за

Тест: DFSK Glory 580 · Колата што сите ја гледаме, но ја мислевме за друга

DFSK Glory 580
DFSK Glory 580

Можеби е тоа поради долгата изолација, можеби е поради природата што ни испраќа порака за освестување, но неколкуте денови со DSFK Glory 580 се покажаа како мошне делотворен „апгрејд“ на секојдневието. Не станува збор „само“ за достапна цена и за изобилство од опрема, ова е СУВ-моделот за кого што ќе се зборува повторно по неколку години.

За автомобилските марки што ни звучат мистично и егзотично, исто колку исконското кинеско учење за владеењето со енергијата во просторот, или кусо фенг шуи, едно знаеме со сигурност. Тие продаваат возила што издржуваат многу. Пикапи, лесни доставни возила со отворена платформа и со надградби од секаков вид – тие сочинуваат голем дел од „работниот“ сообраќај по нашите улици, во доставата на стока и обезбедувањето најразлични услуги. Значи, фирмите им веруваат на овие марки.

Од друга страна, таков имиџ на нерасипливост и на чиста сервисна услуга, би посакале голем број од марките што се главни во создавањето на автомобилската сцена. Тие ги имаат автомобилите со најубави светла, најголеми дисплеи, станати се толку интелигентни што запираат самостојно штом човек ќе стапне на пешачки премин. Но, не сите им веруваат на овие автомобили, во смисла на издржливоста и на нивната реална вредност. И пак, многумина попрво ќе изберат автомобил од овие вториве.

Сцената почнува да ги забележува и патничките автомобили од производителите од Кина, кои претходно го подготвија теренот стратешки преку своите доставни возила, со имиџ на издржливост и едноставно одржување

Не е првпат, светот да се соочува со таква „неправда“. Тоа би било одличен повод да се изгледа „Big Night“ од 1996 година, со Тони Шалуб, алијас Монк. Синопсисот експресно: Приказна за два ресторани, едниот со врвна храна, но слаба посетеност, а другиот како негова чиста спротивност, со ужасна храна, но затоа со добра забава и полн. Тоа што производителите од Кина досега пропуштаа да го понудат, беше токму забавата. Возачките и возачите ја сакаат таа „забава“ во своите патнички автомобили, за секој ден, за до работа и за на вечера, за излет и за пат на годишен одмор.

Ете ја конечно и неа, забавата во форма на убав и привлечен дизајн, пристојно средена кабина и добро осмислена функционалност. Автомобилите од Кина почнаа да изгледаат атрактивно – без притоа да се копираат европски, американски или јапонски дизајни. Тие ги поседуваат истите квалитети како досега, но се поуверливи во нивното прикажување. И нормално, луѓето одеднаш сакаат да им посветат повеќе внимание на овие автомобили.

Сега веќе не зборуваме генерално, туку конкретно. Во редакцијата ни пристигна на тест-возење DFSK Glory 580. Станува збор за марка во рамките на гигантот Dong Feng, со свои четири фабрики и понуда што се состои од десетина СУВ-модели и ванови, плус уште исто толку лесни доставни возила. Цената на овој СУВ со неговите 4,7 метри должина, седум седишта и 1,5-литарски бензинец од Mitsubishi: Редовно 16.990 евра, акциски две илјади евра помалку, односно 14.990 евра.

Тој податок не значи многу, сé додека не се постави во рамките на пазарната понуда. Најголемото изненадување е тоа што пазарната позиција на Glory 580, реално е оној потсегмент на СУВ-модели од компакт класата, каде што се Peugeot 5008, Nissan X-Trail, Hyundai Santa Fe, па и ѕвезди од рангот на Skoda Kodiaq или Volkswagen Tiguan Allspace. А, тоа значи 14.990 евра на DFSK, наспроти триесетина илјади евра на моделите чиешто име и појава ни се совршено познати.

Glory 580 покажува дека е производ на марка што има многу поголемо искуство со СУВ-возилата од повеќето марки кои сега се вклучуваат во игра во овој сегмент

Тука има многу „но“ и „ама“, меѓутоа најблиска би била споредбата со Peugeot 5008. Тој ја користи основата од 3008, кој и самиот се базира врз компактот 308, но едноставно има издолжена каросерија и незначителни измени во дизајнот. Исто како францускиот СУВ, Glory е достапен само во изведба со преден погон и вози со 1,5-литарски турбо со 146 КС од DFSK, односно Mitsubishi, наспроти основниот 1,2-литарски турбо-трицилиндарец со 130 КС во Peugeot.

Одеднаш, ова големо парче автомобил од Кина станува уште посимпатично. Тоа што Glory 580 не се издвојува во уличната слика, повеќе е пофалба, отколку критика. Некој можеби ќе бара сличности со други марки, но тоа што го одликува дизајнот на кинескиот СУВ е хармоничноста. Оттаму и нашиот наслов: Мошне е веројатно дека овој автомобил сите го имаме некогаш видено на улица, меѓутоа сме го регистрирале како СУВ што не предизвикува реакции, барем не од оние негативните. А, тоа во случајов се покажува како позитивно својство. Исто е како при прелистувањето на новите содржини по социјалните мрежи – не ги отворате сите објави посебно, но ги регистрирате вестите што ги објавиле вашите избрани медиуми, можеби и ќе ставите допаѓање на некои од нив, но главното е тоа што ги задржувате во своите извори на вести и информации.

Дури и основната изведба доаѓа со хромирана маска, стилски ЛЕД-дневни светла со елегантно извиена линија, магленки, но и алу-бандажи од 17 инчи, трепкачи во ретровизорите, заден спојлер, сребрени шини на покривот, хромирани рачки на вратите и хромирани рамки на прозорците. Светликавиот финиш е присутен и во масивната лајсна на задната врата, исто како и во нескромно димензионираните ознаки 1.5T, CVT и 580. На Кинезите дефинитивно им значат големите бројки. И финишот што изгледа како хром.

Ништо не се препушта на случајот. По целиот долен раб на каросеријата следи масивна заштита од пластика, за којашто некој се потрудил да биде отпорна на гребаници што може да ги предизвикаат сувите гранчиња кога се вози по терен.

Со просторноста, Glory делува како внатре да има посебна дневна соба, простор за хоби-активности, двор…

Една работа сепак импресионира посебно. Задните врати. Glory, не залудно, мери 4,7 метри меѓу браниците и 2,78 метри меѓу оските. На задната клупа се пристапува исто толку грациозно како англиската кралица во специјално изработениот Bentley. Со колку простор располага кабината на овој СУВ, сведочи и тоа што назад останува место за уште еден ред седишта. Вкупно седум. Но, не се работи за бројка што ќе служи само за маркетиншки цели, туку последните две седишта се и сосем искористливи за патување.

Багажниот простор не се мери во илјадници литри или во кубни метри, туку во суперлативи. Тоа што за подигнување на спуштените последни седишта се користат ремени, во секој случај цврсти, не би требало да се зема за мана. Истото важи и при соборувањето на средната клупа. Но, тоа што потпирачите за грб се нешто потешки од вообичаеното, Glory пак го претвора во предност. Тие се тешки, затоа што има материјал во нив, а тоа значи дека клупата е комфорна и сигурно нема да „пропадне“ со текот на годините. Кој уште би забележал за тоа што отсуствува длабинско местење на воланот и висинско местење на возачкото седиште? Ергономијата, патем, пак одговара.

Кога ќе го квалификуваме „580“ како машки автомобил, тоа не значи дека со него не можат да управуваат дами, туку дека автомобилот е создаден според критериуми и барања што повеќе се ценат од машко гледиште. Прекинувачите на воланот, на пример. Тие не се лакирани и врамени во хром, а немаат и перфектно заоблени рабови, за прстите да не се „иритираат“ премногу. Но, тие пак функционираат беспрекорно – и служат за вклучување и исклучување на нивната функција, без дополнителни „филмови“. Конечно, Ferrari не е „ферари“ поради тоа што има подобри прекинувачи, туку неговите вистински вредности се на друго место.

Која е тогаш најистакнатата вредност на DSFK Glory 580 1.5 CVT Comfort? Добар дел од моделите во оваа класа, поточно во овој сегмент на седумседи што балансира меѓу компакт и средната класа, не се поразлични од комби-изведби, кои само се качени на повисоко. Кинезов има суштина. Кога ќе се потера побрзо по земјен пат, подвозјето не почнува да тропа панично и амортизацијата не потклекнува, во управувањето не се појавуваат тресење и удари, а притоа и каросеријата не одѕвонува, или кажано поверно, не тропа како тапани.

Најголемиот „аха-момент“ е кога возилото ќе се потера побрзо по земјен пат, тогаш најдобро се покажува колку солидно е изработен овој „580“

Тоа е воедно и најголемиот квалитет што го покажува Glory. Концептот на овој модел, значи, не вклучува „само“ многу простор и приспособливост, плус цена што е без конкуренција, туку вклучува првенствено солидност и цврстина. Не е случајност, тоа секако. Овие квалитети се должат во голем дел и на цврстината на каросеријата. Патем, на краш-тестовите во Кина, „580“ мина со највисока оцена.

Отсуството на погон на сите тркала, во најголемиот дел од излетите надвор од асфалтот, нема да претставува пречка. Таму ќе се покаже добриот тежински баланс меѓу оските и растојанието од 20 сантиметри од подлогата. Аглите на пристап и излегување, како и аголот на рампа, исто така одговараат за возење по терен. При „ловењето“ кадри за фотографирање, во ниту еден момент не се покажа пречка поради тоа што само предните тркала се погонски, исто како што и браниците и подот не загребаа по подлогата. Возење по кал и снег, длабоко во дивината, тоа е веќе друга приказна.

Од корист при возењето по терен ќе биде и менувачот CVT. Возачот мора само да внимава на пречките, менувачот сам си го избира преносниот однос што е најоптимален според условите на теренот и моментното оптоварување, така што целиот излет минува релаксирано. Овие менувачи се вградуваат веќе со децении, тие впрочем се стандарден дел од хибридната погонска спрега на Toyota, но уште се дискутира околу нивната специфика, а тоа е „завивањето“ при посилно забрзување.

Glory 580 се нуди и во изведба со мануелен менувач, при што се заштедуваат 2.000 евра. Дали вреди доплатата за CVT? Доколку се земе предвид целата комоција и „апгрејдот“ на секојдневието што ги нуди автомобилов, да. На тој начин се заокружува целиот концепт, „душата“ на Glory. Што се однесува до менувачот CVT (конструиран од Honda), екстремните забрзувања за него се неприроден режим, исто колку што е неприродно, при секое поаѓање педалата за гас да се притиска до крај. Бидејќи никој не поаѓа така, нема да пречи и тоа што го нарекуваме „завивање“. Доколку се познава принципот на работа, многу е полесно да се разбере зошто менувачот CVT реагира на тој начин при силно забрзување. Сепак станува збор за звучна појава, без други пропратни ефекти и истата е својствена за сите менувачи од овој вид.

Мотор конструиран од Mitsubishi, менувач CVT конструиран од Honda: Што не треба да биде во ред тука?

Моторот? За моќноста од 146 КС и вртежниот момент од 220 њутнметри, кои турбо-компресорот ги произведува уште при 1.800 вртежи, јасно е дека нема што да се забележи. Користењето турбонатполнење веќе е класика и кај бензинските мотори, и тоа кај „580“ ќе се почувствува најдобро, кога при патна брзина на автопат, некоја подолга и поголема нагорнина ќе се совлада без какво било намалување на темпото. Истото важи и при поаѓање, њутнметрите се чувствуваат. Кој не вози со првенствена намера да биде прв на семафор и најбрз на автопатот, нема причина да се пожали за перформансите на Glory. Во тој поглед, верзијата со мануелен менувач би требало да постигне за нијанса поголема динамика. Работа на избор.

Подвозјето е дури и хармонично. Кој очекува каросеријата да се навалува странично при побрзо влегување во свијок или предните тркала да почнат да влечат надвор од свијокот, ќе се „разочара“ од овој Dongfeng. Законите на физиката важат за германските и за јапонските инженери, исто како за кинеските, кои сосем примерно си ја завршиле работата. Повеќе искуство е потребно при финото дотерување на подвозјето, и сосем е извесно дека DFSK за тоа се потпира на услугите од инженери од старата „европска“ школа. Тоа се чувствува, европскиот печат во дотерувањето на амортизациајта и сите фактори што во целина го создаваат чувството во возење. Во секој случај има голема резерва таму долу и тоа ќе се почувствува кога тркалата ќе „уловат“ некоја дупка, за што возачот ќе стане свесен без многу паника.

Не мора да се создава многу паника и околу потрошувачката на гориво. Само мал процент од триесетината досега продадени примероци се префрлени на автогас. Во тој поглед е предност што моторот користи индиректно впрскување и преоѓањето на евтиниот гас е подостапно и поедноставно. Но, токму малиот процент на преоѓање на автогас укажува дека сопствениците се задоволни со потрошувачката. На нашиот тест излезе вредност од околу 11 литри, без штедење, вклучувајќи и искачување на планина. Во град, со нешто повеќе внимание, вредноста може да се одржува на околу десет литри, додека на отворено може да се смета на осум до девет литри. Доколку се имаат предвид актуелните цени на горивата и прогнозите дека цените нема да се менуваат драстично во видно време, зошто тогаш и ние да не „се правиме Американци“?

Токму примерот со еден „американски“, а реално корејски СУВ, од сега веќе непостоечкиот Dаewoo, ќе послужи одлично. Chevrolet Captiva, своевремено постигнуваше одлични продажби, вклучувајќи го и нашиот пазар. Во тогашните рани години на СУВ-манијата во Европа, никој како да не се прашуваше, каков автомобил е всушност Captiva. За брзо време се покажа дека хит-моделот, последно достапен по истата цена колку Glory 580 на нашиот тест, всушност има многу мани. И навистина, кабината беше зачудувачки мала и тесна, патот на сопирање повеќе се мереше во минути отколку во метри, возните својства беа ужас, исто како и завршната израсботка, а во поглед на издржливоста а техниката, беше посигурно да се купи примерок со тристотини илјади километри, отколку нов, зашто тоа беше поголема гаранција дека автомобилот функционира.

Ако постои одреден заостаток кај Glory зад водечките производители, тој сигурно е помал од „заостатокот“ во цената

Прашањето е: Ако можеше Chevrolet Captiva, алијас Opel Antara, да постигне каква таква продажба на пазарот, што тогаш треба да направи DFSK Glory 580, кој нема ниту една од маните и недостатоците на непрославеното дуо? Реално, овој СУВ не поставува врвни стандардни во ниту едно подрачје, и никој нема да му забележи за тоа. На пазарот постојат конкурентски модели со мотор што работи потивко и влече поубедливо, што се покомфорни или може да се возат спортски, има и такви што располагаат со безброј дисплеи во кокпитот, што се поврзуваат онлајн и со кои може да се разговара – но, не и по цена што барем приближно би била колку на DSFK.

Побаравме и цени на редовното сервисирање, на некои резервни делови и на вообичаените потрошни делови. Одговорот од увозникот АБЦ Бротхер ни пристигна експресно, а имало и зошто да биде така:

ЦЕНИ НА РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ

  • Преден сопирачки диск, парче 4.400 денари
  • Заден сопирачки диск, парче 6.300 денари
  • Ламела и потисна плоча, комплет 11.400 денари
  • Сопирачки плочки, назад, сет 3.200 денари
  • Сопирачки плочки, напред, сет 2.100 денари

ЦЕНА НА РЕДОВЕН СЕРВИС

Прв сервис 4000 км – 4000 ден.
  • Промена 4 литри моторно масло
  • Промена на филтер за масло
  • Работна рака
  • Комплетна проверка
Втор сервис 14000 км – 5000 ден
  • Промена 4 литри моторно масло
  • Промена на филтер за масло
  • Промена на филтер за воздух
  • Работна рака
  • Комплетна проверка
Трет сервис 24000 км – 10000 ден
  • Промена 4 литри моторно масло
  • Промена на филтер за масло
  • Промена на филтер за воздух
  • Промена на филтер за гориво
  • Промена на филтер за полен
  • Промена на 4 свеќици
  • Работна рака
  • Комплетна проверка

Автомобилизмот е „жива материја“. Многу работи се менуваат, некогаш многу побрзо од претпоставките. Кинескиве авто-производители дури сега почнуваме да ги разбираме. Или поточно, „нашиве“ допрво ги осознаваме преку кинеските марки. Како тоа? Производителите од Кина даваат автомобил каков што сака купувачот, а не како што производителот прави за купувачот да сака. DFSK Glory 580 е комфорна, издржлива, просторна, опремена, голема, убава кола. Во некои детали, се чини како тие да претерале со „доброто“. На пример, таков е дебело тапацираниот потпирач за рака во вратите. Во сите врати. Некој во оваа кинеска марка сакал да им угоди на своите клиенти. Тука нема ниту трага од ароганција. Затоа, пак, на европскиов пазар, сите се однесуваат како премиум марки. Честопати се нудат компромиси, но купувачите молчешкум ги прифаќаат, затоа што нивната омилена марка или марка по избор, практично налага за купувачите да заклучат дека компромисот е добар.

Ниту DFSK Glory 580 не е совршениот автомобил, но е добар, а тоа е одлично

Уште заклучок на заклучокот од тестот: Ниту DFSK Glory 580 не е совршениот автомобил. Но, никој од тие, условно кажано недостатоци, не влијае врз неговите квалитети како автомобил. Најдобро е да се опише како чесно изработен автомобил. И, тоа е „квалитет“. Тоа е исто како луѓето што на пазар постојано купуваат од исти тезги. Некои продаваат поевтино, некои поубаво, но тие пак купуваат кај „своите“, затоа што така им се допаѓа. Нам овој автомобил ни се допаѓа.

Основни технички податоци · DFSK Glory 580 1.5 T CVT

  • Мотор SFG15T, бензин, турбо, dohc, 16v
  • Работна зафатнина 1498 cm3
  • Моќност 107 kW (146 КС)
  • Вртежен момент 220 Nm при 1800-4000/min
  • Резервоар 58 литри
  • Погон Напред
  • Пренос Менувач CVT (стандардно мануелен со 6 степени)
  • Водење на предни тркала Мекферсон, независно
  • Водење на задни тркала Торзиска оска
  • Сопирачки Дискови на сите тркала
  • Управување Електрично серво
  • Гуми 225/60 R17
  • Димензии (Д х Ш х В) 4680 х 1845 х 1715 mm
  • Меѓуоскино растојание 2780 mm
  • Растојание од подлога 200 mm
  • Ширина на трага напред / назад 1570 / 1572 mm
  • Празно возило 1460 kg
  • Дозволена тежина 1985 kg
  • Гаранција 3 години / 100.000 километри

Цени на моделски изведби на DFSK Glory 580 во Македонија

(цени со попуст, АБЦ Бротхер)

Comfort 14.990 евра
Comfort CVT 16.990 евра

Ниво Comfort содржи магленки, диодни дневни светла, сончев покрив, алу-бандажи, 7 седишта, паркинг сензори назад, камера за рикверц, клима уред, радио со дисплеј од 10 инчи и 6 звучници, електрика на сите прозорци, автоматско собирање на ретровизори, централна брава со далечинска команда.

Luxury 15.990 евра
Luxury CVT 17.990 евра

Ниво Luxury дополнително содржи електрична паркирна сопирачка – стандард со CVT, мерење на притисок во гуми, пристап и старт без клуч, темпомат, грејачи во ретровизори.

Intelligence CVT 18.990 евра

Ниво Intelligence дополнително содржи контрола на тракција, посебен средишен дисплеј од 9 инчи, приказ на возило во 360 степени при паркирање, паркинг сензори напред, панорамски сончев покрив, помош при поаѓање на нагорнина, сензор за дожд, автоматика на светла, електрично местење на предни седишта.

(CVT = безстепен менувач, заедно со електрична паркирна сопирачка)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford против птичјиот измет врз автомобилскиот лак

Ford против птичјиот измет врз автомобилскиот лак

Kia Sorento има ретровизори“ во таблата со инструменти Kia Blind Spot View Monitor

Kia Sorento има „ретровизори“ во таблата со инструменти