90
234 shares, 90 points

Во ерата на кросоверите и СУВ изведбите, Volkswagen T-Roc настапува како да е автомобил што отсекогаш бил дел од уличната слика. Причината за тоа е Golf, кој ја позајмува платформата. Карактерот сепак е сосем различен. Едно останува исто. T-Roc станува „голф“ во продажбата на кросоверите.

Приказната за Volkswagen T-Roc би можело да биде мошне куса. Додека повеќето производители им се радуваат на кросоверите и на кросоверите кои се продаваат како СУВ, исто како што возач со гориво на резерва се радува на надолнина, Германциве немаат што да спасуваат со овој модел. Обично блиц-истражување ќе покаже дека е голем бројот на марките што постигнуваат повисока продажба со кросоверите и накај-СУВ изведбите, отколку со компактите кои се основа на тие модели. Докажано и потврдено, трендовските каросериски изведби им ја поправија продажбата на голем број производители.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кај Volkswagen е малку потешко тоа да успее. Kога T-Roc би се продавал подобро од „својот“ компакт, тој би требало да стане најпродаван автомобил на европскиот пазар, воопшто. Да го престигне Golf. Во тоа досега никој нема успеано. Освен, можеби, T-Roc. Според најофицијалните продажни бројки, голф-кросоверот во февруари се продал во 17.791 примероци на европскиот пазар, постигнувајќи раст од 140 проценти во споредба со истиот месец лани. T-Roc моментно е седми најпродаван модел, но воедно и најпродаван автомобил во СУВ и кросовер сегментот. Моментната постава на Volkswagen: Најпродавани Golf и Polo, веднаш по нив T-Roc, па потоа Tiguan. Сето тоа се случува во европскиот Топ 10.

Кога Volkswagen создава нов модел, го создава со амбиција да биде прв; Не се препушта на случајност, тоа е проивод од стратегија, експертиза, искуство

За случај конкуренцијата да се понадева дека Volkswagen T-Roc е развиен без преголеми амбиции и дека пазарниот залет ќе му трае најмногу година или две, мора да се има предвид следново. Кога Волфсбург подготвува нов модел за пуштање на пазарот, не го подготвува за друго, освен да биде прв во својот сегмент. Сé под тоа е неприфатливо. Евентуално може да се толерира бронзен медал. Таа обврска, или можеби предизвик, трае уште од Бубата и со генерации се пренесува кај Golf, Polo, Tiguan, Transporter, исто како на времето, кај Scirocco или Corrado.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Една автомобилска сорта што во моментов подзабавува, меѓу другото поради СУВ и кросовер бранот, може да биде најдобар пример за тоа каков пристап применува Volkswagen кога се развива комплетно нов модел во понудата. Волфсбург одолговлекуваше со претставувањето на Touran, додека Renault Scenic или Opel Zafira долги години постигнуваа шампионски продажби. Кога конечно се појави компактниот ван на VW, тој веднаш го презеде приматот. Touran, заедно со Scenic, денес се меѓу малкуте ванови кои уште постигнуваат солидни продажби.

Ознаката T-Roc се состои од „Т“ за гените од Tiguan и Touareg, и Roc, за Rock или карпа; Кросоверот имаше светска премиера на езерото Комо во Италија, сврталиште на богатите и славните

Сепак имало малку повеќе приказна околу T-Roc, којашто се разликува од вообичаените, дека „тоа е Golf со различна каросерија“ или дека некој модел од кругот на конкуренцијата „изгледа поубаво“. Токму за второво, кросоверот на VW остава малку простор. Практично, воопшто. Овој автомобил ќе направи и човек што веќе одамна го има кажано својот став, дека сите коли изгледаат исто, повторно да се заинтересира за изгледот и по долги години критичарска апстиненција да оцени: Добар е!

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најверна паралела меѓу T-Roc и Golf: Кросоверот во однос на својот компакт е исто како што W е во споредба со V во двете букви во логото, VW. По T-Roc, додуша и по Arteon, Volkswagen на најдиректен начин покажува, дека во марката не недостигаат дизајнери што ќе направат поголема врева во изледот на автомобилите, туку дека моделските имиња што го сочинуваат јадрото на марката се големи. Тоа не дозволува новите генерации на Golf или Polo да отскокнуваат од претходните. Но, кога тоа е дозволено, тогаш се случува буквално дизајнерска експлозија.

