Компактен СУВ што чини колку класична комбилимузина, суперопремен и со седум години гаранција. Тоа е повеќе од доволно да го насочи интересот кон Kia Sportage. Но, има и многу повеќе од тоа
Во салон на Kia порано се прашуваше прво колку чини автомобилот. Потоа стратезите на марката решија да внесат промени, со прогласувањето седумгодишна гаранција. Овие промени предизвикаа далеку побурен ефект отколку што било кој отстрана можеше да претпостави. Одненадеж, сите почнаа да зборуваат повторно за Kia, но со поголем респект и разбирање за тоа што марката го прави.
Во меѓувреме, гаранцијата се спомнува сé поретко, а и таблите за тоа во салоните веројатно се смалени. Последно, глобалниот и локален бестселер Kia Sportage се појавува во ново моделско годиште, а тоа одвај ќе можат да го забележат и сопствениците на моделот пред фејслифтот. Зошто ова смирување на топката? Што е тоа што денес ги привлекува купувачите во Kia, особено зад воланот на Sportage? Бараме одговор во оваа Kia во боја на шампањ, за којашто ретко кој би поверувал дека вози во најосновната моделска изведба. Со бензинец.
Kia Sportage не личи со Macan, туку личи како да е од дизајнер што можел да го дизајнира и Macan
Кога ќе се погледне како денес изгледа компактниот СУВ, инаку во својата четврта генерација, со четвртвековна традиција и петмилионска продукција, надвор од разум е да се зборува за било какво смирување. Многумина дежурни критичари од булеварското кафуле, при стартот на продажбата пред две години се истрчаа да прокоментираат, дека Kia Sportage личи со Porsche Macan. Точната формулација е следнава: Sportage изгледа како да е креиран од дизајнер што можело да го дизајнира и Macan.
Sportage 1.6 GDi повеќе сака дизел моторот да им го препушти на товарните возила и на градежните машини
Петер Шрејер е клучниот човек (и) зад изгледот на Sportage, со што станува јасно дека баварскиот стил-мајстор на корејската марка прерасна во едно од најдолго присутните дизајнерски имиња на автомобилската сцена, по Џуџаро. Создателот на империјата Volkswagen, Фердинанд Пих, во интервју има изјавено: „Не требаше да го пуштиме да замине“. По Stinger, никако.
Новото моделско годиште на Kia Sportage не се „помрдна“ со дизајнот ниту по инвазијата од новитети, со триото VW T-Roc, Skoda Karoq и Seat Ateca, со Renault Kadjar, Peugeot 3008 и Opel Grandland X или Ford Kuga II и Nissan Qashqai
Појавата на Kia Sportage уште е иста како при премиерата пред две години. Освежувањето коешто се води како „модел 2019“, донесе одвај забележливи промени. Тоа од една страна говори дека дизајнот ќе држи уште долги години во уличната слика, но подеднакво гласно говори и дека Kia не е марка којашто ги следи трендовите, туку ги поставува. Конкуренцијата што во меѓувреме се појави во комплетно нова или подосвежена генерација, не ја засени формалната препознатливост на Sportage.
Промените ги има: Нов е предниот браник, со поширок долен отвор за воздух и лајсна меѓу магленките, кои исто така имаат нов изглед, заедно со светлата. Во истиот стил продолжува и задната светлосна група, заедно со препознатливата лента меѓу светлата. Идејата со овие промени е да се нагласи ширината на каросеријата, за СУВ-от да изгледа како да лежи поцврсто на пат. Има и 5 нови бои, сега стојат на располагање вкупно единаесет бои. Тоа што должината на возилото порасна за пет милиметри, никого нема да препадне.
Од „теренските способности“ во повеќето случаи е доволен и зголемениот клиренс. За качување на тротоар, исто така
Кога ќе се стави рака на рачката на вратата, многумина ќе се изнасмеат со недоверба, ако некој им каже дека првата генерација на овој автомобил, во 1993 година, имала слаби сопирачки што биле суперчувствителни на прегревање при спуштање од планински превој, дека подвозјето било во најмала рака авантуристичко и дека каросеријата имала завршна изработка како картонска амбалажа за бела техника.
Тоа што официјално се води под зборот хаптика, а не е друго освен чувство што се стекнува при допир, во Kia функционира на многу повисоко рамниште уште откако СУВ-знаменосецот Sorento се појави во една генерација порано, во 2010 година. Оттогаш изминале многу години и тоа се покажува. Чувството дека нешто е евтино, премногу грубо и остро, или пак, премногу нежно, во Sportage отсуствува дури и кога прстите ќе се најдат на дното на средишната конзола или во џебовите во вратите.
Kia не ги двои фините детали од завршната изработка меѓу основното и повисокото ниво на опрема
Линијата врз арматурната табла, којашто имитира кожен штеп, можеби не е по сечиј вкус, но барем уверува дека луѓево внимавале и на детали. Многу повеќе радува тоа што некои од прекинувачите, на пример за прозорците, имаат украсен раб со метален финиш уште во основното ниво. Истото важи и за рамките околу отворите за воздух, околу прекинувачите на воланот, неколку команди во средишната конзола и околу големиот дисплеј. Кај Германците, вакви детали обично „се продаваат“ само во највисоките нивоа на опрема. Можеби се чинат неважни, но токму тие придонесуваат да се стекне впечаток за солидна завршна изработка. Како би изгледало без нив, подобро е ако само се замислува.
Тивкиот мотор со „природен“ звук прави возењето на долги релации да не биде заморно
За моторот, сигурно не мора да се замислува како би изгледало тој да е поштедлив. Бензинец во Kia Sportage, дефинитивно да! „Муабетот на клупа пред зграда“, денес префрлен по ФБ-групите, сигурно е уште зачмаен во 1990-те години, кога од теренците само Lada Niva возеше со бензинец. Нормално, работите оттогаш се имаат сменето драстично. Не мора да се мисли многу околу изборот бензин-дизел, особено откако ќе пресмета дека трите илјади евра разлика во цената би се исплатиле по дури 96.850 километри (пример: литар бензин 72,5 ден., литар дизел 66,0 ден., потрошувачка бензин 9,0 l/100 km, дизел 7,0 l/100 km). Тоа се десет просечни автомобилски години на македонскиот возач. Очигледно, отпаѓа теоријата дека дизелот се исплатува по само една година. Освен, ако не се вози најмалку по 350 километри секој работен ден.
Kia излезе во предност со 1.6 GDi, затоа што конструираше реален мотор, место мотор наменет за лажирање во лабораториски услови
И поприродно е кога под хаубата на патничко возило работи бензинец – со нагласок на патничко возило. Почнувајќи од сосем различниот впечаток при стартувањето, преку многу порамномерното ослободување на моќноста, до чувството дека носот е полесен во свијоци и при секоја промена на правец, овој 1.6 GDi ќе стекнеше симпатии и без разликата од 3.000 евра со дизелот.
Ознаката GDi укажува дека ова сепак не е обичен бензинец. Станува збор за мотор со директно впрскување – од ретка сорта, затоа што не користи турбонатполнење. Kia како да ги надитри останатите производители, кои цела деценија лансираа мотори со еден цилиндар кусок и со преполовена работна зафатнина, со цел да прикажат колку е можно пониска (и понереална) потрошувачка, како компензација за моделите со големи мотори во понудата – ЕУ ја ограничува емисијата на СО2 на ниво на марка.
Тигарски нос со груба решетка, лого на чело и засеци во горниот раб на ветробранот. На Sportage не му недостигаат стилски белези
Штедењето, секако, повеќе успеваше на лабораториските валци, отколку во возачкото секојдневие. Ете го сега 1.6 GDi, за најмалку илјада евра поевтин од „турботјунираните“ моторчиња во основните изведби на конкурентите, повеќе жеден од нив на хартија, а поштедлив во реалноста. Мотор со три цилиндри во меѓувреме работи и во Kia, конкретно во помалиот и понов СУВ-модел Stonic.
Постои уште една причина за продлабочувањето на ценовната разлика бензин-дизел. Причината е Euro 6d-Temp. Нормата важи за сите нови моделски генерации што пристигаат по 1-ви септември и ќе важи за сите модели во продажба по истиот датум в година. За дизелите да ја исполнат нормата, речиси е задолжителна примена на селективна каталитичка редукција (SCR) и впрскување Адблу. Тоа чини пари. Бензинецов на тест, инаку, поседува (единствено) филтер за честички гареж, заради почитување на строгите норми.
Директното впрскување и CVVT се покажуваат на дело во солидниот вртежен момент уште при најниски вртежи – тоа е основата на штедливоста
Како атмосферски бензинец од 1,6 литар ќе се справува со возило што тежи еден и половина тон уште од старт? На нагорнина, на пример? Во ситуацијата којашто остава најголеми траги врз потрошувачката, Kia Sportage 1.6 GDi успева да изненади најпријатно. Со две илјади вртежи во трет степен, овој пристоен СУВ се искачува суверено и без мака. Моќноста не „паѓа“ нагло ниту ако возачот дозволи вртежите да се смалат за две или тристотини. Од каде оваа способност? Одговорот е во самиот принцип на директното впрскување, коешто ги обезбедува пресудните њутнметри при ниски вртежи, но и во варијабилната фаза на двете брегасти вратила во главата. Нема случајност, нема ниту субјективност.
Без многу мака се постигнува осумка пред запирката. Основа за оваа мошне прифатлива вредност е солидниот вртежен момент при ниски вртежи
Резултатот за потрошувачката на гориво е 8,7 литри на сто километри во комбинирано возење. Треба да се биде особено релаксиран зад воланот, за потрошувачката да надмине девет литри, но затоа, кога се вози штедачки правилно, поголема е веројатноста дека вредноста ќе биде поблиску до осум литри гориво. Во град, девет литри се сосем разумна и лесно остварлива вредност. Старт-стоп следува како стандард.
Kia Sportage е наменет за реални барања на реални купувачи, место за освојување први места на споредбени тестови кај германските магазини – иако и тоа му успева на новиот Ceed
Четирицилиндарецот не се вложува премногу, кога од него ќе се побара да ја испорача последната екстра-доза коњски сили, во подрачјето над 4.500 вртежи. Моторот 1.6 GDi во тој поглед не е најтемпераментен и ги качува вртежите побавно од некои динамичари во неговиот сегмент, но никој нема да му забележи за тоа. Карактерот на штедлив, тивок, култивиран мотор за семеен превоз, којшто повеќе е ориентиран да услужи со вртежниот момент, отколку со коњските сили, повеќе е од доволен. Динамика, секако дека не недостига, затоа што сепак се работи за 132 КС и способност за спринт до темпо сто за 11,5 секунди.
Менувачот работи исто толку лесно и прецизно, како при првото појавување на актуелната генерација на Sportage, со правилно пресметани преносни односи. Во управувањето недостига само уште една мала доза повратна информација од подлогата за да добие највисоки пофалби, исто како и за амортизацијата, којашто субјективно е за нијанса потврда отколку кај „пајтоните“ меѓу конкуренцијата, но затоа и возните својства се многу подинамични. Во Sportage сепак мора да има спорт.
Тука најдобро се покажува нивото на завршна изработка што може да го постигне маркава
Седиштата и натаму се со големина на фотелја, со добра поддршка и со платно коешто не предизвикува потење – што не е секогаш случај во основните моделски изведби на пазарот. Просторноста е силен адут, уште посилен е правилното седење на задната клупа, со спуштениот под и подигнатата клупа во новата генерација на Sportage. Во поглед на практичноста, пак, поголема е шансата да се наиде на детал што ќе одушеви, отколку на таков што ќе разочара. Касетата за прекривката на багажникот, на пример. Некој во Kia чесно се изнаработил во ова подрачје, коешто за повеќето производители е безначајно. Но, не и за корисниците.
Во ретко кој модел може да се најде посебен простор за сместување на касетата со простирката за багажникот
Покрај тоа што има две горни лежишта за касетата – едното за случај кога клупата ќе се наведне – постои и посебен простор за касетата да се смести кога се користи целиот товарен простор, со соборена задна клупа. На тој начин касетата не пречи и просторот може да се користи целосно. Податокот дека подната облога издржува товар од 60 килограми – распределен рамномерно врз целата површина – исто така делува веродостојно, или барем поверодостојно отколку во случаите кога се користи обичен тапациран шпер.
Кој ја цени практичноста, дефинитивно ќе „попушти“ покрај деталите како оваа преграда за касетата
Со вакви својства е лесно Kia Sportage 1.6 GDi да ги убеди купувачите. Уште полесно, кога на веќе поволната редовна цена од 19.550 евра, ќе се додаде акциски попуст од 3.000 евра. На крајот излегуваат 16.950 евра. Кај возилото на тест, 17.350 евра, вклучувајќи го шампањ-лакот од 400 евра. Во поглед на опременоста, повторно се покажува на дело слоганот на марката: „Моќ да изненади“. Двозонски клима уред, радио со дисплеј на допир и поддршка за Android Auto и Apple CarPlay, темпомат, контрола на брзина при спуштање, помош при поаѓање на нагорнина, паркинг сензори и камера за рикверц, кожа на волан и на рачка на менувач, автоматика на светла и на бришачи, електрично склопување на ретровизори, алу-бандажи од 16 инчи – сето тоа е вклучено во основното ниво Vision.
Едно ниво опрема погоре, Advance, чини 3.000 евра и додава навигација, уште повеќе комоција во кабината и неколку блескави детали однадвор. За турбо-верзијата 1.6 T-GDi со 177 КС се потребни најмалку 24.550 евра – акцискиот попуст не важи кај овој модел, исто како и кај топ-дизелот со 185 КС и погон на сите тркала, кој чини 28.990 евра.
Новиот 1,6-литарски дизел со 136 КС стартува од „акциски“ 19.950 евра во нивото Vision и со погон напред. За и задната оска да се впрегне, цената изнесува 1.950 евра. За комбинацијата да се заокружи и со седумстепен менувач со двојна спојка, цената исто така изнесува 1.950 евра. Погонот на сите тркала не е достапен единствено за 1.6 GDi.
Крајна оцена
Kia Sportage 1.6 GDi најверно би се опишала како веќе комплетен пакет, на когошто му е додаден дополнителен пакет. Секое од одделните подрачја на возилото – изгледот, цената, опремата, комфорот – поседува доволно квалитети да убеди за избор на овој компактен СУВ. Никој не го купува Sportage затоа што тој „само“ изгледа убаво или е подостапен. Тоа воедно го одговара и прашањето, зошто гаранциите и цените повеќе не се толку гласни во обраќањето на Kia кон купувачите. Пазарот едноставно има доверба во оваа марка. На тоа нема што да се додаде повеќе.
Технички податоци · Kia Sportage 1.6 GDi Vision 2WD
Мотор
Зафатнина 1591 ccm
Моќност 97 kW (132 КС) при 6300/min
Вртежен момент 161 Nm при 4850/min
Погон и пренос
Мануелен менувач, 6 степени
Погон напред
Подвозје
Напред мекферсон, спирални пружини, гасни амортизери
Назад оска со повеќе водилки, спирални пружини, гасни амортизери
Сопирачки диск/диск
Гуми и бандажи 215/70R16, 6,5Ј х 16“
Управување со електромеханичко серво
Димензии и тежини
Должина х Ширина х Висина 4485 х 1855 х 1635 mm
Меѓуоскино растојание 2670 mm
Дозволена тежина 2000 kg
Багажник 503 / 1492 L
Резервоар 62 L
Перформанси
0-100 km/h за 11,5 ѕ
Крајна брзина 182 km/h
Потрошувачка
Пат / град / просек 6,6 / 7,2 / 8,2 L/100 km
Емисија на СО2 165 g/km
[FAG id=35258]
Бестселерот Kia Sportage со залет во новото моделско годиште
Kia Sportage најдобар избор на СУВ за тинејџерите во САД
Kia Sportage безгрешна и на супертестот на Auto Bild
Kia Sportage мина супертест од 100.000 километри без ниту еден дефект