166
21 shares, 166 points

Кој да се надеваше дека едно толку примерно моделско име ќе предизвика толкава мешаница. Речиси револуција. Овој „нестандардно“ бел Volkswagen Passat, не само што поретко запира на пумпа за точење гориво, туку запира и на погрешната. Но, така е само според околината. Една малечка, а релативно нова комбинација од три букви, којашто им значи многу во Volkswagen, исто колку на возачките и возачите на овој автомобил, ги менува нештата.

Volkswagen Passat е примерниот модел во автомобилската понуда на Волфсбург. Едно кусо историско навраќање, ограничено на новитетите во погонот, ќе нé потсети дека во 1988 година, Passat 1.9 TD стана дизел-GT, во време кога турбонатполнењето кај дизелот уште беше релативно ново, па десетината КС плус во споредба со „обичниот“ 1.9 D значеа многу. По половина деценија веќе следи TDI, па како што светот е одушевен од оваа кратенка доаѓа и 2,5-литарски V6 TDI со 150 КС. Уште се свежи и „PD“, постепеното боење на буквите во црвено, фамозниот DPF … до последниот покрупен чекор, битурбо со неговите актуелни 240 КС.

Историјата на Passat практично се поклопува со историјата на дизелот – иако постојат и славни „бензински“ поглавја, како VR6, G60 GT Syncro, петвентилски мотори од Audi, VR5, четирилитарски W8 со 274 КС, R36 со 300 КС. А, овој Passat нема ниту дизел под хаубата, што би ја донел следната голема дизел-револуција, но пак за него останува резервирано место на најскапите и највредни паркиралишта во градовите. Не само што го чека – речиси резервирано – слободно место за паркирање, туку и бесплатно е за него. Како тоа да е недоволно, па и обновувањето на енергијата му доаѓа бесплатно.

Бесплатно паркирање на најдобрите места во градот и бесплатно користење на полначите: Повеќе е до привилегијата, отколку до штедењето

Колку е важно тоа што паркирањето и користењето на полначите низ Скопје е привилегија – исто како и надвор од „метрополата“ – го покажува следниов пример: Беспрекорно белиот Volkswagen Passat GTE често го остававме на полначот пред скопската ЗОО за време на тестирањето. Но, една вечер ненадејно стана „густо“ пред полначот. Таму горделиво стоеше паркиран еден благороден британски теренец, со кабел закачен за полначот. Соседите ги познаваат ситуациите во маалото, па ни открија дека не помнат впечатливиот теренец некогаш претходно да бил приклучен тука. Тоа веќе оди кон урбана анегдота…

Passat GTE, значи, вози како плагин-хибрид, приклучен хибрид, електричен хибрид, PHEV … Погонската спрега се состои од 1,4-литарски TSI со 156 КС, електромотор со 115 КС, литиум-јон батерија од 13 киловатчасови вградена во подот пред задната оска и шестстепен менувач со двојна спојка. Според фабрика, капацитетот на батеријата дозволува досег до 56 километри, мерено според новата и пореална норма WLTP. Тоа е за триесетина проценти повеќе во споредба со батеријата во GTE пред моделското освежување на Passat.

Што се однесува до промените што сите изведби на моделот од средната класа ги претрпеа во рамките на темелниот „апдејт“: Полусамостојно запирање, поаѓање и следење свијок до брзини од 210 km/h (Travel Assist), напредни системи за поврзување со надворешни уреди како стандардна опрема, диодни матрични светла, капацитивен волан, неколку нови апликации, а на тоа уште и нови мотори, нова организација на пакетите на опрема и во основа зафати што Volkswagen вешто ги изведува во рамките на сериозен модел во сериозна класа.