Кога модел на Volkswagen нема свој претходник што ја одредува рамката на дизајнот, се случува ова – дизајнерска експлозија или T-Roc; Не е мистерија дека кросоверите често се купуваат како стилски или трендовски избор; Рокеров го умее и тоа

Volkswagen T-Roc нема свој претходник и ослободен е од рамки што би го ограничувале во изгледот. Во секој агол на каросеријата постои дел што е дизајниран како за второ ниво, над основното: Во шестаголната маска со хромирана лајсна горе и долу, заедно со вешто изведениот кос засек на преодот кон светлата, во издвоените трепкачи и дневни светла, во хромираниот лак над страничните прозорци кој доминира во страничната слика, заедно со заоблениот раб околу задните тркала, во закосеното задно стакло како кај купе, во самоуверено испишаното име T-Roc во задниот капак или во фалбаџиски изведениот раб меѓу задните светла, кој ќе предизвика познавачите на техниката на производство да се запрашаат, како е можно…

New photo by Automedia MK / Google Photos

Куса споредба на димензиите со Golf: Кросоверот е покус за 24 милиметри, поширок е за 20 mm и повисок за 81 милиметри. Со 2,59 метар, меѓускиното растојание на T-Roc е покусо за 30 милиметри. Најмалото растојание од подлогата е поголемо за 19 милиметри и изнесува 161 милиметри. Багажникот располага со рекордни 445 литри во класата, што е за 65 литри повеќе од компактот.

Volkswagen не се полакомува да ја надува каросеријата и да го продава T-Roc божем припаѓа во повисока класа; Нема потреба за тоа, Tiguan одлично го покрива својот сегмент од СУВ-пазарот, честопати нарачуван и во конфигурации кои вредат 40.000 евра

Во споредба со Tiguan, пак, кој само „историски“ спаѓа во класата на компактните СУВ-модели, T-Roc е покус за 25 сантиметри, понизок за 6 сантиметри и има околу три сантиметри помалку растојание од подлогата. Со теренските мерки, аголот на пристап и аголот на излегување се дури за нијанса подобри кај кросоверот, со исклучок на аголот на рампа, кадешто сепак се покажува предноста на поголемиот клиренс. Тоа би требало да ги разреши сите двоумења околу местото на T-Roc во моделската понуда на Volkswagen.

New photo by Automedia MK / Google Photos

По вообичаената драматика што произлегува од звукот при затворањето на вратата, возачот се наоѓа во средина што не се труди премногу да убеди дека станува збор за модел кој припаѓа во повисока класа, како што е случај кај Golf. Се препознаваат прекинувачи и команди од „фау-ве“, волан од „фау-ве“, добра изработка, пријатно просторно чувство, добра ергономија … единственото отсуствува познатиот одговор кога ќе се затропа врз таблата.

Приоритетите се менуваат; Престижните материјали се заменуваат со поими на конективност и дигитализација; Лесното користење на средишниот дисплеј и пристапот до онлајн-услугите се поважни од тестот со тропање по таблата

Горниот панел од кокпитот е обложен со тврда пластика. Вистина е дека тоа не е првата пластика што им се нашла при рака на главните економи во куќата, која што би фрлила отсјај врз ветробранот при првото ниско сонце или би се изгребала и со нокот, но сепак е тврда пластика. И, што ако е? Освен тапиот звук и непопустливоста под прстот, со што видот на пластиката влијае врз комфорното чувство или врз возните својства?

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште една вистина е дека токму Volkswagen нé учеше на добра завршна изработка, кога во ерата на Хер Фердинанд Пјех почнаа да се користат силиконски придушувачи во дршките на таван – и под логото на VW се произведуваа претседателски лимузини од типот на Phaeton. Завршната изработка во маркава уште е на врвно ниво, единствено отсуствуваат такви „луксузи“ како меко обложена арматурна табла во модел што припаѓа во компакт класата.

