. Лимузината ги има сите доблести што се бараат од овој класичен вид на каросерија. Таа е неверојатно комфорна, просторна, опремена, безбедна, а во потрошувачката е иста како градски автомобил.

7. Nissan X-Trail/Rogue

Nissan X-Trail (Rogue во САД) е поголема изведба од Qashqai и конструиирана е да им парира на покрупните американски СУВ-модели, како Chevrolet Equinox. Лани биле продадени 674.000 примероци. Тоа е за 10 проценти послабо од 2018 година и се должи на фактот што в година пристига сосем нова генерација.

8. Honda Civic Sedan

Honda Civic Sedan се придружува во класичното ривалство меѓу Sentra и Corolla. Со раст од два проценти, лимузинскиот Civic лани се продал во вкупно 670.000 примероци на светскиот пазар.

9. Honda HR-V

Уште еден модел на Honda во Топ 10. На главните пазари во Северна Америка, Австралија, Бразил и во Азија, вклучувајќи ги останатите светски пазари, HR-V лани постигнал 626.000 продажби.

10. Honda Accord

Honda Accord подолго од половина деценија отсуствува од европскиот пазар, но и натаму бележи одлична продажба преку океанот. Од лимузината лани се продале 587.000 примероци. Расте популарноста, продажбата се зголемила за 15 проценти, со што Accord е втор во поглед на растот на продажбата, по RAV4.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Lexus би се навредиле ако LS се нарече „јапонски S-Class“

Во Lexus би се навредиле ако LS се нарече „јапонски S-Class“

Mitsubishi со најголем раст од сите марки во Германија

Mitsubishi со најголем раст меѓу сите марки во Германија