Со втората хибридна варијанта во гамата на Toyota Corolla, со нов дволитарец и системски 180 КС, модел со две срца првпат настапува со карактер на спортски автомобил. Оваа погонска варијанта доаѓа на тест во комбинација со комби-каросерија и супервисоко ниво на опрема. Овој Touring Sports е крстосувач кој ги надминува границите на компакт класата. Во поглед на традиционалните вредности, во штедливоста и емисијата, 2.0 Hybrid не отстапува.
Оваа Toyota Corolla, со боја што може да се гледа како уметничко дело и долга е речиси колку Mercedes W123, всушност е симулатор за изобилство. Автомобилов од компакт класата, значи дел точно од тоа што претставува јадро на домашниот и општо на европскиот пазар, и блиску е до претставата и искуството на најширок круг возачи, на многу ненавредлив начин посредува какво е чувството да се живее во изобилство.
Симулација како симулација, многу е поверодостојна кога се користи пример од секојдневието. Притоа, оваа Corolla, или поточно Toyota Corolla Sports 2.0 Hybrid Luxury Pano Roof, ако веќе треба да се именува целосно, ја постигнува симулацијата на луксуз многу поприродно и без факторот на гротескност, како што е случај кај еднонасочните временски машини со луксузна провиниенција, што со пристигањето по македонските улици и патишта привремено се спасени од топење во старо железо.
Човек го сфаќа начинот на функционирање на оваа Corolla, откако ќе открие дека таа прави буквално во секое подрачје да има нешто повеќе. Почнувајќи од каросеријата, на пример. Touring Sports е комбито во моделската гама на јапонскиот компакт, со повеќе простор во кабината и многу повеќе место за багаж, приспособливо според секаква замисла и потреба при превоз на покрупен багаж или спортска опрема, а богами и изгледа убаво.
Со близу 4,7 метри меѓу браниците, Touring Sports е за цели 28 сантиметри подолг од изведбата со пет врати
Со должина од 4,64 метри, „TS“ е покуса за десет сантиметри од Audi A4 Avant, но подолга за 28 сантиметри од изведбата на Corolla со пет врати. Во меѓуоскиното растојание од 2,7 метри, исто така има екстра шест сантиметри во споредба со класичната комбилимузина со спортски крој. Во багажникот се случува тоа што Хрватите го нарекуваат фешта: 598 литри, наспроти 361 литар кај комбилимузината и 471 литар кај лимузината. Хибридната погонска спрега одзема малку простор, така што багажникот „губи“ 17 литри, меѓутоа зафатнината пак се сведува на луксузни 581 литар. Максимумот изнесува 1.606 литри.
Во класата, најмногу простор за багаж нуди Kia Ceed Sportwagon, со комбинацијата од 625 и 1.694 литри, додека почетниот праг му припаѓа на Renault Megane Grandtour, со 521 и 1.504 литри (Ford Focus Turnier: 575/1620 l; Opel Astra Sports Tourer: 540/1.630 l; VW Golf Variant 605/1620 l). Меѓутоа, традиционалните комби-зависници знаат дека уште поважно од зафатнината на багажникот е дозволената носивост. Нејзината вредност во случајов: 585 kg. Тоа е Toyota на дело. Такви „детали“ влеваат доверба кај една марка. Кај оваа, секако.
Најголема дозволена носивост, во комбинација со најниска тежина на возило, а притоа и со хибриден погон
Во овој значаен параметар, Corolla води со 93 kg пред споредливата изведба на Megane Grandtour и со 105 kg пред Ceed (Focus и Golf по 535 kg, Opel 565 kg). Пропаднати амортизери и опаш што продолжува да скока десетина пати по секоја нерамнина на патот, како и предвреме истрошени сопирачки, последица се токму од непочитувањето на дозволената носивост – колку таа е пониска, толку е поголем ризикот да се преоптовари подвозјето. Влошувањето на возните својства е надвор од секаков коментар. Тука веднаш следи уште еден триумф на јапонското комби. Единствено Golf е полесен, за 5 kg. Да не се превиди, во оваа Corolla сепак функционира хибридна погонска спрега.