Место сите да плаќаат за каприцот на мал круг купувачи, кои сакаат да возат најскапа опрема со најслаб мотор, таквите можности повеќе не постојат: Тоа го поевтинува производството и ја поедноставува дистрибуцијата

Многу работи се сменија во меѓувреме, откако акцентот во марката и во концернот се поставени на електромобилноста, онлајн-услугите и новите видови на мобилност. Основното ниво на опрема, на пример, не може да се комбинира со најсилните мотори. Кој сака 190 КС, погон на сите тркала и менувач со двојна спојка, мора веднаш да посегне и по повисоко ниво на опрема. Тоа ги скусува трошоците на производство и дистрибуција.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Разлика има и во составот на нивоата на опрема. T-Roc ја користи таканаречената Y-логика, по пример на Arteon. Буквата Y се однесува на разгранувањето на нивоата на опрема. Од базниот модел произлегуваат две повисоки нивоа, Style и Sport, кои се споредливи во поглед на обемот, но скроени се за различен профил на возач или возачка.

T-Roc не ја познава слабоста на многуте СУВ-модели; Возачот во крос-голф има добра прегледност при скршнување во десно, подрачје што кај повеќето „големи џипови“ останува во подрачјето на фантазијата – и во подрачјето на ризик од гребење на бандажите, или полошо, на каросеријата

Тоа што привлекува во T-Roc е истото што привлекува кај оваа сорта автомобили воопшто. Седнувањето и излегувањето е полесно отколку во обична комбилимузина, оние десетина сантиметри седење на повисоко носат подобра прегледност над сообраќајот, чувството е различно. Плус кај крос-голфот е тоа што при скршнување во десно се гледа добро парче од патот, поточно од тротоарот. Тоа што возачите на „големите“ СУВ-модели досега постојано го премолчуваа е токму проблемот со слабата прегледност во овој дел – едноставно посветете внимание некогаш, како врти возач на СУВ во тесна улица во десно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

T-Roc освојува симпатии и со задната клупа, во поглед на пристапот, просторното чувство, а особено во поглед на позицијата на седење. Клупата е поставена на совршена висина, за целите бутини да се потпираат на седечката површина. Кој се возел со часови на задна клупа на којашто има доволно простор за нозе, но морало постојано да се подместува на клупата, добро знае за што станува збор, кога се работи за висината на клупата. Уште еден момент во прилог на комфорното седење назад е тоа што под седиштата има доволно простор да ги собере целите стопала. Кај багажникот, единствена забелешка може да биде високиот товарен раб, што бара повеќе напор доколку се товарат тешки куфери или предмети. Од друга страна, плаќаме за подигање товар во фитнес-салите…

Моторот 1.6 TDI е добар познајник; Покрај 40-те килограми екстра во споредба со Golf, добар избор би бил и бензинецот 1.0 TSI со иста моќност, но и со цена одвај над 20.000 евра

Моторот 1.6 TDI со 115 КС е со важната додавка SCR, коајшто доаѓа од „селективна каталитичка редукција“ и работи заедно со Адблу. Оваа техника е единствениот начин за денешните дизели да ги исполнат строгите норми Euro 6d-Temp, што нашите „автомобилски регулатори“ уште не умеат да го признаат и соодветно да го евалуираат, преку даночни повластици или пониски трошоци при регистрација и осигурување. Бидејќи моторот е стар познајник: Реален просек околу 6,0 литри, крајна брзина 187 km/h (Golf 1.6 TDI 198 km/h), спринт од место до темпо сто за 10,9 секунди (Golf 10,2 s).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Контролната електроника на моменти го потсмирува моторот при посилно поаѓање и забрзување во првите два степени на пренос, меѓутоа за кусо време се воспоставува добра „соработка“ со возачот. Тоа што звукот од моторот е присутен со поостра, веројатно спортска нота, не се покажа како недостаток за време на тестот, затоа што се работи за фреквенции и тонови што увото добро ги поднесува. Кога на тоа ќе се додаде и добрата соработка со шестстепениот менувач, T-Roc примерно го минува поглавјето за погонската спрега.

