за

Колку се добри летните гуми од евтините марки на премиум производителите?

тест летни гуми втори марки
тест летни гуми втори марки

Најдобри оцени на тестот на летни гуми на Авто Клуб Европа постигнаа тајванските гуми Maxxis Premitra 5. Цената обично е главен аргумент за избор на гуми од таканаречените втори марки на големите производители на автомобилски гуми. Но, некои од овие модели заслужуваат внимание и со своите перформанси.

Доаѓа времето за зимските гуми повторно да се заменат со гуми за убавото време во годината. Авто Клуб Европа секоја сезона врши темелно тестирање на автомобилски гуми. Годинава изборот падна на таканаречените втори марки од големите и познати производители на гуми.

Релативно малку е познато дека премиум марките обично нудат и гуми од ценовниот сегмент што е подостапен. Производителите на гуми сакаат на тој начин да ги искористат своите искуства и технологии и да освојат уште поширок дел од пазарот. Годинава беа тестирани девет модели на летни гуми со димензија 215/55 R17. Оваа димензија обично се вградува во СУВ-моделите од компакт класата, како и во лимузини од средната класа. Тестирањата беа извршени на патеката на Bridgestone во Италија.

За тестот беа избрани следните гуми:

      • Maxxis Premitra 5
      • Sava Intensa UHP 2
      • Fulda SportControl 2
      • Apollo Aspire XP
      • Toyo Proxes Sport
      • Kleber Dynaxer HP4
      • Firestone Roadhawk
      • Hankook Ventus Primes 125
      • Avon ZV7
      • Гумите ги докажуваа своите квалитети во три подрачја: Безбедност на влажен пат, безбедност на сув пат, како и животна средина и цена.

Од деветте тестирани модели на летни гуми, единствено Maxxis Premitra 5 доби највисока оцена, односно особена препорака. Четири гуми добија обична препорака: Sava Intensa UHP 2, Fulda SportControl 2, Apollo Aspire XP и Toyo Proxes Sport. Преостанатите четири модели на гуми го завршија тестот само со условна препорака.

Ниту еден од деветте кандидати не се покажа во најдобро светло во поглед на безбедноста на влажен пат. Во зависност од моделот, при температура од 20 степени Целсиузови, на гумите на тест им беа потребни меѓу 26,5 и 28,8 метри, за тест возилото Audi Q2 да го запрат целосно од брзина од 80 километри на час. Fulda, Toyo, Kleber и Maxxis сепак постигнаа задоволителни резултати.

Освен смешата на гумата и дизајнот на профилот, при сопирањето на влажен пат е важна и длабочината на профилот. Правилото во тој поглед е јасно: Колку гумата е понова и профилот е подлабок, толку и сопирањето е покусо. Доколку профилот е истрошен до длабочина од само 3 милиметри, патот на сопирање се продолжува за десетина метри, во споредба со нова гума што има полна длабочина на профилот од 8 милиметри. Овие десет метри се решавачки.

Сите тестирани гуми покажаа добри својства на сув пат. Разликите меѓу одделните марки се мошне мали. Во врвната група се пласираа Maxxis, Sava, Hankook, Fulda и Toyo. Тие овозможуваат добра управливост, не предизвикуваат подуправување и постигнуваат добар контакт со подлогата. Највисоката брзина ја постигнаа Maxxis.

Sava, Hankook, Fulda и Toyo исто така заслужуваат особена препорака на сув пат. Apollo, Avon, Kleber и Firestone заостануваат, но не премногу. Во секојдневието и на сува подлога, овие гуми исто така се конкурентни.

Заклучок од тестот на летни гуми за 2020 година на Авто Клуб Европа

Вторите марки на големите производители на пневматици исто така постигнуваат задоволителни резултати. На крајот, гумите од Тајван се покажаа во предност. Победник на тестот, со особена препорака е Maxxis Premitra 5. Овие гуми постигнуваат одлични вредности и не заостануваат зад гумите од премиум марките. Тоа важи особено кога ќе се земе предвид дека оваа марка постигнува далеку најдобри перформанси при влажен пат. Покрај мошне кусиот пат на сопирање, Maxxis Premitra 5 се одликува и со одлична стабилност при возење во свијоци на влажно.

Sava Intensa UHP2 е еден од доказите дека и големите концерни нудат квалитет по достапни цени. Кој сака да заштеди, може без двоумење да се реши за која било од првите пет гуми на списокот. За безбедноста во сообраќајот е поважно автомобилот да поседува добри и поевтини гуми, отколку скапи гуми да се возат до каркасата.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

луксембург бесплатен јавен превоз

Луксембург стартуваше со бесплатен јавен превоз

Audi A3 Sportback

Audi A3 не сака да биде само поскап Golf