Mitsubishi Outlander PHEV најпродаван хибрид, пред VW Passat и Volvo XC60, а Toyota воопшто не фигурира меѓу Топ 10 модели со две срца? Тука сепак станува збор за плагин-хибриди
Деталните статистики за продажбата на автомобили според погонскиот вид сé уште доцнат по неколку месеци, но вреди и чекањето. Официјално, во првите седум месеци од годинава, до јули, на европскиот пазар се продадени вкупно 213.322 патнички автомобили со електрифицирана погонска спрега – тоа значи, плагин-хибриди или PHEV (односно приклучни хибриди, како што многу поумешно ги водат нашите пријатели од Електромобилност) и батериски електрични возила или BEV.
Приклучните хибриди до јули постигнале продажба од 112.890 примероци на европскиот пазар
Оваа бројка добива на значење дури откако ќе се спореди со истиот период лани, а тогаш следува и сензацијата. Електричните автомобили, PHEV и BEV, годинава постигнале пораст од 41 проценти во продажбата! Уделот на батериските патнички автомобили изнесува 47%, додека останатите 53% отпаѓаат на приклучните хибриди. Обичните хибриди, најчесто моделите со хибриден погон на Toyota, кои минуваат најмногу еден километар само со енергијата во малата батерија, не спаѓаат во категоријата на електрични возила.
Откако се расчисти оваа мала забуна, затоа што многумина уште го поистоветуваат хибридниот погон со Toyota, да ги видиме хероите на електричната автомобилска револуција:
1-во место: Mitsubishi Outlander PHEV
10.824 продадени примероци
5,1% удел на пазарот на електрични автомобили
2-ро место: Volkswagen Passat GTE
8.439 продадени примероци
4,0% удел на пазарот на електрични автомобили
3-то место: Volvo XC60 PHEV
7.268 продадени примероци
3,4% удел на пазарот на електрични автомобили
4-то место: Volkswagen Golf GTE
7.021 продадени примероци
3,3% удел на пазарот на електрични автомобили
5-то место: Kia Niro PHEV
6.419 продадени примероци
3,0% удел на пазарот на електрични автомобили
6-то место: BMW 530e
6.172 продадени примероци
2,9% удел на пазарот на електрични автомобили
7-мо место: Mercedes GLC 350 e
5.856 продадени примероци
2,8% удел на пазарот на електрични автомобили
8-мо место: BMW 330e
5,668 продадени примероци
2,7% удел на пазарот на електрични автомобили
9-то место: BMW 225xe Active Tourer
5.647 продадени примероци
2,7% удел на пазарот на електрични автомобили
10-то место: Mini Countryman PHEV
5.000 продадени примероци
2,4% удел на пазарот на електрични автомобили
Некои од моделските имиња во овој Топ 10 список изгледа како да се на погрешното место? Заслугата за високото котирање во продажбата на изведбите со приклучен хибриден погон на Mercedes GLC и на цела низа модели на BMW е во тоа што купувачите добиваат екстра субвенции, кои се движат од 3.000 евра во Германија, до десетина илјади евра во Франција или Велика Британија.
Уделот на приклучните хибриди во вкупната продажба на патнички автомобили на европскиот пазар (ЕУ, ЕФТА и Турција) до јули изнесува 1,09 процент. Скептиците на електричниот погон нека продолжат да се забавуваат од „едниот процент“, но пред пет години, PHEV-автомобилите имале продажен удел од само 0,2 процент.
Автомобилите со приклучен хибриден погон имаат најголем удел во земјата во којашто се продаваат и најмногу батериски автомобили – Норвешка
По земји, приклучните хибриди учествуваат со најголем процент во вкупната продажба на автообили во Норвешка, што е сосем очекувано, а за многумина ќе биде и запрепастувачко, затоа што сепак се работи за удел од 19,79 проценти. Следат Исланд со 12%, Шведска (5,38%), Финска (4,09%), Белгија (1,8%), Велика Британија (1,74%), Португалија (1,34%) и Швајцарија (1,18%). Во топ 10 европски земји со најголем удел на електричните возила се вбројува и Холандија, но таму се продаваат повеќе батериски електрични возила (3,09% удел) наспроти приклучните хибриди, на коишто отпаѓаат само 0,49 проценти од пазарот на нови автомобили.
На македонскиот пазар, единствениот тренд е растот во увозот на користени автомобили за една третина. Во автомобилскиот среден век сме и во поглед на електрификацијата на погонската спрега. Toyota уште ни е синоним за хибриден погон.