за

Тест: Lexus ES 300h Luxury

Lexus ES 300h Test 018_1

Lexus ES првпат се појавува во понудата на престижната марка на европскиот пазар. Кога помисливме дека околу марката е познато сé и дека сé ќе продолжи вообичаено, следи оваа петметарска лимузина да покаже и докаже дека Lexus штотуку почнува да станува Lexus.

Автомобилската сцена долго се занимава со однесувањето на возачите на Lexus, што сите ги мачи: Зошто луѓево отстапуваат од стандардната возачка култура во премиум сегментот? Lexus недвојбено е премиум марка, тоа значи дека е поскапа од непремиум марките, а штом е поскапа, тоа значи и дека треба да се вози побрзо од сите други, треба редовно да им се ускратува предимството на останатите и сирената при застој треба да се пушта подолго од сите. На крај, автомобилот треба да се остави на место што е резервирано за премиум возилата – затоа што сите останати знаат дека таму не треба да се паркира.

New item by Automedia MK / Google Photos

Место тоа, не се помни возач на Lexus да престигнал на автопат на една педа одалеченост, нема регистрирано ниту случаи долгите автомобили на маркава да запираат среде крстосница, игнорирајќи ги семафорите, кои инаку важат само за обичните возила, а пошироката јавност исто така нема забележано Lexus да се вози со скршено стоп светло или со „спортски“ издув составен во некоја пластичарска улица.

Седењето во автомобил не е залудно потрошено време за возачите на Lexus, има причина зошто тие не итаат и не се туркаат сосила

Што „не е во ред“ со возачиве на Lexus? Зошто тие поинаку го манифестираат премиум статусот на својот автомобил, а со тоа и сопствениот статус на премиум единка? По тест-возењето на овој Lexus, ние сме убедени дека го имаме одговорот. Возачите на Lexus мислат! Луѓево сето време биле зафатени со мислење, но бидејќи тоа е вештина која не се манифестира надворешно, на средината ѝ преостануваше само да изведува најразлични теории и тези, сите погрешни.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со повлекувањето на рачката на вратата, чијшто димензии би одговарале да се отвори и трезорот за злато на Англија, следи позната миризба, којашто брзо се декодира како мирис на канцеларија на директор на тешка корпорација – од оние што не ги расфрлаат инвестициите според рекламите што ќе ги видат на си-ен-ен, тоа секако не.

По отворањето на вратите се чувствува миризба што потсеќа на луксуз, отменост, префинетост; И миризбата е дизајнирана во Lexus ES 300h

Мирисот е една од најтрајните мемории и сигурно не е случајност тоа што внатрешноста на лимузинава оддава таква миризба. Тука апсолутно не постои случајност, со нешто да е прикрпено, затоа што се нашло при рака. Дури и арматурната табла е изведена така што потсеќа на работно биро.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кој еднаш ќе се смести во овој кокпит, веројатно засекогаш ќе се откаже од идејата дека работниот простор мора да се наоѓа во некој објект, недвижнина, бетон. Местото зад воланот на овој Lexus е најдобрата канцеларија во светот. При контакт со раководителот на оваа лимузина, речиси е стопроцентна веројатноста дека тој во моментот ќе се наоѓа токму во својот ES, можеби крстосувајќи по некоја ривиера, или паркиран на планински превој, со отворени врати и планинско ветре околу. Во таква средина најдобро се практикува мислење.

Дури и звуците што се пренесуваат внатре се чини како да се вештачки произведени, инаку би било уште потивко

Уште подобро е кога ќе се пушти погонската техника и подвозјето во автомобилов да ја вршат својата работа. Тоа што се создава е некоја композиција што смирува и во исто време ги поттикнува креативните центри во главата или каде било тие да се наоѓаат. Нема да биде единствен случај, возачот и патниците да помислат дека оние тивки и точно дотерани звуци што се чини како да доаѓаат од моторот и тркалата, всушност се произведени вештачки. Lexus ES реално би бил уште потивок, но мора да има звуци, да се стекне чувство за движење.

New item by Automedia MK / Google Photos

Ете зошто возачите на Lexus не итаат или не лудуваат недолично по патиштата, затоа што ценат дека нивното време минато во автомобилот е загубено. Времето во ES е минато во мислење, во продуктивност. Некогаш и релаксација. Сето тоа ќе беше в ред, доколку стануваше збор за знаменосецот LS. Овој автомобил не е ниту врвот на Lexus.

Тоа што IS е за Европејците, тоа е ES за Американците, а воедно е замена за GS; Во основа, ES цели на вишата средна класа, на E-Class и A6

Но, кој беше ES, воопшто? Не е грев на автомобилскиот познавач, ако признае дека не знае сé околу оваа моделска серија на Јапонците. Најкусата варијанта на приказната: Тоа што IS е за Европа – и за возачите кои сакаат подинамично возење и соодветно компактна каросерија – ES е за Американците. А, тоа значи, голема, просторна, комфорна лимузина, позиционирана во средната класа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Актуелниот Lexus ES вози во својата седма генерација и прави отстапка од досегашниот принцип, поместувајќи се кон вишата средна класа. Значи, повеќе не се мери со Mercedes C-Class или Audi A4, туку со E-Class и A6. Петметарската лимузина во оваа генерација првпат е достапна на европскиот пазар и според кројачите на стратегиите на марката, тука го заменува GS. Воопшто не е неважно тоа што ES е најпродаваната лимузина во историјата на Lexus и постои во понудата само една година покусо од LS.

Десетина проценти предност, односно дваесетина проценти ако се зедме опремата, плус ослободување од акциза…

Продажните експерти на Lexus веројатно се блиску до чувството на покераш со ас во ракав, кога треба да ја соопштат цената на автомобилов. Педесет илјади евра е за околу една десетина под споредливите модели од Минхен, Инголштат или Штутгарт. Кога ќе се земе предвид опремата, тогаш разликата во противвредноста се зголемува близу двојно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сончев покрив, на пример, се вградува како стандард, со важна напомена: Овој во Lexus сигурно не е од тие што протекуваат по неколку години. Кожени седишта со електрично местење, електрично роло за задно стакло, отвор за скии, камера за рикверц, акустични стакла, преклопување ретровизори, диодни предни светла и активно светло во свијоци … сето тоа следи уште во првото ниво на опрема Executive.

Во ES вози автопилот без возачка дозвола; таа сепак е кај возачот

Во тестираниот примерок, со ниво на опрема Luxury и цена од 57.500 евра, дополнително следат комплетно диодни предни светла со автоматика за долго светло и приспособување според условите на возење, алу-бандажи од 18 инчи, навигација, радарски темпомат, систем за следење лента – и како најголем спектакл – самостојно следење лента, што во основа е автопилот без возачка дозвола. „Возачката“ ја има возачот, затоа и системот се исклучува доколку дланките не се држат на волан.

New item by Automedia MK / Google Photos

Следи уште безжично полнење телефон, панорамски приказ на целото возило, пристап и старт без клуч, автоматско повлекување на седиштето наназад и подигнување на воланот пред седнување, вентилирани седишта, трепкачи со диодни сегменти кои се вклучуваат едноподруго. Кусо, опрема не недостига.

Сообраќајот околу, возачот на Lexus го гледа исто како што самурај гледа бокс меч

Се случува некако, во Lexus ES да има вградено и уред за имунитет на провокации. Неверојатно е колку човек може да остане ладнокрвен во овој автомобил. Тоа е исто како самурај да седне во публика, да следи бокс-меч во мува категорија, и единствено му преостанува да се смее на сет глас, во неразбирање зошто боксерите замавнуваат еден кон друг. Јапонскава лимузина едноставно нема потреба да се трка и натпреварува, таа се има докажано уште одамна.

New item by Automedia MK / Google Photos

Постоењето на автомобилов се чини толку различно и одушевувачко, што човек доаѓа на помисла да ангажира некој да ја вози колава, за да си види како ES изгледа однадвор, како звучи и како се движи. Дизајнот обично не го коментираме, но ќе направиме отстапка. Куса. Lexus ES е кола на којашто не ѝ вртиш грб откако ќе ја заклучиш, туку секогаш сакаш да направиш уште еден круг околу неа, демек проверувајќи дали е добро паркирана. И по пет чекори, пак да се завртиш по неа. Точно така.

Три години за седиште дотерано до совршенство; Но, некои возачи немаат навика да седат совршено

Не може сé да биде совршено. Инаку, производителите одамна ќе го произведеа совршениот автомобил и уште ќе го произведуваа. Додека левото колено, кај европските лимузини во оваа класа, обично наоѓа потпора на страничниот раб на седиштето, кај лимузинава таа недостига. Ергономите пропуштиле да земат предвид дека некои возачи едноставно не седат по правило на служба, со целосно испружена лева нога и со стопалото потпрено на „одморалиштето“ напред. Мала забелешка што релативизира сé претходно: Посебен тим три години ги развиваше седиштата во ES, со цел да конструира најдобро можно седиште за сите висини и за секаква градба на телото.

New item by Automedia MK / Google Photos

За овие спортски возачи, кои оставаат левата нога да го „мери“ страничното забрзување, постои решение: Тоа е изведбата F Sport, каде спортските седишта се логичен дел од пакетот. Но, оваа забелешка всушност води кон друг заклучок. Петметарскава лимузина што во изгледот спојува провокативна елеганција (како што објаснува дизајнерот Јасуи Каџино) и контролирана агресивност, вози динамично, мошне динамично дури.

Возните својства се најголемото изненадување кај Lexus ES; А, погонот е на …

Во моментот кога автопатот преоѓа во кривулест пат со брзи свијоци, Lexus ES покажува мошне предвидливо и широко гранично подрачје, дозволува искусен возач да го контролира пролизгувањето (во делот пред да се вклучи контролата на стабилноста) преку одземање гас и корекција со воланот, а притоа во воланот се пренесува квалитетна повратна информација, па згора на сé и мошне вешто изведена геометрија, којашто го враќа воланот со точна повратна сила. Генерално, тоа што претходно оставаше впечаток на комфорен и смирен крстосувач, одненадеж се претвора во машина за возачка забава. Возните својства се најголемото изненадување во ES. Погонот е преден. Тоа е најдобрата завршница за оценувањето на возните својства.

New item by Automedia MK / Google Photos

Солидно се покажува и амортизацијата, можеби и повеќе од солидно. Само груби нерамнини при нормална градска брзина можат да предизвикаат некакво вертикално придвижување на каросеријата. Впечатокот е: Кога ќе ги почувствуваш нерамнините, тоа е знак дека возиш пребрзо. И тоа се покажува како правилен заклучок, затоа што амортизерите користат нова вентилска техника. Објаснувањето на техниката е малку подолго, но и непотребно. Функционира.

Тишината, отсуството на вибрации и култивираноста се вештини што ги прикажа уште првиот Lexus пред три децении

Во врска со звуците што допираат до кабината, било од погонот, од подвозјето или од ветрот, тоа е категорија со којашто Lexus го градеше имиџот уште со првиот LS пред триесет години. Затоа е јасно тоа што овие категории денес не може да се оценуваат поинаку, освен како совршенство. ES, нели, откри дека возачите на Lexus мислат, а за тоа е потребна мирна средина.

New item by Automedia MK / Google Photos

Колку јапонските перфекционисти внимаваат на подрачјата на кои другите вооошто и не помислуваат, се покажува при ракувањето со прозорците. Тоа не се прави со цел да се внесе чист воздух однадвор – кој одамна е потрошен кај нас – туку со прозорците се ракува заради терапевтски ефект. Тоа е исто како рачен часовник што се допира за да се почувствува совршената изработка.

Системите за асистенција помагаат возачот да се чувствува како во сопствена канцеларија

Поглавјето со канцеларијата зад воланот на ES се чини дека е недовршено. Од сите можни системи за асистенција, кои користат веројатно стотици камери, сензори, радари, процесори, вештачка интелигенција, тоа што посебно одушевува во колава е способноста за следење на лентата. Едноставно се вклучува радарскиот темпомат и се пушта вештачката ингелигенција сама да го центрира возилото меѓу двете ленти на патот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во меѓувреме, темпоматот ќе потсопре ако напред вози побавен автомобил, па и ќе забрза автоматски по престројувањето во соседната лента, но најмногу одушевува тоа што се препознава зрелоста на техниката, навистина да му помага на возачот. За тоа колку е добродојдена оваа техника, најдобро е да се замисли делницата Тетово-Гостивар со нејзините 80 километри на час и со радарите кои го измериле пречекорувањето на брзината уште долго пред да се здогледаат. Техниката си работи, возачот е релаксиран, мисли.