Тоа е само вовед во изобилството што го нуди комбиво. Чудно е како автомобилов со леснотија успева да ја заживее глетката на автомобил со „странски“ таблици, паркиран во борова шума, покрај хотел со пристоен број ѕвезди. Corolla Touring Sports мириса на лето и на летен одмор, на тивко место што е на безбедна оддалеченост од улиците по коишто возачи се изживуваат врз девалвирани дизели. Тишината се однесува на хибридниот погон. Тоа, сепак, малку подоцна.
За три месеци се испорачани 82 примероци од Corolla, уште десетина возила се на пат
Во меѓувреме, комби каросериската изведба доживува ренесанса меѓу македонските возачи, барем во случајот на Corolla. Од 82 испорачани примероци (!) и уште 10 примероци на чијашто испорака се чека, за период од само три месеци од стартот, околу една третина се Touring Sports. Купувачите секогаш го имаат крајниот збор, а тој гласи: Дополнителниот простор во кабината и екстра дозата на функционалност, вредат за разликата од 1.500 евра во цената меѓу верзијата со пет врати и комбито.
В ред, Corolla Touring Sports има огромен багажник и каросерија што вешто го прикрива тоа, но што друго има да понуди овој автомобил, па толку се потенцира тој подеднакво доброчинителски и иритантен поим, изобилство? Погонот, на пример. Toyota првпат понуди две варијанти на хибриден погон. Покрај стандардната со 1,8-литарецот и со системски 122 КС, оваа комбинира дволитарски бензинец и електормотор, со системски 180 КС. Значи, конкретнава Toyota на тест не е само хибрид, туку е хибрид со 180 КС.
Комбинацијата од Corolla, хибрид, комби каросерија и ниво Luxury нуди повеќе од очекуваното во секој поглед; Ова е Toyota со дополнителна вредност, но без превисок данок за тоа
Продолжение во истиот стил: Темпоматот не е темпомат, туку е радарски темпомат со можност за целосно запирање и комотно следење на колона возила напред; Системот за следење лента не само што самостојно зафаќа во воланот и го враќа возилото, туку и автоматски го одржува возилото во лента и врти во свијоци, дури и при брзини за автопат; Предните светла користат диодна техника за сите функции, но истата техника се користи и за осветлување на тој џиновски багажник; Покривот не само што се отвора, туку и целосно е застаклен; Бандажите се од лесна легура, но имаат и пречник од 18 инчи; Паркинг сензори работат и напред и назад, заедно со камера, но автомобилов може и автоматски да паркира; Седиштата се спортски и со врвна ергономска потпора, но и обложени се со алкантара… Секогаш постои некое „но“, кое укажува на тоа дека оваа Corolla нуди нешто повеќе во секој поглед. Toyota со дополнителна вредност, за којашто и не мора да се плаќа превисок данок. Бидејќи е хибрид.
Уште за багажникот. Јасуши Уеда-сан, главниот човек зад новата генерација на Corolla, очигледно го развивал комбито како лајфстајл-транспортер, место како работно „комбе“. Сите површини назад се обложени со дебел и издржлив тепих. Покрај спомнатото диодно осветлување, коешто се состои од ленти со по пет светлечки модули, долги по половина метар, од обете страни на багажникот, постојат и рачки за соборување на задната клупа, директно од багажникот, со што се избегнува класичното рашетување околу возилото.
Бројни детали само во багажникот откриваат со колку внимание и уживање е произведен овој автомобил
Надолжно по површината на подот се поставени лајсни, со гумирана средина, кои спречуваат куферите или натоварените кутии да лизгаат по подот. На тоа следат и две посебни касети, една за собирање на прекривката, друга за мрежата. Под дебелата и цврста подна подлога, што навистина ќе го издржи товарот на куферите – а тоа честопати се покажува како голем пропуст кај комби-моделите – се наоѓа длабока преграда, којашто останува слободна доколку се користи кит за поправка место резервно тркало. Поглавјето за багажникот само ја заокружува претставата за тоа со колку уживање и внимание е конструиран и изработен овој автомобил.