Вредностите на Passat се познати веќе со генерации, со електромоторот во погонската спрега само се добиваат нови квалитети

Без одолговлекување, тоа што е најинтересно кај моделот што сега доаѓа првпат на македонскиот пазар, секако дека е можност за возење чисто на струја, како и самото функционирање на хибридниот погон, што е ново како доживување во „дизел-класичарот“. По пример на турите до пет места во околината на Скопје, коишто ги направивме во рамките на репортажата со плагин-хибридниот Mini Cooper S E Countryman All4, така и овојпат смисливме неколку предизвици.

Првата задача што ја поставивме за Volkswagen Passat GTE беше проверка колку енергија ќе произведе хибридната погонска спрега на спуштање од Рамно, на Скопска Црна Гора. Со петнаесетина преостанати километри за возење на струја, појдовме по угорнината следејќи го познатото сценарио. Прогнозата за досегот паѓаше прогресивно, како што интелигенцијата на патниот компјутер препознаваше дека претстои малку повеќе напор.

Ако се исклучи огромната разлика во ефикасноста, во принцип е иста работата што треба да ја заврши секој погон, било да е дизел, било да е електромотор. Тоа не значи друго, туку значи дека и електромоторот исто толку интензивно црпи енергија од батеријата, исто како што мотор интензивно согорува гориво при совладувањето на нагорнината. Не може да се очекува тешка лимузина од преку 1,7 тон да потроши еден киловатчас за искачување до Рамно. Passat GTE сепак се искачи до Бродец само со енергијата од батеријата (со полна батерија е сосем извесно дека ќе се искачевме само на струја), по што Volkswagen продолжи како хибрид. Но, целта ни беше батеријата да ја испразниме целосно пред спустот.

Кој кажува дека погонот на струја привлекува поради пониските трошоци, не кажува верно; Волшепството е во чувството при возењето – ова трае до педесетина километри во еден потег

Разликата е во релаксираноста што ја обезбедува електромоторот при возењето. Тоа е неспоредлива разлика и тоа е суштината на возењето на струја, волшепството. Додека кај обичен мотор се слуша варирањето на вртежите и се чувствува кога моторот се напрега повеќе, односно кога снемува моќ, при погонот на струја се ужива во тишина и во рамномерно испорачување на моќност од електромоторот до погонските тркала. Нема брмчење, нема чекање да се совлада турбо-дупката (нема ниту чепкање по преносот), колата напредува угоре небаре е закачена за некоја моќна Scania напред.

Горе на висорамнината имаме точно нула досег. Белиов Passat обично поаѓа на струја, но овојпат мора да се ангажира моторот на неколку стотини метри, додека фати залет. До долу ќе возиме само под дејство на земјината тежа и под инерција – освен на неколку места, кадешто мора да се потроши малку од „самопроизведената“ енергија, затоа што има неколку остри лакти, во кои мора да се потсопре, па следи благ пад по нив.

Посебно уживање е кога лимузината ќе се пушти по надолнина, а притоа се полни батеријата

Возењето по надолнина, како омилена возачка дисциплина, во којашто нашата редакција научи да ужива уште при 800-километарската тура низ Македонија со Toyota Corolla Hybrid, по петте големи превои на рутата, уште не изгубило од фасцинацијата – затоа што секое возење по надолнина значи полнење на батеријата. Генијално функционира користењето на „моторното сопирање“. Со повлекување на бирачот на менувачот од положба D наназад, се вклучува опцијата B и се засилува дејството на рекуперација, односно погонската спрега го сопира возилото.

Што всушност се случува? Електромоторот се напојува со струја, но кога ќе му се доведе енергија, текот на струјата се менува и тој почнува да работи како генератор. Кога возилото ќе се пушти да се движи под инерција, електромоторот произведува електрична енергија, којашто се складира во батеријата. Тоа е познатиот поим за рекуперација. При спуштањето ретко имаше потреба да се притиска сопирачката. Место тоа, доволно е бирачот за возење да се префрли од D во B, односно рачката кусо да се „типува“ наназад, и Passat потсопира.

За кусо време возачот се учи правилно да ја користи оваа не само практична, туку и суштинска функција на погонската спрега. Уживањето е вистинско кога ќе се погледне како батеријата за тоа време се полни се повеќе и повеќе. Кога лимузината треба повторно да земе залет, доволно е рачката повторно да се повлече наназад, односно да се врати од B во D. Дејството е прогресивно, така што без ова редовно префрлување во D, спуштањето би било со брзина на одење пеш. Тоа за многумина е нов момент во возењето, кој долго време ќе биде забавен. Возачите на хибридна Toyota само задоволно ќе се насмеат за тоа. Ефектот долго им е познат.

Секако дека дополнително уживање претставува и тишината. Една постапка што денес е незамислива во градски сообраќај, тука се презема речиси рефлексно: Отворање прозорец и акумулирање чист воздух. Плус, тишина што не се купува

На крајот на надолнината, кусо пред Радишани, дисплејот покажува сензационална вредност: 19 километри! Тоа е енергија што во батеријата се акумулирала само од спуштањето. Апсолутно бесплатно. Но, можеби вештачката интелигенција не пресметала добро, колку овие 19 километри навистина се 19 километри? Ние проверуваме, не веруваме.

Следи возење во правец на Петровец. Во Бутел скршнуваме кон надвозникот и возиме по обиколницата. Темпото е 100-110, сосем солидно. Со енергијата што Passat GTE сам ја произведе, извозуваме до клучката за Кадино. Дисплејот вели дека ни останува уште еден километар досег, приближно толку има до патарината кај Петровец. Ние се враќаме за Скопје. Целиот овој пат, десетината километри спуштање од планината, плус патот од Бутел до пред Кадино, го минуваме без потрошен грам гориво.

Враќањето по автопат е вистинска пригода да се провери ведоростојноста на системската моќност од 218 КС на „електрифицираниот“ GT. Уште подобро е притоа да се активира и режимот GTE, за когошто постои посебно копче покрај бирачот за возење. Тоа значи соодветно ускладување на работата на 1.4 TSI и на електромоторот, за динамично возење, што дополнително е придружено и со поспортски звук – што се слуша само во кабината. Притоа и педалата за гас, логиката на менувачот и реакцијата на управувањето се префрлуваат во спортски режим.

Зафатнината на моторот од 1,4 литар и сомнежот дали тој ќе биде способен да обезбеди динамика за тешката лимузина, не би требало да служи како основа за критика, особено ако се земе предвид, дека силното почетно повлекување во „GTE“ и гаранцијата дека големиот Volkswagen секогаш ќе биде прв во првите педесетина метри при поаѓање од семафор, се апсолутно споредни моменти, кои едноставно не пречат ако „постојат“ во возилото.

Брзината станува споредна работа во Passat GTE – иако автомобилов е способен за 222 km/h и за 7,4 секунди за спринт од место до темпо сто

Поентата на плагин-хибридниот погон е секое поаѓање да биде со полна или барем блиску до полна батерија. Во тој случај прво се вози само на струја (до брзина од 140 km/h), колку што дозволуваат конкретните услови и секако наполнетоста, за потоа Passat GTE да продолжи да вози како класичен хибрид. Германските техно-генијалци сепак оставиле печат и тука.

Кога се вози во хибриден режим, на пример, по автопат, возачот може да го менува степенот на наполнетост на батеријата. Со два потези низ менито се доаѓа до изборот на степенот на наполнетост, кој може да се менува во пет степени, во чекори од по 20 проценти. Доколку се избере понизок степен, интелигенцијата на погонот ќе го користи TSI како генератор да ја наполни батеријата само до тоа ниво и понатаму продолжува класично. При повисок степен, на пример за наполнетост од 80%, TSI соодветно ќе работи подолго како генератор за да ја наполни батеријата до четири петини. Тоа е корисно, ако на пример, по возењето по автопат, целта се наоѓа во строго градско подрачје со ограничен пристап само за електрични возила – батеријата практично се чува наполнета до влегувањето во тоа подрачје. Доколку службени лица утврдат дека возило пристапило во зоната со погон на обичен мотор, следат високи казни.

Досегот од педесетина километри на струја се покажа како реален. Тоа е сосем доволно да се извози на струја до повеќето излетнички места или ресторани околу Скопје. „Рекламата“ дека ни обезбедиле полнење на батеријата, за време на нашиот престој, во еден ресторан во скопско не им се чинеше доволно вредна на келнерите, од кои побаравме да го приклучиме возилото на обичен приклучок за струја. Одговорот: „Немаме толку долг продолжен кабел…“ Таа е реалноста, на угостителите уште не им вреди да се рекламираат со обезбедено полнење на електрични автомобили. Иако тоа значи само доволно долг продолжен гајтан во подрум, објава на социјалните мрежи и плус наплата за услугата.

Следен предизвик беше испробување дали досегот е доволен да се извози на струја до град во Македонија, во когошто ЕВН наведува дека има поставено полнач, за батеријата да се наполни додека се прошета, а богами и да се касне нешто во градот. Нам како најинтересна опција ни се виде Велес. На веб-страницата пишува дека има еден полнач во градот, на паркиралиште во самиот центар, кај „коњот“. Поучени од искуство во секакви пригоди, се јавува сомнеж дали полначот во Велес работи, и уште поважно, дали полначот ќе биде слободен – не од друг електричен, туку од било каков автомобил, чијшто возач едноставно нашол празно место.

Вистинскиот предизвик е дали со досегот што го дозволува Passat GTE може да се извози до друг град и таму да се користи полначот, за враќањето исто така да биде на струја

Целосното полнење на батеријата, инаку, трае 3:40 часови. Утрото автомобилот го приклучуваме на полнач, за на поаѓање на пладне, преку мобилната апликација што е развиена од Volkswagen да дознаеме дека батеријата е наполнета и можеме да очекуваме енергија за 62 километри. Во неколкуте минути пеш до возилото, преку апликацијата пуштаме да работи климатизацијата, да ја излади кабината пред поаѓањето на пат. Струјата доаѓа директно од полначот, тоа нема последици врз досегот.

Овојпат мораме да штедиме, затоа што кусо по излегувањето од Скопје, досегот веќе паѓа на вредност од 45 километри, а ние имаме најмалку уште толку до нашето одредиште во Велес. Passat по моделското освежување е опремен со Travel Assist, односно систем за полуавтоматско возење, кој дејствува од 0 до 210 km/h. Во претходникот, сличен систем дејствуваше само до темпо 60. Во основа, „помошникот при патување“ потсопира самостојно кога напред има побавно возило, го запира возилото целосно кога ќе се наиде на колона во застој на пат, за потоа самостојно да појде, ја следи лентата и го коригира правецот, дури и во свијоци на автопат – во поостри свијоци, системот не се „впушта“.

Во Велес практично ни излезе резервирано бесплатно место за паркирање, па и бесплатно користење на полначот

Со темпо меѓу 90 и 100 наместено на радарскиот темпомат, батеријата достига до патарината пред Велес, кога остануваат уште два-три километри. Струјата не е доволна до градот, но воопшто не е малку што без грам гориво извозевме до езерото Младост. До Велес има околу пет километри, количината гориво што ќе ја потрошиме е незначителна.

Доаѓа моментот на вистината. Дали полначот работи и дали (местото) е слободен/но? Како да е резервирано, местото е слободно и веднаш е на влезот на паркиралиштето во центарот на градот. Всушност има две места за електрични возила, како што пишува и на веб-сајтот на ЕВН. Полначот свети, приклучувањето трае одвај две минути, се поминува со претплатничката картичка преку читачот и почнува полнењето. Дисплејот пак покажува 3:40 часови. Апликацијата ни е вчитана во телефонот, ќе го надгледуваме полнењето оддалеку.

Неколку минути пред да заврши полнењето, пак ја вклучуваме климатизацијата, додека се враќаме кон возилото. Сé минува беспрекорно, батеријата е полна и подготвена за 62 километри, исто како што покажа апликацијата

Претпоставка е дека по пат назад ќе ни остане енергија во батеријата. За тоа поаѓаме оттаму што по Ветерско следат неколку километри надолнина, кадешто ќе се полни батеријата и ќе се надомести за струјата потрошена по долгата и голема нагорнина дотаму. Рекуперацијата, односно искористувањето на кинетичката енергија за полнење на батеријата, во груби рамки постигнува ефикасност од околу 60%. Тоа значи дека три петини од енергијата што возилото ќе ја потроши да се искачи по (блага) угорнина, ќе се генерираат при спуштање по истиот пат.

Така и бидува. На влез во Скопје, лимузинскиот GTE ни покажува дека во батеријата има енергија за уште осум километри. Тоа веќе е една мала сензација. Околу прашањето, колку троши големиот Volkswagen, вклучувајќи повремено полнење на батеријата и повремено испробување на моќниот GTE-старт, најверодостојниот одговор го дава податокот за просекот по 3.362 километри, а тој вели: Просечна потрошувачка на бензин 5,4 l/100 km, просечна потрошувачка на струја 6,3 kWh/100 km, со таа напомена што вториов податок не се „плаќа“ во толкав износ. За нашата тура, просекот покажа 3,7 l/100 km и 9,7 kWh/100 km. За тоа нема потреба од натамошно објаснување.

Сцената, реагираше исто така, како за една мала сензација. Порше Македонија имаше реализирано повеќе од стотина пробни возења, пред Passat GTE да пристигне на тестирање во нашата редакција. Возењето на струја е на пат да прерасне во престиж и желба за разликување од масата, за индивидуалност. На тој начин почнуваат „новите“ технологии, пред да станат масовни и достапни за поширокиот пазар.

Порше Македонија кај плагин-хибридите сега се наоѓа во улогата што своевремено ја одигра и сé уште ја одигрува Тојота Авто Центар, кај чистиот хибриден погон. Од двете нивоа на опрема во коишто е достапен Volkswagen Passat GTE, едното Business со редовна цена од 44.219 евра, другото Elegance за 47.924 евра, Порше го промовира повисокото ниво – со цена од 39.900 евра.

Плагин-хибридот ќе станува реалност и на македонските патишта, но е потребно и властите да покажат поголеми познавања од автомобилската сцена, пред да воведуваат промени во постоечката регулатива

Покрај ексклузивната погонска техника, плагин-хибридот вклучува и ексклузивно ниво на опрема, кадешто веќе не се бројат тризонски клима-уред или дисплеј од 9 инчи (кој меѓу другото реагира и при замавнување со дланката пред него), туку многу посуштински и поактуелни ставки, како матрични диодни светла, предни седишта со врвна ергономија, облога на седиштата од кожа и велур, интернет комуникација телефон-возило со тригодишен договор, спомнатиот пакет Travel Assist и приказ на возилото од горна перспектива при паркирање. Плус, кабел за приклучување на полнач и кабел за сопствениот полнач во возилото.

Плагин-хибридот, кого македонската сцена го познава уште од Mitsubishi Outlander PHEV, се докажува како нова погонска опција во понудата на нашиот пазар, покрај многу помасовно застапениот чист хибрид. Радува тоа што моќен автомобилски субјект настапува убедливо во поглед на плагин-хибридот, кој веројатно нема да смени многу во пазарниот удел и да ги замени дизелите во средната класа преку ноќ, но затоа ќе придонесе за сцената да почне да ги разликува автомобилите според степенот со којшто тие влијаат врз животната средина.

 

Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ цела Македонија (Дел 1)

Mini што вози 200 km на струја и неколку километри на бензин

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

166
21 shares, 166 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *