92
14 shares, 92 points

Секој модел што остава посилен печат во компакт класата, поседува имиџ по кого што го препознава целата атомобилска сцена. Golf, на пример, во многу работи се покажува како најдобар избор, меѓутоа отсекогаш постоеле индивидуалисти што не сакаат веднаш да посегнуваат по првиот избор и важно им е да покажат различен став. Ford Focus традиционално игра на картата на возните својства, Opel Astra е таа што вечно е зад браникот на моделот од Волфсбург, Toyota Corolla е автомобил за цел живот. А, како стојат работите со Kia Ceed?

Вистина, малку е неумесно Kia Ceed да биде само „автомобилот со седумгодишната гаранција“. Секако дека суштината на автомобилот e производителот да стои одговорно зад тоа што им го продава на своите клиенти. Но, тоа е исто како предбрачен договор, кога се мисли на сигурност за нешто што не треба да се случи. Корејско-германско-словачкиот автомобил заслужува подобар имиџ. На пример, овој: Kia Ceed е автомобилот за кого што никој на гугл не прашува, дали тоа е добар модел.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Издржаноста на овој имиџ може да се провери во секое време. Во резултатите од пребарувањето на гугл, секогаш се издвојуваат неколку најчести прашања во истиот контекст. Заинтересирани купувачи или чисто ентузијасти,  може да прашуваат, на пример, дали Peugeot 3008 навистина е СУВ или, дали е издржлива техниката во тие автомобили. Наспроти тоа, во резултатите за Kia Ceed не постојат такви „сомнителни“ наводи.

„Тигарот“ на Kia е полут од кога било досега

Сето тоа води кон заклучокот, дека луѓето не се сомневаат дали Kia Ceed е добар автомобил. Но, дали навистина Kia Ceed е добар автомобил? Барем, изгледа како таков. Ликот на тигар е полут од кога било, со препознатливата маска, со мајсторски изведениот „поглед“ во светлата, со логото што е издвоено пред хаубата, во стил на британските гран-туризмо легенди. Всушност, има многу динамика во носот на Ceed, но не таква што ќе биде гротескно несоодеветна за модел од компакт класата и за автомобил за семејството, туку е културна динамика.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Истото важи и за опашот, кадешто се забележуваат суптилно изведениот појас под светлата, стилската имитација на дифузор долу во браникот или овалниот завршеток на издувот. Отстрана е сосем различна приказната, со нагласок само на кружната горна линија на прозорците. Но, токму оваа привидна едноставност ја прави Kia Ceed да биде толку препознатлива во уличната слика.

Black Pack не е поразличен од тоа што се најавува бомбастично на големите пазари како специјална серија

Убав потег на Киа Моторс Македонија е тоа што создаде „домашна“ моделска изведба, со гратис-пакетот Black Pack за првото ниво на опрема LX Vision, со цел за промоција на моделот. Тоа не е ништо поразлично од специјалните серии што обично се најавуваат со гласни фанфари на носечките пазари во Европа. Пакетот се состои од алу-бандажи од 16 инчи, лакирани црно и со дизајн што „продава“, заедно со куќиште на ретровизорите во мат црна боја. Ефектот е постигнат, Ceed уште толку двои во масата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Главниот момент кај автомобилот пристигнат на тест, сепак е во моторот. Kia Ceed на првиот тест возеше со основниот 1,4-литарски атмосферец со 100 КС и во второто ниво на опрема EX Advance. Овојпат, под хаубата на компактот од фабриката во Жилина работи 1,0-литарски турбо бензинец со 120 КС и директно впрскување. Нивото на опрема е првото, LX Vision. Разликата во цената меѓу двата мотори изнесува 2.000 евра, исто толку изнесува и разликата во цената меѓу двете нивоа на опрема. Тоа е најсовршената манифестација на вечното прашање: Дали за 2.000 евра да се избере повеќе опрема или посилен мотор?

За 2.000 евра се добива или повисоко ниво на опрема или „турбо“ со 20 КС екстра и целосно сменет карактер

Kia го релативизира тоа прашање, затоа што уште првото ниво LX Vision ги надминува очекувањата за ниво на опременост на модел од компакт класата. Сензори за паркирање и камера, кожа на волан и рачка на менувач, дисплеј од 7 инчи, магленки, потпирач за рака напред – сето тоа е стандард во секој Ceed што пристига на македонскиот пазар, покрај ставките што веќе се подразбираат, како клима уред или електрика и греење на ретровизори.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Еднолитарскиот турбо бензинец се вградуваше уште во претходната генерација на Ceed. Модификациите за новиот модел се извршени главно со цел да се исполнат строгите норми за издувни гасови според Euro 6d-Temp. Суштинската разлика со 1,4-литарецот не е толку во 20-те екстра КС, туку во испораката на њутнметри уште при ниски вртежи. Тоа е улогата на турбонатполнењето: 1.0 T-GDi ги постигнува своите 172 Nm уште при 1.500 вртежи и ги одржува на исто ниво до 4.000 вртежи.