Во такви ситуации, ќе се забележат и ретровизорите. Чудно е зошто производителите толку ретко посветуваат внимание, како куќиштето на ретровизорите изгледа од возачкото седиште. Нормално дека во Lexus ES, сето тоа е изработено со стил.

Само за бензинскиот мотор биле изработени 60 прототипи и извозени 10 милиони километри

Добро е тоа што моторот е бензински. И не троши. Во тоа веројатно има улога и фактот што овој Lexus не е само ES, туку е ES 300h, и тоа секогаш. Крстосувачот се нуди единствено во хибридна изведба, со системска моќност од 215 КС и спринт до темпо сто за 8,1 секунди. Тука работи хибриден погон од четвртата генерација, со нов 2,5-литарски четирицилиндарец, атмосферски и со еткинсонов циклус на работа.

New item by Automedia MK / Google Photos

За моторот говори податокот дека постигнува ефикасност од 41 проценти. Од специфичните зафати се користени прави вшмукувачки канали, вентилите се поставени под поширок агол, седиштата на вентилите се заварени ласерски. Моторот со своите 176 КС користи директно впрскување, варијабилна работа на брегастите вратила, варијабилна пумпа за масло и систем за ладење … кусо, Јапонците изработиле 60 прототипи на моторот и извозеле 10 милиони тест-километри, пред да го изберат овој мотро за вградување.

Висината на батеријата е смалена за 120 mm. Тоа овозможи нејзино вградување под задното седишта, што е одлично и за распределбата на тежината, а исто и за зафатнината на багажникот, која изнесува 454 литри.

Потрошувачка на гориво како кај градски автомобил; Одвај шест литри, вклучувајќи и возење на отворен пат – кадешто многумина грешат дека хибридот е неделотворен

Ефектот од заедничката работа на двете срца е потрошувачка на гориво од 6,1 литри на сто километри. Лимузина од бизнис класа што троши колку Yaris. Околу функционирањето на хибридниот погон во Lexus, би било добро доколку може да се спореди. Нам ни функционира одлично. Доколку останува некоја забелешка за хибридниот погон, на којашто досега не ѝ било посветено внимание: Со батеријата за „хибридот“, лимузинава може долго да мирува во место, со вклучена вентилација во седиштата, музика, светла, пред да се јави надзорот и да алармира дека батеријата ќе се потроши. Тоа е дефинитивно својство на коешто досега не сме му придавале доволно значење – добро за „канцеларијата“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Постои опција за спортска или еко-програма, со што се влијае врз работата на погонската спрега и подвозјето, иако промените немаат толку драстични размери. Можно е дека Lexus ES 300h нема прв да го совлада спринтот до 100 или 150 километри на час – неговата брзина е ограничена на 180 km/h – но кој тоа имал потреба да ги докажува перформансите во Lexus? Овој вози на долги релации, манирите во стилот на брзите и бесните се недозволиви за неговото име.

Некои ги разбираат работите и го обожуваат Lexus, други помалку разбираат, но пак обожуваат

Едно нешто најмногу импресионира околу Lexus. Покрај сите јапонски борбени вештини, верно пренесувани традиции, и уште поважно, негувани традиции, покрај сето владеење со техниката и изработката на нештата, Јапонциве уште имаат национален празник, со којшто го прославуваат цутењето на црешовите дрва. Кој вистински ќе ја разбере оваа спрега, ќе го обожува и Lexus. Ние останатите ќе се преправаме дека разбираме, но тоа сé уште подразбира обожување на Lexus.

Lexus UX е новата ѕвезда меѓу компактните теренци

Lexus ќе продава дваесетметарски луксузни јахти во САД

Специјална серија за десетгодишнината на Lexus F

Lexus NX 300h F Sport: Луксуз со двотарифно броило

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Taycan test zavrsni

Porsche Taycan дојде до фаза да си игра со снегот

BMW серија 3 промоција

Влатко Стефановски со музичко лого за серијата 3 на BMW