107
84 shares, 107 points

Конечно модел во компакт класата, за когошто возачот ќе пропушти да ја банализира уметноста на конструирањето автомобили со прашањето „А, од опрема, што има?“ Овој Ford Focus има сé, тоа воопшто не е прашање, но тоа што го има најмногу е чувството за марката

„Тој го може тоа. Распеано е под хаубата. 40, 45, 48, 52, или дури 64 КС. Тоа му овозможува да повлече моќно на семафор и при престигнување. Го одржува брзото темпо на долгите патувања. Има темперамент и подвижен е во густ сообраќај. Ништо не му бега толку лесно … Во безбедната патничка кабина има многу простор за петмина патници. Одделни и поместливи предни седишта, комфорно исполнети и амортизирани. Широка клупа одзади. Голем багажник: 425 литри. Се товари неверојатно лесно. Escort со леснотија ги штити сиве внатрешни вредности од ударите од лошите патишта, од сите временски непогоди и од забот на времето.“ Така своевремено се рекламираше Ford, во времето кога Focus беше Escort во првата генерација, некогаш во 1970-те години.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Чудно е, но веродостојноста на овој рекламен цитат не се сменила оттогаш. Ако се присетиме на првото возење на Ford Focus, во моделската изведба со 1,5-литарски EcoBoost со 182 КС, и подеднакво важно, со спортското ниво на опрема ST-Line, во оригиналната порака би се додало само следново: „Focus се издвојува со впечатокот за класна зрелост, исто како што неговите далечни претходници се издвојуваа од конкурентите, чијашто суштина се сведуваше на КС и дојчмарки“.

За моторот 1.0 EcoBoost нема забелешки уште откако врвните светски инженери првпат го прогласија за мотор на годината

Овојпат на Ford му е по малку отежнато да убеди на тестот, затоа што место 1,5-литарецот, под хаубата работи „само“ 1.0 EcoBoost, сепак со уредни 125 КС. Тоа што во обата случаи станува збор за трицилиндарски бензинци, престана да биде предмет на омаловажувања од кафеанскиот астал, уште од времето кога највлијателните инженери од светски ранг, првпат доделија награда за мотор на годината за EcoBoost.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во поглед на нивото на опрема, ST-Line и Titanium се рамноправни, со таа разлика што едното ниво става повеќе нагласок на спортската нота, додека другото во најдобар манир ја продолжува традицијата на Ghia и прави да им угоди на возачот и патниците. Во прилог на последново, дополнително на фактот дека всушност се работи за меѓунивото Titanium Business, говори следново: Пристап и стартување без клуч, прагови на вратите, патосници, амбиентално осветлување на кабината со светлечки диоди, навигација, хромирани ламели во маската и исто така благороднички светкави рамки на прозорците…

Ford Focus со еднолитарецот со 125 КС, во основното ниво на опрема Trend чини 19.300 евра

Повеќето наши возачи во самоодбрана ги прескокнуваат листовите во ценовникот, кога почнуваат да се појавуваат овие ставки, но мора да се почитува гордоста на увозниците кога ќе пристигне нов модел, па тие домаќински настојуваат да го прикажат, не само во најдоброто, туку во сите можни најдобри светла. За тестов повеќе нé интересира тоа што моторот 1.0 EB со 125 КС е достапен за 19.300 евра со основното ниво Trend, односно за 18.400 евра за едно скалило на моќност подолу, за верзијата со 100 КС – сé уште турбо-КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како редакција што брои автори кои тестирале автомобили уште во времето на Escort, можеме да оцениме и да потврдиме: Ford, генерацискиот скок што го имаш постигнато кај четвртава генерација на Focus е ист како скокот при преоѓањето од Escort во Focus пред дваесет години! Притоа не се изгубил карактерот на марката, односно човек уште знае дека вози Ford.

Уште се препознава возењето кога се седи зад воланот на Ford

Шоферите со долга традиција во маркава умеат да препознаат кога напред стои синиот овал. Ford отсекогаш се карактеризирал со динамичното темпо, додека менувачот е во највисокиот степен на пренос и стрелката на бројачот на вртежи одвај е поместена, при успокојувачка доза њутнметри кои се чувствува дека лесно доспеваат до погонските тркала и кои се подготвени да реагираат во случај кога треба елегантно да се престигне. Тоа е кусиот, но веродостоен опис на возењето во Focus.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Подолгиот опис нема да смени нешто драстично. Подвозјето на компактот на Ford, а тоа значи на анти-голфот од Келн, созреа до нивото, кога повеќе не можат да се најдат забелешки во поглед на комфорот на амортизацијата и комфорната акустика, а уште помалку во обезбедувањето врвни возни својства. Речиси е забава, кога на пат со тесни „лакти“, возачот ќе забележи како кандидатот за престигнување се губи во ретровизорот одново и одново, со секој следен свијок. Притоа сосем лесно се превидува фактот дека во 1.0 EcoBoost (во 1.5 TDCi исто така) работи торзиска задна оска, додека оска со повеќе водилки е резервирана за 1.5 EB и 2.0 TDCi (и за Turnier).

Одличните возни својства на Focus го прават патувањето порелаксирано за возачот

Колку што оваа супериорност на Ford Focus умее да го претвори спортското возење во уживање (во привилегија, исто така), толку истата придонесува возачот помалку да се заморува при подолги возења, кои вклучуваат кривулести патишта. Возачите кои имаат искуство со неколку дузини автомобили, знаат дека по илјадакилометарска тура што се извозува во еден потег, некои модели заморуваат повеќе од други модели. Focus во тој поглед е како зависност. Седнуваш, возиш, одвреме навреме запираш за гориво.

New photo by Automedia MK / Google Photos

И бензинец е! Тоа што кај увозникот Мида Гранд Моторс никој не го ресетирал патниот компјутер 3.000 километри, ни дава вреден податок, кој го потврдува победничкиот поход на моторите што не трошат исто гориво со земјоделската механизација. Просечна потрошувачка по 3.087 километри, вклучувајќи го и нашиот тест: 6,9 литри на сто километри. Или подобро: 6,9 литри на сто километри!

Дизелот постепено престанува да биде алтернатива и во компакт класата

Турбонатполнењето, директното впрскување под висок притисок, повратокот на енергија при сопирање и отпуштање на гасот, програмираната работа на споредните агрегати, сето тоа некогаш ги претвори дизелите во суперхерои на автообилската сцена, кои возеа брзо, а трошеа бавно. Откако истата технологија ја добија бензинците, разликата, односно предноста на дизелот во потрошувачката на гориво, исчезна.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Екстра талент на 1.0 EcoBoost, исто како и на поголемиот EcoBoost со 150 и 182 КС, е исклучувањето на еден цилиндар при ниско оптоварување и континуирано возење со умерено темпо. Во одредени ситуации, моторот работи како двоцилиндарец. Најдоброто е во тоа што не се чувствува ништо. Контролниот софтвер реагира 20 пати побрзо од трепнување. За време на тестот, само еднаш забележавме промена во звукот на една или две секунди при поаѓање, без појава на вибрации, иако објаснувањето за тоа го гледаме во десетината степени под нулата.

Се’ функционира беспрекорно, но не и здодевно

Генерално, возењето во Ford Focus се карактеризира со впечатливо ниско ниво на бучава, како од моторот, така и од подвозјето и каросеријата, исто како и со отсуство на какви било „гранични“ искуства на амортизерите. Тивко, пријатно, контролирано, прецизно, вешто, успокојувачко – со еден исклучок. Мини-преклопникот во рачката за бришачите, со кого што се вклучува задниот бришач, чудно го погодувавме ненамерно неколкупати за време на тестот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

По малку ароганција ќе следи и од дамата за навигацијата, која соопштува дека „говорните команди за навигацијата се недостапни за вашата земја“. Некому може да не му се допаѓа тоа што прстенот за вклучување на функциите на светлата врти бесконечно и само светилка го прикажува изборот, без класично влежиштување во соодветните позиции. Од друга страна, светлата се автоматски во Titanium… Не мора да биде тешка критика и тоа што двата контролни прстени за температурата на климатизацијата се од пластика, место метални, но и тука се наметнува прашањето: Дали сармата е повкусна кога се користи сребрен есцајг… И, климата е автоматска и двозонска во Titanium.