Некогаш се покажува и колку е важна улогата на добавувачите во денешното производство на автомобили. Ниту еден од четирите капаци на лежиштата за мрежа во таванските траверзи не се влежиштува. Колку пати и да се притискаат тие малечки пластични капаци, тие пак упорно се извлекуваат од лежиштето. Во совршена средина каква што произведува Toyota, такви детали добиваат комична нота. Малкумина ќе го забележат тоа, и секако, станува збор за минорен пропуст, кој сепак не фрла ниту прашинка врз имиџот на маркава.
Трета моделска изведба од новата Toyota Corolla на тест и не можело една од друга да бидат поразлични во впечатоците при возење
Оваа Corolla е трета моделска изведба што пристига во Аутомедиа, по комбилимузината со 1,2-литарскиот турбо и лимузината со 1,8-литарската варијанта на хибридниот погон. Да не се повторуваме: Чувството на просторност на предните седишта е фантастично, ракувањето е примерно, изработката врвна, седиштата комотни и доволно цврсти.
Најсилен впечаток остава подвозјето. Првично претпоставивме дека овојпат се работи за изведба на Corolla со активно подвозје, но по консултација со Тојота Авто Центар се покажа дека сепак е стандардната верзија. Чувството при возење на Corolla Touring Sports, при балансот што го произведува хибридната погонска спрега со 2,0-литарскиот бензинец, најлесно се објаснува преку чувството кога по долго и напорно пешачење, ќе се седне зад волан и ќе се почувствува колку е лесно кога на механиката ќе ѝ се препушти да го реализира движењето. Тоа чувство кај Corolla се повторува при секое седнување.
Ако се слуша некој неприроден звук во кабината, тој сигурно не произлегува од оваа Toyota; Тивкиот хибрид е „виновник“ за тоа
Второ што импресионира е тишината. Во малку автомобили се слуша кога ќе се притиснат прекинувачите или кога палците лизгаат по командите за системите за асистенција на воланот. Затоа следи и панична реакција, кога одненадеж ќе се слушнат неприродни звуци за Toyota, за на крај да се утврди дека истите доаѓаат од обетките на сопатничката, којашто збунето ќе праша: „Што ме гледаш така?“
Хибридниот погон во Corolla 2.0 Hybrid располага со 180 КС. Па, што ако! Во компакт класата постојат модели што возат и со 300 КС. Откако браншата започна со електрификација на погонската спрега, благодарение на Toyota, меѓу другото, значењето на коњските сили бледнееше прогресивно. Нормално дека вистинскиот љубител никогаш нема да признае дека електроните се подобри од октаните, барем не јавно. Но, исто толку е нормално, секој што ќе го почувствува ефектот од електромоторот во погонот, да го засака возењето на струја.
Toyota официјално не наведува дека 2.0 Hybrid е спортска варијанта, но ние тврдиме: Овој комби е забавен за возење и патување
Хибридната конфигурација со новиот дволитарец се опишува кусо: Ова е многу забавно! Класичниот „тест“, кога ќе се начека празна делница и ќе се појде од место со полно забрзување, досега обично не предизвикувал спектакли, кога се изведува со хибриден модел – освен со LC 500h или слични. Претходно возената Corolla 1.8 Hybrid забрзува примерно, убедливо повлекува и при престигнување, а завивањето на CVT-менувачот е ставено под контрола и целата процедура на нагло забрзување минува многу попријатно за слухот. Но, сето тоа се одвива во подрачјето на пристојност. Дволитарскиов хибрид е брутален, речиси неартикулиран и многу е забавен.
Наспроти 1.8 Hybrid, кадешто комбинацијaта се состои од 1,8-литарец според еткинсонов циклус, со VVT-i и електромотор со 53 kW, односно 72 КС, кај 2.0 Hybrid, покрај тоа што бензинецот постигнува 190 Nm (142 Nm каj 1.8H), следи и електромотор со 109 КС и вртежен момент од 202 Nm (163 Nm кај 1.8H). Дволитарецот ја користи основата од „1,8“ и има идентичен пречник од 80,5 mm, но затоа одот на клипот изнесува 97,6 mm (88,3 mm кај 1,8).
Нема подрачје што е оставено без да се извлече максимумот: Олеснет мотор, ниско тежиште, големо уживање при возењето
Исто како кај помалиот мотор, ѕидот меѓу два цилиндри е дебел само 2,3 милиметри, што укажува во колкав обем се одело на намалување на тежината и димензиите на самиот мотор. Главата на моторот исто така има филигранска конструкција, олеснето е и куќиштето на синџирот и преработен е вентилскиот механизам. Во вшмукувачката гранка се постигнува поголемо вртложење во споредба со 1,8, пумпата за масло е различна, преземени се бројни мерки за смалување на триењето. Дополнително и компресијата е зголемена од 13,0:1 на 14,0:1.
Значајна разлика прави и примената на VVT-iE за вшмукувачките вентили. Станува збор за варијабилно управување со вентилите, но не преку притисокот на масло, туку преку електромотор. На тој начин се постигнува повисока моќност, додека потрошувачката на гориво и емисијата на штетни материи во исто време се смалуваат.
Дури и погонот на пумпата за вода е преработен со цел бучавата да се сведе на минимум
Постојат бројни причини зошто моторот е толку тивок и смирен: Балансирачко вратило, оптимирани држачи на моторот, преправки во конструкцијата на менувачот, полирани запченици, лесен синџир или преработен електромотор за пумпата за вода.
Дволитарскиот хибрид постигнува и повисока крајна брзина при погон само на струја, имено 115 km/h. Затоа не треба да изненади кога при возење надвор од град ќе се забележи дека Corolla во моментот вози само на струја. Во основа постојат разлики меѓу двете погонски варијанти и настрана од системската моќност. Посилниот хибрид поседува и батерија со поголем капацитет и повисок напон, па соодветно и електромоторот, кој исто така е посилен, почесто се ангажира и учествува со повисока моќност. Разликата се забележува и во тоа што бензинецот кај 2.0 Hybrid се вклучува многу подоцна отколку кај класичната варијанта. Нормално дека и батеријата се полни повеќе при сопирање или спуштање по надолнина. CVT-менувачот исто така е сосем различен.
Поголемата батерија и помоќниот електромотор се грижат забрзувањето да биде импресивно како кај чисто електричен автомобил; На батерија се вози со 115 km/h
Спомнатата забава при нагло поаѓање: Corolla 2.0 Hybrid со цел го ангажира целосниот потенцијал на „електриката“ во погонската спрега, токму заради способноста на електромоторот да повлече со максималниот вртежен момент буквално уште од старт. Погонот лепи за седиштето до темпо од околу 60-70 километри на час, кога презема моторот и го завршува спринтот. Притоа добро се слуша и зуењето од електормоторот, нешто слично како турбо-шиштење. Голема е веројатноста дека ваквите моменти ќе создадат зависност. Најдоброто е што по повеќе вакви спринтови не мора да се бара полнач за струја. Батеријата ќе се наполни при возењето, со помош на некаква вештачка интелигенција што очигледно функционира.
Соодветно на сменетиот режим што Corolla 2.0 Hybrid го наметна при тестот, потрошувачката достигна околу 6,5 литри – тоа не значи дека новата погонска варијанта со две срца троши повеќе од вообичаено, туку дека забавата наведува да се вози подинамично. Сличен режим со обичен бензинец би предизвикал најмалку двојно повисока потрошувачка.
Не е вештина цената од близу 30.000 евра да се квалификува како висока; Но, тоа што го нуди и го поседува овој автомобил, дефинитивно вреди за секое евро; TS 2.0 Hybrid Luxury не е секојдневен автомобил и предобар е да се води „само“ како компакт
Во поглед на цените, суперопремените јапонски модели денес повторно доаѓаат во предност – според принципот 10 по цена на пет. Toyota Corolla во размазувачкото ниво Luxury Pano Roof чини 32.490 евра, односно 29.490 евра со актуелниот акциски попуст од 3.000 евра. Тоа секако се многу пари за модел во компакт класата, но и тоа што се нуди е многу. При одделна нарачка на ставките што тестираната Corolla ги поседува како стандард, европските конкуренти без проблем би надминале 40.000 евра.
Дволитарскиот хибрид во комбинација со комби-каросеријата на нашиот пазар е достапен единствено во топ-нивото. Истражувањата покажале дека таа моделска варијанта на 2.0 Hybrid најмногу ќе излегува во пресрет на барањата на купувачите на овој, сепак, несекојдневен модел.
Да биде појасно, тоа што Toyota го именува Luxury, на некое друго место се нуди како GT, со сета почит кон ознаката.
Вистинското ниво на цените на хибридното комби на Toyota се покажува во моделската изведба со 1,8-литарскиот мотор; Точно е дека и ослободувањето од акциза има голем ефект во крајната цена, но е точно и дека токму поради тоа вреди да се пушти поглед по оваа Corolla
Во случај кога се поважни практичноста и просторноста на Touring Sports, секако во комбинација со хибриден погон, тогаш изборот води кон 1,8-литарскиот хибрид со ниво Comfort и цена од 19.990 евра. За тоа веќе нема што да се забележи. Стотината продадени возила за три месеци, доволно говорат во прилог на јапонскиве компакти.
⇒⇒⇒ Хибридното комби на Toyota е автомобил што се вози со лакт низ прозорец ⇐⇐⇐
Toyota Corolla со дволитарски хибрид најверно се опишува како автомобил што човек посакува да го вози со лакт низ прозорец. Таа занемарена, или сосила потисната манифестација на возење, сепак треба да се врати на улиците. Можеби не токму на скопските улици, кои се загадени од илјадниците стари дизели со нефункционални катализатори, меѓу другото, но затоа возењето со лакт низ прозорец може убаво да се практикува надвор, во природа.
Таа спрега меѓу чистиот хибриден погон и животната средина, се доживува во нова димензија во 2.0 Hybrid. Тоа е димензијата на спортско возење. Првпат може да се каже дека новата варијанта на хибридниот погон на Toyota поседува спортски карактер. Тоа воедно беше и целта при развојот и пазарното сервирање на новиот модел.
Во поглед на останатите својства, Corolla дефинитивно е меѓу најдобрите понуди моментно во компакт класата, без разлика за каква погонска или каросериска варијанта станува збор. Кај новата генерација компакти во последниве две години се случија буквално чуда. Тоа повеќе не се компакти, туку се автомобили зрели за многу повисока класа. Цената сепак останува во рамките на класата. Индустријата не смее да дозволи големи моделски имиња во компакт класата да исчезнат или избледат во ерата на СУВ-манијата. Затоа денешните компакти станаа многу повеќе од компакти какви што ги познававме некогаш. Оттаму, оваа Corolla личи да се води и како Supercorolla.
Технички карактеристики |
2.0 l HYBRID Dynamic Force |
---|---|
Зафатнина на мотор (cmᶾ) |
1987 |
Вкупна системска моќ кај хибридот (DIN hp) |
180 |
Максимална моќ на бензинскиот мотор (hp/rpm) |
202 |
Максимален вртежен момент (Nm/rpm) бензиснки |
190 |
Пренос |
e-CVT |
Stop/start систем |
yes |
Максимална брзина (km/h) |
180 |
Забрзување (0-100 km/h) |
7.9/8.1* |
Комбинирана потрошувачка (l/100 km) |
3.9 |
Комбинирана емисија на CO2 |
89 |
Резервоар на гориво (l) |
43 |
Euro норма |
Euro 6 |