Со возните својства, T-Roc е повеќе на спортската страна; Сепак е важен и имиџот на способна возачка машина

На лош квалитет на пат, амортизацијата повремено ќе испрати некоја нефилтрирана вибрација до патничката кабина, што се должи на умерено спортското дотерување на подвозјето. Тоа се ситни вибрации кои не заслужуваат поплака. Во возните својства, T-Roc е VW каков што го знаеме со години наназад. Тоа значи релативно висока возна динамика и основно дотерување на подвозјето што ќе им се допадне и на „ангажираните“ возачи и на оние возачи кои бараат возилото да им посредува впечаток за безбедност. Возни својства и возачки емоции – уште еден аргумент за „голф-рок“. Тоа што ги објаснува одличните возни својства: T-Roc е само 40 килограми потежок од Golf.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Можностите за избор, или подобро надградба на подвозјето, всушност претставуваат добар дел од целиот концепт на T-Roc. Кој сака поспортско подвозје, заедно со прогресивно управување, доплаќа 409 евра. Кој сака уште поширок дијапазон и избор на спортско или комфорно возење, зависно од расположението или од составот на екипажот, тогаш доплаќа 1.211 евра за приспособливо подвозје. Трета опција е избор на профил на возење, кадешто се вмешува и реакцијата на моторот, за 194 евра. Тоа што овие ставки се „исклучени“ од основното ниво не би требало да претставува недостаток.

Тоа што е заштедено со тврдата пластика или скусениот број на моделски конфигурации, се надоместува со ниските цени на дополнителната опрема и можностите за додавање сопствен печат

Постепено се кристализира логиката што доведе до тоа дел од кокпитот да биде обложен со тврда пластика или бескрајните можности за комбинирање од блиското минато да бидат заменети со помал број на „разумни“ комбинации од мотори, погонски конфигурации, стандардна опрема и опции. На тој начин, Волфсбург постигна пониско ниво на цени на основните моделски изведби во споредба, но остави повеќе простор за возилото да се скрои по свој вкус и желби. Во секое подрачје постои опција за надградба – што не значи дека основата не чини или е само ценовна мамка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тестираниот модел со 1,6 литарски дизел со 115 КС, во основната изведба чини 22.476 евра. Во познатиот манир на Порше Македонија, уште во основното ниво како стандард се вклучени голем број ставки од опремата за кои инаку би требало да се доплати. Како „дилерски стандард“, T-Roc доаѓа опремен со автоматски двозонски клима-уред, мултифункциски волан обложен со кожа, магленки и светло при скршнување, паркинг сензори напред и назад со графички приказ, блутут и УСБ, потпирач за рака напред, сензори за дожд и за светло, диодни дневни светла, систем за следење лента и самостоно запирање при опасност од судир.

Порше Македонија обезбеди рокот на испорака за основните нивоа на опременост да изнесува само неколку недели

Во стандардната опрема влегуваат и електромеханичка паркирна сопирачка, радио со дисплеј од 6,5 инчи на допир, греење на ретровизори, патен компјутер, систем старт-стоп. Бандажите стандардно се челични од 16 инчи, доплатата за алу-бандажи чини 432 евра. Порше Македонија обезбеди релативно кус рок на испорака на T-Roc во оваа конфигурација на опрема од само неколку недели, што секако треба да се признае како достигнување, додека целата дистрибутивна мрежа се бори за примерок повеќе од кросоверот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За разновидноста на можности да се додаде личен печат на возилото: Двобојна каросерија со покрив во црна, бела, црвена или темно кафена боја 454 евра; Специјална куркума боја и покрив во контрастен тон 936 евра; Бандажи од 19 инчи „Сузука“ 1.554 евра; Сребрени кровни шини 357 евра; Внатрешност во посебен стил 421 евра; Пакет за надворешност R-Line 1.326 евра или комплетен пакет R-Line за 2.852 евра.