Посилниот мотор носи и шанса за возилото да се продаде поскапо кога ќе дојде време за нов сопственик

Поаѓањето е многу посуверено, поретко треба да се посегнува по менувачот и трицилиндарецот повлекува солидно при престигнување на автопат. Тоа е квалитетна разлика, што вреди за двете илјади евра доплата за 1.0 T-GDi. Фактор што честопати се превидува е полесната продажба и поголемото задржување на цената, кога ќе дојде време да се најде нов сопственик за автомобилот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Околу трите цилиндри, може и натаму да се слушнат ставови, според кои моторите уште би требало да имаат по 16 цилиндри, како во 1930-те години. Но, фактите говорат дека техниката напредува и моторите и натаму се конструираат од врвни инженери, место од дежурни сезнајковци. Колку се бесмислени критиките за трицилиндарците, укажува и тоа што никој производител досега не ги вратил своите мотори во соодветните класи на моќност на четири цилиндри. Под хаубата на сé повеќе возила, во сé повисоки класи, работат мотори со три цилиндри.

Одовите на менувачот се како манифестација на пристапот при развојот на целиот автомобил

Еднолитарскиот „турбо“ со директно впрскување рамномерно ја ослободува моќноста, не покажува отпор за повисоки вртежи и нема причина карактеристичниот звук да се оцени како непријатен. Моторот единствено не дозволува класична дизел-мрзеливост, за поаѓање од семафор само со отпуштање на спојката. Исклучително ретко досегаат вибрации од погонската спрега. Задоволството го заокружува и менувачот, со прецизни, лесни и куси одови и, добро пресметани преносни односи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За опција за седумстепен менувач со двојна спојка, треба да се посегне по посилниот 1.4 T-GDi со 140 КС, кој во верзијата со мануелен менувач и со првото ниво на опрема чини 1.000 евра повеќе од еднолитарецот.

Во поглед на останатите својства, Kia Ceed го предводи новиот бран модели во компакт класата, заедно со Toyota Corolla, Ford Focus или штотуку пристигнатата Skoda Scala. Автомобилот од корпорацијата со седиште во Кореја, развиен со германска експертиза и со германски корени во дизајнот, а произведен во фабриката во Словачка, којашто се вбројува меѓу најсовремените индустриски капацитети на европска почва, не сака да биде просечен модел во класата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа што особено го издвојува Ceed се изработката, динамичните возни својства и функционалноста. Во возењето се чувствува одличен баланс меѓу спортска агилност и комфорна амортизација. Спортските возачи ќе се одушеват од неутралноста на подвозјето при ненадејна промена на правец, како и од чувството во управувањето.

За доброто просторно чувство придонесува хоризонталната ориентација на кокпитот, без масивна средишна конзола. За седењето назад исто така нема забелешки, уште помалку за багажникот.

Да не биде во стилот „добро е ова, добро е тоа, добро е сé“

New photo by Automedia MK / Google Photos

За извештајот од тест-возењето понатаму да не се претвори во песна на расипан диск, што повторува „добро е ова, добро е тоа, добро е сé“ и „фасцинантно, спектакуларно, ефикасно“, ние посочивме уште во почетокот: Kia Ceed е автомобилот за кого што никој на гугл не прашува, дали тоа е добар модел.

New photo by Automedia MK / Google Photos

⇒ Врска до страницата за Kia Ceed на Киа Моторс Македонија

 

View this post on Instagram

Колку "коњи" имала #kiaceed ? Нема коњи, туку вонземјани што ја изработуваат. Дури сега почнува обожувањето на #ceed: Од држач за очила обложен со пена и од пластика што не се гребе од очилата, преку лесна замена на прегорена светилка или полиуретанска заштита на потпирачот на хаубата за да не се изгорат прсти, до замена на филтер за воздух за две секунди или алтернатор поставен високо и заштитен од прскање. Или клуч што е изработен подобро од најпаметниот телефон. Тука се "гледа" седумгодишната гаранција. Вакви работи треба да одат на дневник. #kia #kiamotors #kiaquality

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk) on


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

92
14 shares, 92 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *