105
15 shares, 105 points

На денешните СУВ-модели им е сосем доволно да понудат седење на повисоко и за два три прсти зголемено растојание од подлогата, за да си најдат свои возачки и возачи. Од дваесетина модели во класата на Ford Ecosport, само уште четири се достапни во изведба со погон на сите тркала. Во тестот на најмоќната и најопремена изведба, овој Ford нé потсеќа дека светот уште е убав и надвор од градските средини. Тоа е заборавената слобода.

Некогаш и ние подлегнуваме на предрасуди, кога во редакцијата ќе ни пристигне нов модел на тест. Ecosport повеќе години е во понудата на Ford и постигнува солидни продажби, во Европа, но и во Бразил, Аргентина и Мексико, како најголеми автомобилски пазари во Јужна Америка. На тамошните возачи, ова им е веќе втора генерација на Ecosport. Симпатичниот SUV врз основа на Fiesta, со маска што го приближува многу до изгледот на Kuga, Ranger & Co., вози сосем пристојно. Тоа е очекувано, не е ништо ново во маркава.

Радува многу и тоа што клима уредот може по желба да произведе оркан, што е добредојдено во овие денови, кога секогаш врне некаде подалеку, но не и кадешто ни е потребно во моментот. Моќното дување на седми степен веројатно е „последица“ од глобалниот карактер при развојот на моделот, кога некој инженерски тим во Ford убаво зел предвид дека возилото ќе се вози и некаде покрај амазонските прашуми.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Следат неколку фотографии за на инстаграм, да се пријави новиот автомобил во редакцијата. Во тоа време никој не го забележува знакот што некогаш значеше многу, а денес светот го има заборавено тоа. Никој не го очекува тоа. Ecosport поседува погон на сите тркала! Тоа е сензација, зашто само на уште четири модели во неговата класа може да се залепи „AWD“ на задниот капак. Три букви што менуваат многу. Гледиштата на Ecosport се менуваат драстично.

Ford EcoSport не е уште еден шминкерски СУВ за пред кафуле или за качување на тротоар пред зграда

Колку е големо изненадувањето, најдобро покажува еден поглед кон конкуренцијата. Таа се вика Citroen C3 Aircross или C4 Cactus, Kia Stonic, Nissan Juke, Opel Crossland X, Renault Captur, Seat Arona или Skoda Kamiq… СУВ или барем малку теренци? Ништо од тоа, туку обична шминка за пред кафуле и за на тротоар пред зграда. Ford Ecosport е во малку пофино друштво, кога станува збор за „теренската искреност“. Негови вистински ривали се Suzuki Vitara, Opel Mokka, Jeep Renegade и Hyundai Kona. Таму може да се добие погон на сите тркала, некогаш во многу скапа комбинација и само во комбинација со автоматски менувач, но барем истиот се нуди.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Зошто толку значи, дали одреден SUV-модел воопшто се нуди во изведба со погон на сите тркала, имаме објаснето претходно, последен пат при тестот на Suzuki Vitara. Разликата е во проектирањето, во инженерингот. Кога одреден SUV-модел се развива и во верзија со погон на сите тркала, а тоа обично значи и за возење по терен, во предвид се земаат повисоките оптоварувања кои произлегуваат при истото, па буквално секоја компонента во подвозјето, димензионирана е за тоа, повисоко оптоварување. Истото важи и за каросеријата, всушност многу повеќе важи за неа.

Овој СУВ никого не навредува со својата масивност или со имитација на луксуз, изгледа пристојно и добредојдено каде и да се појави

Нормално дека тест-возењето понатму ќе се одвива колку е можно подалеку од град. Таму се покажува уште една добра страна на Ford Ecosport. Бидејќи автомобилот изгледа робусно, но не и премногу нападно, и воопшто не глуми некаков луксузен теренец во појавата. Кога човек ќе се најде со возилото во некој божји мир, влегувајќи во селата по македонските планини, мештаните не гледаат со прекор и не упатуваат прашања со поглед, што овој бара тука? Овој компактен и хармонично дизајниран СУВ, според правилата на старата школа, едноставно изгледа природно и умесно кога ќе се појави во недојдија. За споредба, како би изгледало на истото место да се појавиме со некој од шминкерските СУВ-ја? Не би изгледало воопшто, зашто не би стасале дотаму.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ова сепак е „најпрофесионалната“ изведба на Ecosport. Постојат и моделски верзии со погон само напред, со бензински мотор и со две нивоа на опрема подолу. Ford моментно го нуди Ecosport на акција, со цена од 16.900 евра, што можеби не е најевтината понуда на СУВ на пазарот, но и нема зошто да биде таква. Прво, Ecosport во основната изведба вози со 1,0-литарскиот турбо бензинец со директно впрскување и 125 КС (Ford не пропушта да напомене дека овој EcoBoost е повеќекратен светски мотор на годината), а тоа е далеку од „основен мотор“.

Ценовната предност на EcoSport се покажува кога ќе се спореди со соодветно моќен мотор и богата опрема, тој сепак стартува од 125 КС и релативно богата опременост за класата

Понатаму, нивото на опременост вклучува клима-уред, темпомат, паркинг сензори, радио со дисплеј од 8 инчи и команди на волан, кожа на воланот и други ставки што се разумни за автомобил од оваа класа. Opel Crossland X, на пример, со 1,2-литарец со 110 КС и пониско ниво на опрема, чини 19.871 евра, додека Peugeot го цени својот 2008, со 1,2-литарец со 130 КС и споредливо ниво на опрема, дури 20.020 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во споредба со својата класа, малечкиот брат на Kuga настапува со каросерија долга 4,1 метри, што е за шест сантиметри покусо од Kona или околу седум сантиметри од Vitara. Тоа сепак не се рефлектира во багажникот, кадешто Ecosport располага со зафатнина од 356 литри, односно со максимални 1.238 литри. Истото важи и за просторноста на кабината. Пристапот на задната клупа е едноставен, има доволно слободен простор за стопалата под предните седишта, се седи високо и на пријатна оддалеченост од прозорците или таванот. Ако треба да се наоѓа забелешка, единствено исправениот дел од задната клупа е неколку сантиметри понизок, но не до толку да пречи за комфорно седење и на подолги релации. Сепак треба да се има на ум дека се седи во SUV во класата на Fiesta, иако Ecosport во многу подрачја сака да побегне во следната класа.

Напредокот кај новите генерации возила сепак не е во дизајнот на копчињата и големината на дисплеите, важно е како автомобилот вози и како човек се чувствува

Напред се среќава позната средина, со многу команди и прекинувачи од останатите модели на Ford. Средишниот дисплеј од 8 инчи, за ракување со функциите на инфо-забавниот систем, вклучувајќи и лесно поврзување со телефон, гласно кажува дека се работи за модел од актуелна продукција. Вистина е дека командите за климата се малку пониско, но тука човек веднаш се потсеќа дека од масивниот отвор за воздух горе може да се повика оркан во секое време. За уште еднаш да се испофали климата: Прекинувачот за автоматска работа нуди избор од три степени на интензитет.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Точно е и тоа дека во некои делови од кокпитот се забележува пластика со просечен квалитет, што важи најмногу за капакот на преградата пред совозачот, но од друга страна постојат бројни детали што во корен сосекуват секаква идеја да се притикува завршната изработка. Бидејќи тестираниот модел вози во нивото Titanium, седиштата се обложени со пријатен штоф во комбинација со кожа по страниците и назад. Убав впечаток остава и штепот во бела боја, а конечната насмевка следи откако ќе се забележат меко обложените подрачја околу потпирачите за рака во вратите – вклучувајќи ги и задните. Дури останало простор и за украсни лајсни во сјајна црна боја, на „стратешки“ места во кабината.

Задача: Најди каде се крие рачката или копчето за отворање на задниот капак…

Многу детали, всушност, изведени се со уживање и со големо внимание. Кога ќе се собори задната клупа, на класичен начин, прво со преклопување на седечката површина нанапред, долу се забележуваат неколку места обложени со сунѓер или гума. Тоа е типичен пример за германската педантност, дури и во оваа класа да се спречи секаква можност за појава на несакани вибрации и звуци. Најдоцна во тој момент, почнува да се сака оваа кола.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Добра вежба за интелигенција или перцепција е да се најде рачката или копчето за отворање на задниот капак. Рачката е сокриена во десното светло, хромирана и масивна, и првично се гледа како таа да е дел од светлото. Децата ќе се радуваат посебно на тоа што задниот капак се отвора странично, како кај вистинските теренци од времето – и не само тие. Багажникот е обложен со квалитетен материјал, подот се мести во две нивоа. Уште еден „дојч-момент“ е кога посебно изведеното лежиште за подната преграда, кога таа ќе се постави во горната положба. Нормално е дека по соборувањето на клупата се добива рамна површина.

Има причини зошто менувачот работи како што работи; Комплетно е нов, преземен директно од актуелната Fiesta

Под хаубата во тест-возилото работи новиот 1,5-литарски дизел со 125 КС, кој се буди со притискање копче. Тоа е посилната изведба, покрај основната што располага со 100 КС. За погон на сите тркала, сепак мора да се посегне по посилниот дизел, всушност, единствено тој е достапен со 4×4. Покрај тежината од 1,5 тон, вклучувајќи 75 kg за возачот и резервоар полн до 90%, дизелот со 300 Nm има лесна задача да ја обезбеди бараната динамика. Моторот не бара превисока награда за трудот: Околу шест литри на сто километри се сосем пристојна вредност.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Единствено на стрмна нагорнина треба да се внимава вртежите да не паднат премногу под 2.000/min, но затоа во останатите 99,9% од ситуациите во возењето, нема да се почувствува евентуална турбо-дупка. Дури и звукот е пријатен кога ќе се забрза над 2.500 вртежи, иако за тоа ретко има потреба. Темпо од 120-130 km/h на автопат се одржува мирно и тивко со нешто повеќе од 2.200 вртежи во шестиот степен. Моторот работи со ненападен звук во целото подрачје и без вибрации, што го идентификува како модерен погон.

Еластичноста задоволува целосно и престигнувањето минува за миг. Менувачот е фордова класика, прецизен, лесен, добро пресметан. Истата варијанта на менувачот работи и во актуелната Fiesta. За погонската спрега, само најдобри оцени. Мотор со 125 КС и 300 Nm, сепак не е секојдневие во овој сегмент.

Погонот на сите тркала почна да се нуди дури во минатото лето, заедно со новиот дизел од 1,5 литар

Електроника ја одредува распределбата на вртежниот момент меѓу предната и задната оска, во сооднос најмногу до 50:50, приспособувајќи ја истата зависно од условите на возење и од подлогата, за време од само 20 милисекунди. Погонот на сите тркала е достапен во Ecosport дури од минатото лето, и тоа една година по последното моделско освежување. Тоа несомнено му донесе нови квалитети на моделот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во возењето се чувствува стегната нота од подвозјето. Уште во првиот побрз свијок, возачот ќе научи да цени што подвозјето не дозволува многу странично наведнување, ниту пак помека работа на амортизацијата. Ford ги совладува свијоците суверено, зад воланот во ниту еден момент не се јавува недоверба, дали автомобилот ќе го совлада свијокот без вклучување на контролата на стабилноста. Врвната работа со подвозјето сепак е специјалност на инженерите на Ford.

Цената на тестираниот модел е релативно висока, но затоа не само што ништо не недостига, туку има и вишок

Околу цената на тест-возилото, таа изнесува 25.800 евра. Тоа дефинитивно е солидна сума, но затоа ништо не недостига во овој автомобил. Тоа важи за моќноста на моторот, за нивото на опременост, за погонот на сите тркала, секако. Интересна комбинација би било погонот на сите тркала да се понуди и во комбинација со бензинците, кои во принцип се штедливи, а исто така моќни. Единствена опција покрај 1.5 EcoBlue Titanium е верзијата со нивото ST-Line, чијашто цена достигнува 27.900 евра.

Меѓутоа, и основата е добра. Тоа важи во смисла на претходната напомена, дека некогаш е сосем доволно да се избере модел со преден погон, од когошто се нуди верзија со погон на сите тркала. Акцискиот модел со 1,0-литарски EcoBoost во тој поглед е добар избор.

Ford EcoSport · Најголемото освежување меѓу малечките СУВ, и тоа поради духот на старото време

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Ford Ecoboost е добредојдено освежување во понудата на малечки СУВ-модели, иако е присутен веќе неколку години на европскиот пазар. Тоа што го прави посебен е достапноста на погонот на сите тркала, но исто и дизајнот што вешто балансира меѓу теренска робусност и пријателска појава во уличната слика. Вистина е дека постојат неколку подрачја во кокпитот што влечат корен од претходната генерација, меѓутоа изгледот и ракувањето со копчињата никогаш не решавале околу задоволството во возењето. Ecoboost е автомобилот што се купува заради себе и семејството, и автомобилот што човек ќе посака да го извози буквално кадешто ќе му падне на ум. Плус, седењето е на исто толку високо, како во многу поизвиканите и соодветно поскапи СУВ. Со сета симболика што оди со тоа. Нормално, препорака.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

 

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

105
15 shares, 105 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *