94
14 shares, 94 points

СУВ-моделот од компактната класа се покажува како одличен влез во марката што светот ја помни најмногу по брзите купеа и по спортските лимузини. Дивата мачка живее убаво во Jaguar E-Pace, начинот на којшто Англичаните го изведоа концептот на СУВ во овој модел, мошне верно го отсликува карактерот на природниот предатор. Чувството се пренесува и кај возачот.

Jaguar со месеци наназад е како марка со еден модел. I-Pace европски автомобил на годината, I-Pace светски автомобил на годината, I-Pace најдобар, победник, револуционер … Во сите вести е само тој. Менаџерите во Вајтли можат да наздрават со најдобрата aqua vitae од соседството, затоа што сета оваа светска слава на електричниот СУВ им годи на сите модели во портфолиото. Тоа е најдоброто можно полирање на имиџот на целата марка. Jaguar сјае како E-Type на премиерата пред публиката во Женева пред близу шест децении.

Случајно E-Pace носи иста буква со легендарниот автомобил? Ништо не препуштаат на случајот, Англичаниве. Формата на светлата, овалната маска, гребенот по целата должина на хаубата, заводливата странична линија, сето тоа се дизајнерски цитати од E-Type. И не престанува: Издолжените задни светла со коси засеци во завршетоците, просторот околу регистерската таблица, правите линии на задниот капак… од традиционалистите, традиција.

Според изгледот и карактерот во возење, Jaguar E-Pace повеќе е F-Type отколку F-Pace

Од каде и да се погледне, Jaguar E-Pace не личи како СУВ според вообичаениот и веќе банален терк. Тоа го нагласува и дизајнерот Јан Калум: „E-Pace повеќе е F-Type отколку F-Pace.“ Луѓево не користат излитени фрази од типот на „фасцинантни форми“, „спектакуларна сензација“ и слични. Место тоа, јасно се посочува дека целните купувачи на E-Pace бараат практично и просторно возило, но такво што и натаму поседува карактер на спортски автомобил.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како што стои паркиран во „природниот резерват за диви мачки“ пред салонот на Jaguar Land Rover во Скопје, E-Pace изгледа отмено, скапо, секако благороднички. Со црн покрив во апсолутен контраст со белата каросерија, со масивни бандажи од 20 инчи во сјајна црна боја и ефектно ненападно лого R-Design во маската, овој како да е наместен за старт на трка.

Рачно местење на седиштето, без навигација, со штоф место кожа – таков автомобил се бара!

Тоа што никој не знае: Возачкото седиште се мести рачно, на џиновскиот средишен дисплеј не се прикажуваат навигациски упати, па дури и седиштата се во комбинација од штоф и кожа. Ова е модел со (речиси) основното ниво на опрема! Тоа се бара, автомобил што убедува со сопствените квалитети, а не замајува со опрема што го „купува“ вниманието. Пријатно изненадување, и во конкретниов случај, добар знак дека домашниот тим на Jaguar Land Rover верува во тоа што го нуди овој автомобил.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Доколку F-Pace е еден степен на моќност под тестираниов модел, со мануелен место автоматски менувач и со погон напред место на сите тркала, јагуаров ќе чинеше 41.400 евра – сé уште вклучувајќи го пакетот R-Design, со сјајна црна маска со крупен растер и спортски преден браник, спортски волан, двојни издувни цевки, спортски седишта, магленки, метални плочки на педалите и неколку мат-хром детали во кокпитот. Без R-Design, цената се спушта до 37.900 евра – и тоа е веќе второто изненадување. Вистина, тогаш „отпаѓаат“ и црниот покрив за 851 евра и бандажите од 20 инчи, со цена од 2.266 евра.

Дел од благородноста на Jaguar е тоа што не се преценуваат вредностите

Jaguar oстанува во традиционалниот дух на марката. И повторно, E-Type. Колата беше силна, убава и брза, но култот го изгради поради тоа што, покрај сите наведени и ненаведени предности, беше и подостапна од конкуренцијата. Тоа, очигледно, не се сменило. Мошне чесно се игра и политиката на дополнителна опрема во маркава, како уште една манифестација на нејзината благородничка нишка. Во основното ниво на опрема може да се нарачаат скапи ставки, како црна-перла боја за 2.408 евра или виндзор-кожа за 7.990 евра (што чини 3.259 евра во нивото SE), па дури и матрични диодни светла за 2.058 евра или проекциски дисплеј за 1.560 евра. Нема условување да се посегнува по најскапите нивоа на опрема или моќни мотори. Ова, сепак, е марка за обожување и за обожувачи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Потврдата дека се седнува на добро место следи веднаш по отворањето на вратата. Однатре се шири познат мирис, чиста спротивност на оној мирис на ново и на испарувања од неприродно соединети состојки. Мириса на „дома“, на англиски автомобил, на природни материјали и на искуство во квалитетната изработка. Кусо, премиум. Впечатокот се заокружува ноќе, кога дифузна сина светлина создава амбиентално осветлување во кабината.

На возачкотото седиште никој не помислува дека ова е најмалечкиот СУВ на Британците

На предните седишта се губи свесноста дека станува збор „само“ за СУВ од компакт класата. За тоа придонесуваат материјалите, боите, формите, но најмногу е дело на нанапред закосениот, речиси легнат кокпит, кој создава фантастично просторно чувство. Полиуретанска пена врз арматурната табла има колку за две коли. Секаде кадешто погледот и допирот бараат потврда за квалитетот, таа доаѓа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најпозитивното чувство по седнувањето во кокпитот е тоа што човек не се чувствува како оператор на нисколетачки болид од 2053 година, туку како возач што секој ден и во секоја пригода ќе седнува со задоволство зад воланот и нема секојпат да се чуди како се вклучува одредена функција.

Лесно седнување, одлична прегледност, тивка средина – кога СУВ на Jaguar е совршениот „градски автомобил“

Во уличното секојдневие, Jaguar E-Pace не отстапува од вообичаените рамки – освен со појавата, тој секаде е ѕвезда. Прегледноста напред е одлична, до толку што предните столбови ретко досега биле помалку „забележливи“, а дури и фамозното скршнување во десно, кога повеќето СУВ-возачи прават лак два метри подалеку од тротоарот, во англискиов автомобил функционира беспрекорно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

СУВ-реинкарнацијата на E-Type не престанува да одушевува. Пресудниот момент е кога E-Pace ќе се најде во левата лента на автопат и кога возачот почнува и самиот да се чувствува како „див мачор“ – или дамите како „диви мачки“. Имајќи го предвид сето културно наследство на Британците, мошне е веројатно дека прво е напишан митот за овој автомобил, па дури потоа истиот е изработен. Маркава сепак има „живо“ лого, како Ferrari, Lamborghini, Porsche и компанија.

Овој автомобил не пропушта да потсети дека има јагуар во логото – тоа не е само украс, туку е душата

Јагуарот не е само украс, туку е со причина тука. Целата атмосфера во којашто учествуваат цврстата каросерија, стегнатото подвозје, леснотијата со која моторот ја постигнува побараната динамика, самоувереноста и чувството на сигурност, сето тоа го претвора возењето во истражување на средината, во мисија, во барање „плен“. Честопати е спомнувана фразата дека не е целта одредиштето на патувањето, туку самото возење е цел. Но, оваа фраза ретко досега доживувала толку веродостојна реализација, како во E-Pace. Возач на овој автомобил не треба да се прашува што гледа на јутјуб или нетфликс. Диви мачки, што друго!

New photo by Automedia MK / Google Photos

Карактерот на возењето, или во случајов душата на Jaguar, ја прави разликата пред конкуренцијата. E-Pace стартуваше со продажба во Европа рано во минатата година, малку пред Volvo XC40 и BMW X2. Новата генерација на Audi Q3 следеше во декември, Lexus UX пристигна во март во салонот на Тојота Авто Центар, а сцената во минатиот месец го поздрави и пристигањето на полубратот на E-Pace, Range Rover Freelander.

Дел од конкуренцијата бега за 10 КС, но затоа E-Pace има по уште еден степен на моќност – D240 и P300

Во изведбата со дволитарски дизел со 180 КС, англискиот СУВ дозволува конкуренцијата да се одвои најмногу за 10 КС (BMW X2, Audi Q3), но затоа E-Pace нуди едно скалило на моќност погоре, во верзијата со 240 КС. Вртежниот момент од 430 њутнметри при 1.750 вртежи, конкуренцијата не го достига (400 Nm кај Audi и BMW). Деветте степени на автоматскиот менувач, кој патем функционира беспрекорно, исто така никој не ги надминува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Висината од 1,65 метар и широката челна површина го прават D180 неколку километри побавен од Q3 40 TDI (205 наспроти 221 km/h), додека разликата во класичниот спринт (9,3 секунди за Jaguar, 8,0 секунди за Audi) произлегува од тоа што германскиот СУВ користи менувач со двојна спојка. Затоа, пак, E-Pace надоместува со традиционално мекото поаѓање на класичниот автоматски менувач.

Клиренс исто колку кај Landy, во нормални услови погон напред; кога во игра се вклучува втората оска, поголем дел од вртежниот момент оди назад

Со дваесетина сантиметри растојание од подлогата, Jaguar повторно се издвојува од конкуренцијата, исто како и со понирањето во вода длабока до половина метар, или со носивоста од 577 килограми, што е максимум во класата. Во поглед на теренските својства, производителот декларира способност за искачување до агол од 45 степени. За подалечни излети по терен, каросериските превиси напред и назад се исклучително куси, така што и „дивата“ страна на СУВ-концептот може да се испроба без последици.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вистинската дива страна се покажува кога ќе се отвори прегледна комбинација од брзи свијоци. Добро е во тој случај да се искористи и прекинувачот за програми за возење покрај бирачот на менувачот. Во динамичната програма, моторот реагира повеќе бурно на педалата за гас, менувачот го задржува степенот на пренос, се смалува и сервоподдршката во управувањето.

За страничното наведнување да се прифати како странично наведнување, на E-Pace му е потребна тркачка патека

Со своите 1.843 килограми и со модифицирана задна оска од F-Pace, „мачево“ ги искористува сите предности на својата сорта. Страничното навалување воопшто не достигнува вредности да се нарече странично навалување, а во моментот кога треба да се „отвори“ следниот свијок, Jaguar исполнува без доцнење или какво било колебање. Подвозјето недвосмислено укажува дека постои и верзија со 300 КС, со 6,4 секунди до темпо сто и крајни 243 km/h. Ова е спортска машина што само изгледа како СУВ, барем во дел.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најголемата предност на концептот на E-Pace е во тоа што не мора да се изведуваат вратоломии за да се почувствува различниот карактер. Тука пак се јавува паралела со дивите мачки. Тие во природата не се во постојан лов. Средината ги препознава и прифаќа како предатори. Кога се движат, тоа го прават грациозно, достоинствено, фалбаџиски. Овој СУВ е стопроцентен Jaguar и додека се вози релаксирано во секојдневието.

Може да ја замислите сцената: Полека, со лесен чекор се приближувате до овој Jaguar, ја отворате вратата и првото што го правите зад воланот е „Грррррр“

Кога возачот не ржи веднаш штом ќе седне зад воланот, Jaguar покажува и семеен карактер. Британците тешко дека ќе минат без да се пошегуваат, па преградата меѓу седиштата ја нарекуваат „cub box“. Во дното на преградата собира две шишиња од еден литар, а специјалниот капак овозможува таа да се подели по потреба, па внатре може да се одложи и таблет.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Просторното чувство напред е за секаква пофалба, назад нормално дека не смее да се очекува премногу, но пак е над просекот. Багажникот со своите 577 литри е врв во класата, што не важи и за максималната зафатнина од 1.234 литри – страничното вовлекување во горната половина од каросеријата кон опашот „одзема“ по некој литар.

Комфорот на амортизација и акустичниот комфор се согласни на лесниот чекор на мачките

Комфорот на амортизација при возење по автопат е врвен, дури и со „валците“ од 20 инчи. Во град, единствено се слуша кога тркалата ќе наидат на грубо оштетување на подлогата и се чувствува добро амортизирање – што на крајот повторно заслужува добра оцена, и покрај 20-те инчи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Потрошувачката на отворено, при умерено темпо, се движи меѓу пет и шест литри, додека во град треба да се очекуваат вредности меѓу осум и девет литри. На дисплејот од 10 инчи, инаку стандарна ставка во E-Pace, уредно се прикажуваат патните вредности за секое одделно возење. Меѓу програмите за возење постои и еко-режим, со поблаго мапирање на моторот и подомаќинско управување со работата на клима уредот или радиото.

Во Јaguar мора да се очекува дека и „гостинските“ марки ќе бидат на соодветното ниво

Jaguar E-Pace не е помалку премиум од моделите што се повисоко во хиерархијата на британската марка, и тоа се забележува, на пример, кај озвучувањето. Стандардниот аудио-уред испорачува пристоен звук и нема причини за негодување, меѓутоа аудиофилите што го ценат британското во Jaguar, ќе се сетат на големите тамошни имиња во аудио-езотеријата и ќе посакаат уште малку подотеран звук. Тоа ќе чини 1.419 евра – за опрема од Meridian, име за коешто е свесен секој аудиофил. Се нуди и двојно поскапа опрема. Од Meridian, нормално.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За такви случаи да се избегнат или ублажат, Jaguar нуди уште три нивоа на опрема над основното, едноставно означени S, SE и HSE. Нивото S, на пример, при комбинација со мотор D180, погон на сите тркала и автоматски менувач, чини 5.900 евра над основното, и од поважните ставки, во него се вклучени стилска изведба на дневните светла, бандажи од 18 инчи, навигација, собирање на ретровизорите и осветлување на приод, квалитетна кожа во кабината и електрично местење на седиштата.

Основното ниво е „основно“ само според стандардите на Jaguar

Во основното ниво на опрема има бројни ставки што кај конкурентите следуваат дури со доплата: Диодни предни светла, алу-бандажи од 17 инчи, двозонски клима уред, инфо-забавен систем со дисплеј од 10 инчи на допир, блутут, гласовни команди, патен компјутер со дисплеј од 5 инчи, камера за рикверц, самостојно запирање при опасност од судир, следење лента, препознавање замор кај возачот, паркинг сензори напред и назад. Електрична паркирна сопирачка и систем старт веќе се подразбираат како стандард.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Меѓу поспецифичните ставки од дополнителната опрема спаѓа на пример клуч за активности кој се носи како рачен часовник (568 евра) или јонизатор за воздух (186 евра), а секако има и ставки што суштински влијаат врз возењето, како приспособлива амортизација (1560 евра) или пакет со повеќе системи за асистенција, кој меѓу другото вклучува приспособлив темпомат со самостојно запирање и поаѓање при возење во колона и уште цела низа напредни системи на половина пат до автопилотирано возење (1.320 евра).

Дали целата авантура на Jaguar беше само манифестација на британски хумор?

Како завршница, малку британски хумор: „Некој човек барал маскирни прерамки. Не ги нашол“ … „Јас сум на виски диета. Веќе изгубив три дена“ … „Само што се вратив од одмор што се прави еднаш во живот. И да ти кажам, никогаш повеќе.“ По сите авантури на Jaguar, прво откако највредните автомобилски марки од островот се најдоа под ист покрив во British Leyland во 1970-те, потоа преоѓањето под Ford, за марката денес да биде дел од групацијата Tata, прашањето е: Дали сето тоа беше само британски хумор?

New photo by Automedia MK / Google Photos

Можеби сега треба да почнеме да се смееме, затоа што Jaguar и марката сестра Land Rover докажаа дека традицијата, искуството и благородништвото, не може да се уништат ниту по радикални промени на сопственоста. Со масивниот индиски капитал, Jaguar е исто толку британски како секогаш и исто толку Jaguar како секогаш досега.

Човекот што преку ноќ извозе 1.000 километри по патиштата во 1960-те, да го донесе E-Type пред публиката во Женева

Jaguar E-Pace е автомобил што не дозволува рамнодушност. Зад воланот често се случува историјата да почне да се одмотува, да се испреплетува со сегашноста. Лесно е човек да се стави во филм. Ова е сепак марката што има оставено една од незаборавните приказни на автомобилската сцена, барем онаа што се однесува на премиерата на E-Type, во Женева, во 1961 година. По сензацијата што купето ја предизвикало пред публиката на салонот и дотогаш невидениот интерес за автомобил од тој тип, Сер Вилијам Лајонс бара неговиот главен тест-возач Норман Дејвис да довезе од фабриката во Ковентри уште еден примерок од Jaguar E-Type на швајцарскиот салон. Тој постигнува подвиг, извозувајќи близу 1.000 километри за 11 часови. Во тоа време речиси не постојат автопатишта, тоа е фантастично брзо возење. Дејвис постигнува просек од околу 110 километри на час, со еден од ретките автомобили кои во тоа време се способни да постигнат крајни 240 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

И повторно, E-Pace. Најдоброто е тоа што автомобилот е ослободен од хиерархиските норми. Тој не е најмалечок и не е „маче“ покрај големите мачки, од типот на XJ, туку е едноставно модел на Jaguar што на некого му се допаѓа најмногу во понудата. Во верзија со 300 КС и со сите опции, и тој може да надмине 100.000 евра. Во природата не постои јагуар што е повеќе јагуар од останатите. Постои само заедница и припадност во заедницата. Своето место во понудата на Jaguar, E-Pace го има оправдано со најдолгото надолжно салто со сериски автомобил. Тоа го може само тој.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Место технички податоци и останати бројки:

THE ART OF PERFORMANCE

“We are darers, performers and creators. Enemies to everydayers and play-it-safers.

We are the heirs to greatness on road and track.

We never settle for less than extraordinary; pride-welling, pulse-quickening moments when time stops and the world stares. Every Jaguar is a work of technical artistry; agile and sculptural, inspired and theatrical; a true performer that makes the road its stage.

Born of our flair, ingenuity and instinct for seduction, our creations embody our passion for performance and express our reason for being.

To excite in every sense.

So let our drivers sit spellbound in their front-row seats; as our engines roar out their symphonic score.

And let’s show the world that true performance isn’t just measured in figures, but in the way it makes you feel.

These are the moments worth living for, because it’s not the number of breaths you take that matters, it’s the moments that take your breath away.”

New photo by Automedia MK / Google Photos
Фотографии од внатрешноста на Jaguar E-Pace (фабрика):
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Снимка од рекордерскиот потфат за најдолго надолжно салто со сериски автомобил

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

94
14 shares, 94 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *