Врз основа на исполнетите цели во работењето на Tesla, шефот Илон Маск може да прокнижи добивка од 775 милиони долари. Калифорнискиот производител има уште поголеми цели, но и заработката на шефот ќе расте соодветно.
Низата успеси во работењето на калифорнискиот производител на електрични автомобили Tesla му донесе голема заработка на шефот Илон Маск. Технолошкиот суперстар ја исполни првата транша од широкоградиот план за наградување. Со овој план се предвидува шефот да добива масивни бонуси, во случај кога ќе се исполнат поставените цели, на пример, достигнување на одредена берзанска вредност на компанијата или при одреден раст на прометот.
Првата транша опфаќа 1,7 милион акции на Tesla, чијашто последна вредност достигна 806 долари. Маск може да ги откупи овие акции по цена од 350 долари. Од разликата би произлегла книговодствена разлика од 775 милиони долари, односно околу 700 милиони евра. Сепак постои услов Маск да ги задржи вредносните хартии најмалку во следните пет години, а до тогаш никој не може точно да предвиди како ќе се движи вредноста на акциите.
Во секој од вкупно 12-те чекори во следните 10 години, Маск мора да ја зголемува вредноста на компанијата за 50 милијарди долари
Шефот на Тесла не добива редовна плата, туку заработува кога концернот ќе исполни одредени цели. При продолжувањето на неговиот шефовски договор за следните десет години, во почетокот на 2018 година, беа поставени околу 12 цели, кои предвидуваат берзанската вредност на компанијата да се зголемува во чекори од по 50 милијарди долари. Tesla напредуваше далеку над тоа и трајно достигна пазарна капитализација од преку 100 милијарди долари. Последниот пат, вредноста изнесуваше влизу 150 милијарди долари.
Ова е само првиот чекор од амбициозните цели, затоа што крајната цел е вредноста на Tesla да порасне на енормни 650 милијарди долари. Во тој случај, 48-годишникот теоретски ќе може да заработи до 2,6 милијарди долари.
Секако дека е голем ризикот доколку Tesla не ги исполни целите. Како најголем единечен акционер, кој има удел од 18,5 проценти во компанијата, капиталот на Маск зависи речиси исклучиво од судбината на концернот.