Затемнети задни стакла за за 278 евра, радарски темпомат за 308 евра, автоматско долго светло за 143 евра…

Општиот впечаток сепак е различен од тоа го сугерираат наведениве ставки. Генерално, цените на ставките од дополнителната опрема и стилските опции се на прифатливо ниво. Стратезите на VW очигледно земаат предвид дека повеќето купувачи ќе посегнуваат по овие ставки и поради тоа цените ги позиционираат колку е можно пониско. Заработката на скапи ставки опрема не се практикува на оваа адреса.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Постои опција и за тврдата пластика во кокпитот. За 2.434 евра во нивото Style или 1.887 евра во Sport, следи кожена внатрешност, која меѓу другото опфаќа и пенеста облога и додатоци од вештачка кожа во облогите на вратите. Тоа е принцип на Tesla, кадешто постои опција за „премиум“ ентериер. И тоа повеќе не му пречи никому.

Силен мотор само во комбинација со многу опрема; Истото важи и за погонот на сите тркала или за менувач со двојна спојка

Новото правило во Volkswagen, а старо правило кај конкурентските марки, првенствено од Азија: Достапноста на некои ставки од дополнителната опрема се отвора само во повисоките нивоа на стандардна опрема и обично во комбинација со поголеми и посилни мотори. Истото важи и за погонот на сите тркала, без разлика што тој е вистинска реткост меѓу кросоверите и СУВ-изведбите во компакт класата. 4Motion се комбинира само со 2.0 TSI со 190 КС и со 2.0 TDI со 150 КС.

За менувач со двојна спојка исто така може само да се сонува во основните моделски изведби 1.0 TSI и 1.6 TDI. Но, токму овие „ограничувања“ му овозможуваат на Volkswagen, со цената да се приближи повеќе до конкурентскиот просек. Тоа е добро ако се земе предвид дека досега сите плаќаа екстра, поради малиот и исклучителен круг купувачи што само од каприц бараат највисокото и најексклузивно ниво на опрема да го комбинираат со најслабиот мотор. Или спротивниот случај.

Може ли Golf што не е Golf да биде подобар Golf?

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во Volkswagen ја избегнуваат паралелата меѓу Golf и T-Roc и тоа е сосем в ред. Кросоверот заслужува да се води посебно, затоа што прикажува различен карактер во возењето. Најкусото објаснување на разликата: Таму кадешто Golf е премногу фин да си ја извалка каросеријата или да си ги растресе патниците, T-Roc е добредојден. Може и следниов пример: Таму кадешто Golf е вообичаен и секојдневен, T-Roc е доволно стилски и трендовски. Токму таа дополнителна слобода привлекува најмногу кај кросоверите, кај овие реални и нефрустрирани кросовери, наспроти СУВ-изведбите што сосила се прикажуваат пред светот како големи и надувани СУВ-изведби.

Volkswagen T-Roc R
Рок на тркачка патека: Volkswagen T-Roc R наскоро ја заокружува понудата со преку 300 КС, а има потврда и за кабриолет изведба

Не треба да се бара смисла во двата сантиметри поголемо растојание од подлогата или во децентните каросериски детали во стил на теренец, за да се препознае дали T-Roc е вистинскиот избор. Автомобилов едноставно е различен, ама на добро. Како кросовер, тој повеќе ги вкрстува Syncro, Golf Country, G60 и Rallye, GTI, R и Golf Plus, отколку што вкрстува тешка нота на теренец со автомобил што треба да се вози секој ден и во секоја пригода.

T-Roc има исклучителна позиција, од една страна поради тоа што е Volkswagen, од друга страна поради тоа што е мошне блиску до Golf. Една сцена говори најдобро за местото што му припаѓа на овој автомобил. За неколку фотографии екстра, посетивме едно село во близина на Скопје. Обично, кога незнајници со нов и светнат автомобил ќе се појават сред село, следи гледање под око, сомнежи, недоверба во намерите за посетата. Овојпат е поразлично. Мештаните го препознаваат T-Roc како автомобил што отсекогаш бил тука, дел од автомобилскиот свет. Пријателски. Чиниш нема потреба да се објаснува дека тој е блиску до Golf. Исто како што никому на светов не треба да му се објаснува за Golf.

Volkswagen T-Roc со најголем пораст во продажбата лани

VW T-Roc R е дефинитивно Golf GTI меѓу компактните кросовери

Уште еден Volkswagen на струја: ID Roomzz премиерно во Кина

Volkswagen Touareg добива осумцилиндарски дизел со 421 КС


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

90
234 shares, 90 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *