за

Како да се избере добар електричен тротинет

адак тест електрични скутери
адак тест електрични скутери

Електричните тротинети станаа дел од уличното секојдневие. Големата слобода на движење за многумина ја оправдува релативно високата цена на овие „возила“. Тест на осум електрични тротинети од сите ценовни категории ќе послужи како добар ориентир при изборот.

Осум електрични тротинети се најдоа на тест кај познатиот клуб АДАК. Вообичаено за нивните тестови, оцените се веродостојни и се темелат врз обемно оценување според повеќе критериуми. Главно прашање е кои модели се најдобри и дали се оправдува значително повисоката цена на некои од нив. Заклучокот по тестот на АДАК: Скапите електрични тротинети навистина се побезбедни, покомфорни се за возење и располагаат со повеќе опрема.

За споредбениот тест беа избрани осум електрични тротинети со цена меѓу 550 и 2.400 евра. При тестирањето се оценуваа ракувањето, комфорот, возните својства, а особено безсбедноста при возењето. На трите најскапи модели им припаднаа и трите највисоки места на тестот. Победник на тестот, со оцена „многу добро“ (1,9) од АДАК е најскапиот тротинет на тестот, X2 City од BMW (цена во Германија: 2.399 евра).

Победник на тестот: BMW (Kettler) X2 City
New photo by Automedia MK / Google Photos

Овој модел остави убедлив впечаток со добрата изработка и со најдобрите резултати при тестирањето на безбедноста. Поради високата тежина и контролата на брзината преку педал, што бара извесно привикнување, тротинетот ја пропушти највисоката оцената „одлично“.

Уште три тротинети освоија оцена „многу добро“, тоа се Egret-Ten V4 со оцена 2,0, Metz Moover и IO-Hawk Exit-Cross со 2,5). Во просекот, со оцена „добро“, се најдоа три тротинети во ценовниот сегмент меѓу 1.250 и 550 евра.

Губитник на тестот: Moovi ES145
New photo by Automedia MK / Google Photos

Последното место му припадна на еден од најдостапните тротинети на тестот, Moovi ES145 со цена од околу 800 евра. Поради премалечките тркала и поради преклопниот механизам со преголем зјај, овој тротинет вози нестабилно. Покрај тоа, постои висока опасност од незгода поради тешкото дозирање на предната сопирачка. Преклопниот механизам попушти при качување на тротоар, а при долготрајното тестирање се скрши пружината на предното тркало. Тоа беа недвојбени причини за овој тротинет да не добие преодна оцена.

Со трепкачи не располага ниту еден од тестираните тротинети. За стабилноста да не се изгуби при најавување на промената на правецот на движење, управувачот сепак не треба да се отпушта. Од тие причини, АДАК бара од производителите во иднина да вградуваат трепкачи, со цел да се подобри безбедноста во сообраќај.

Најдобра противвредност: Urban
New photo by Automedia MK / Google Photos

При изборот на електричен тротинет, прво треба да се внимава тој да поседува доволно големи тркала. Тестирањето покажа дека тоа е главен предуслов за стабилно возење и за поголема безбедност. Во тој поглед е важно и тротинетот да поседува хидраулична сопирачка напред и назад. Тие го скусуваат патот на сопирање.

Купувачите треба да се информираат и за податоците што производителот ги наведува за досегот. Зависно од производителот и од моделот, досегот се движи меѓу 20 и 50 километри, но во некои случаи, тој отстапува значително од овие вредности. Не треба да се превидува и дозволената носивост. IO Hawk Sparrow, на пример, може да носи возач тежок до 88 килограми, додека BMW X2 City издржува до 129 килограми.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Најважна, сепак, е сопствената тежина на електричниот тротинет. Тоа е особено важно, затоа што како таканаречени превозни средства за „последната милја“, тротинетите треба да бидат и лесни или погодни за носење и транспорт. Во тој поглед, од суштинско значење е ниската тежина и едноставен механизам за преклопување. На тестот на клубот АДАК, два тротинети тежеа над 20 килограми, што е премногу при патување со автобус или трамвај.

Видео од тестирањето на електрични тротинети (на германски јазик)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda Vision IN

Кина е обезбедена, Индија е следниот пазарен предизвик за Skoda

Hyundai i20

Hyundai i20 со стилски упад на забавата на 208-Corsa-Clio