за

Tesla Model S 70D: Отсега со батерија за 400 километри

Американскиот специјалист за погон на струја стартува со продажба на новата основна верзија на Model S. Електричната лимузина има поголем досег, погон на сите тркала и моќност од преку 330 КС.

Tesla Motors стартуваше со продажба на новата основна верзија во гамата на Model S. Исто како во најсилната изведба, буквата „D“ во ознаката на Model S 70D означува „dual-motor“, што не значи ништо друго освен дека станува збор за погон на сите тркала. Литиум јонските батерии сега имаат капацитет од 70 киловатчасови, што според нормите е доволно за 442 километри пат. Едниот електромотор е задолжен за предната оска, а вториот за задната оска. Распределбата на моќноста од двата мотора се врши електронски во зависност од условите на патот. Во споредба со топ-моделот P85D, моќноста е преполовена. Со 334 КС, Model S 70D забрзува до сто за 5,4 секунди, а крајната брзина изнесува 225 километри на час.

tesla model s 70d

Новиот модел е замена за претходникот Model S 60, којшто имаше батерии со капацитет од 60 киловатчасови. Вообичаено за Tesla, во опремата ништо не недостига ниту во новиот основен модел: Навигација, систем за следење лента, самостојно запирање при опасност на патот, пристап без клуч, а покрај тоа и бесплатно полнење на батериите и систем за автоматско возење. Новата верзија ја поседува софтверската верзија 6.2, со којашто се добива можност сопствениците да го обновуваат софтверот преку интернет, односно да додаваат нови функции на возилото и да преземаат мапирања на погонската спрега. Новитет во понудата се и трите нови бои. Цената во САД изнесува 75.000 долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ексклузивен хотелски апартман на Bentley во Истамбул

McLaren 570S: Британскиот тркач е поевтин од Porsche 911 Turbo S