Со просторноста на кабината и со чувството, Ford Focus засега е неприкосновен во класата

Во поглед на просторната понуда и чувството за просторност, Focus е на врвот на класата, особено во поглед на просторот за колена на задната клупа – заслуга на меѓуоскиното растојание од 2,7 метри, што е максимум во класата. Багажникот располага со зафатнина од 375 литри. Во случај тоа да е недоволно, Focus има уште две каросериски изведби – лимузина со доплата од 500 евра и комби Turnier за екстра 800 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште еднаш за погонската спрега. Еднолитарецот со три цилиндри ослободува солидна ергела од коњски сили во целото работно подрачје и буквално за миг го активира граничникот за вртежите, доколку возачот премногу се раскомоти при посилно притискање на педалот за гас. Сето време се чувствува сигурност дека моторот ќе повлече по барање и по потреба, со 170 њутнметри кои пристигаат уште при 1.400 вртежи. Со рамно десет секунди за спринт до сто и крајна брзина од исто така „рамни“ 200 километри на час, нема траги кои ќе укажат дека се работи за мотор што е само втор по хиерархија во гамата на Ford Focus.

Иако е подолг и поширок од конкуренти, Focus не додава непотребни килограми

Во споредба со перформансите на Kia Ceed 1.0 T-GDI, Opel Astra 1.4 DI Turbo, Renault Megane TСe 115 и VW Golf 1.0 TSI, постартни од Focus се Astra и Golf, соодветно со 9,2 и 9,8 секунди за спринт до темпо 100 според фабрика. Во крајната брзина, единствено Astra е побрза и постигнува 5 km/h повеќе од Focus. Затоа, пак, Ford брилјира во поглед на потрошувачката на гориво, со „градски“ 5,9 l/100 km според фабрика. Конкурентите: 6,5 l за Ceed, 7,6 l за Astra, 7,0 l за Megane. Единствено Golf прикажува 4,9 l на фабричките мерења. Како најдолг и најширок модел во оваа петорка, Focus на вага покажува 1.322 kg во нивото Trend, додека значително покусиот и потесен Golf тежи 1.245 килограми во нивото Trendline (Ceed 1297 kg, Astra 1278 kg, Megane 1306 kg).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покрај прецизноста и мајсторски одмерената повратна сила во управувањето, следното што остава сличен впечаток е менувачот, со лесни и прецизни одови. Во класичните дисциплини, Ford Focus не си дозволува пропусти. Уште помалку простор за тоа има во сериската опременост и во листата на дополнителна опрема. Не би требало, покрај цената од 24.200 евра за Focus 1.0 125 КС Titanium Business.

Меѓунивото Titanium Business додава навигација, камера и сензори за 1.200 евра

Нивото на опрема Titanium Business во тестираниот модел чини 1.200 евра над Titanium и дополнително содржи навигација, камера за рикверц и паркинг сензори напред и назад. Оваа разлика може да се преполови, доколку се избере Titanium и се доплати 580 евра за сензори. Во опременоста на Focus Titanium, повеќе има, отколку што нема, па затоа еден блиц поглед во опциите: Сина боја на море околу пуст остров или кусо Desert Island Blue чини 850 евра, специјални седишта со печат од германските ортопеди 900 евра, пакет Технологија 1 (камера за знаци, автоматско долго светло, замор, приспособлив темпомат) 820 евра, пакет Дизајн 6 (диодни светла) 1600 евра, полуавтоматско паркирање, заштита на рабови на врати и задна камера 1250 евра (800 евра во T. Business), грејачи во предни седишта и во волан, загреван ветробран и прскалки 520 евра, семеен пакет (отвор за скии во задна клупа, висинско местење на совозачко седиште, преграда во потпирач за рака назад и сл.) 260 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Приспособливо подвозје со пет режими на работа е достапно само за 1.5 EcoBoost и 2.0 TDCi, по цена од 1400 евра, додека само за комбито Turnier се нуди електрика за ракување со задниот капак, по цена од 580 евра. Во комбинација со автоматски менувач (осумстепен, 2.700 евра доплата), во пакетот Технологија 1 следи и систем за следење лента со активно зафаќање во управувањето.

Бензинецот со 125 КС е достапен и во основното ниво Trend, со цена од 19.300 евра. Од „оптимална опременост во компакт класа“ се е на список: Клима уред, кожа на волан и менувач, грејачи во ретровизори, електрика на сите прозорци, радио и средишен дисплеј од 4,2 инчи, патен компјутер, лумбално местење за возачко седиште, помош при поаѓање на нагорнина, три програми за чувствителноста на моторот и управувањето. Магленки, алу-бандажи, може да се вградат отпосле, тоа е стара мудрост на разумните купувачи.

Суперавтомобил во актуелните македонски услови на автомобилскиот пазар

Ford Focus, значи. И, што има од опрема? Во услови кога по улиците возат дизели со милион километри и оневозможена шанса за каква било катализација на издувот, а во последно време и тешки теренци стари по само неколку години, на кои нагло им падна цената на германскиот пазар на користени возила, откако политиката почна да им ја спушта рампата на афера-дизелите, Focus е како суперавтомобил во актуелните услови на македонскиот пазар. Со беспрекорно чист издув, како автомобил што ќе се нуди во оваа форма и содржина до средината на третата декада од новиот милениум.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа што цените стартуваат од околу 20.000 евра, сигурно не е самоволие на производителите на автомобили, но е разумна вредност, во услови кога европските економии бележат реален раст од три или четири проценти на годишно ниво. Затоа, за цените не треба да се обвинува индустријата, туку најкрупните ликови кои се појавуваат по уличните билборди, порано периодично, а во последно време на растојание од една година. Добра страна е тоа што Ford Focus во новата генерација прилично го надминува нивото што Mondeo го имаше во времето кога чинеше 20.000 евра. Тогаш Mondeo, денес Focus. Тоа го забележуваат и купувачите ширум Европа, не само кај Ford, туку генерално. Размислувањето во таа насока не е погрешно.

За Ford Focus. Постојат сé повеќе модели, кои функционираат примерно и сé прават правилно, но и покрај тоа пропуштаат да го провоцираат, да го разиграат возачкиот дух. Германскиов компакт, ништо не прави погрешно, а сепак успева да го убеди возачот. Тоа се нарекува карактер, тоа се трагите на марката, гените.

Технички податоци · Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 КС Trend

Мотор 3 цилиндри, турбо, директно впрскување под висок притисок со прскалки со 6 отвори, интелигентно исклучување цилиндар, dohc, 4 вентили, 998 ccm, пречник х од 71,9 х 82,0 mm, компресија 10,1:1, моќност 92 kW (125 КС) при 6000/min, вртежен момент 170 Nm при 1400-4500/min, 4 лежишта на коленасто вратило, запчест ремен Погон и пренос Погон напред, 6-степен мануелен менувач Подвозје Електро-механичко сервоуправување, 2,61 вртежи, круг на вртење меѓу тротоар 10,6 m, сопирачки напред вент. диск 282 х 27 mm, назад диск 271 х 11 mm, челични бандажи 6,5 х 16, гуми 205/60 R 16 Димензии Д х Ш х В 4378 х 1825 х 1452 mm, меѓуоскино растојание 2700 mm, ширина на трага напред/назад 1572/1553 mm, круг на вртење меѓу ѕидови 11,1 m, растојание од подлога 135 mm, багажник 341/1320L Тежини и зафатнини Празно возило 1322 kg, носивост 533 kg, дозволена тежина 1855 kg, приколка со сопирачки (12%) 1100 kg, масло во мотор 4,1 l, систем за ладење 5,8 l, резервоар 52 l Перформанси 0-100 km/h за 10,0 s, крајна брзина 200 km/h Потрошувачка (град / пат / просек) 6,2 / 4,5 / 5,1 L/100 km

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Прв тест: Ford Focus 1.5 EcoBoost 182 КС ST-Line

Ford Focus test 1.5 ecoboost st-line

Ford Focus со одличен старт: Повеќе од 40.000 продажби за 6 месеци

Ford Focus е автомобил на годината во Хрватска

Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси

Ако Ford Kuga е многу, Focus Active е точно п

о мера


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

107
84 shares, 107 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format