за

Стартуваат нарачките за Tesla Model 3 во Европа

Tesla Model 3 evropa start

Лошите сценарија за Tesla и особено за Tesla Model 3 не се остварија. Електричната лимузина од класата на серијата 3 на BMW или Mercedes C-Class отсега е достапна и на европскиот пазар. Тоа нема да мине незабележано, како од купувачите, така и од конкурентските производители

Калифорнискиот производител на електрични автомобили своевремено го најави Tesla Model 3 како револуција на автомобилскиот пазар. По отворањето на книгите со нарачки за малечкиот брат на Model S и X во април 2016 година, повеќе од 400.000 клиенти го ставија својот потпис за овој автомобил. Тие веруваа во зборовите на визионерот и мултимилијардер Илон Маск, дека „нема да најдат подобар автомобил за 35.000 долари.“ Но, тој автомобил за 35.000 долари уште се нема појавено, затоа што Tesla Model 3 се нуди само во најскапите и најсилни моделски изведби.

Од денес, европските возачи можат да ставаат нарачки за електричниот автомобил преку онлајн конфигураторот на Tesla. Бидејќи нема конкретни податоци за македонскиот пазар (звучи поофицијално кога е формулирано така) и во Tesla не се особено ревносни да одговараат на барањата на медиумите, како ориентација ќе ги користиме податоците за германскиот пазар.

Сосем е извесно дека Tesla Model 3 отсега ќе биде почеста глетка, Европа сепак се вбројува меѓу најголемите продажни региони за електричните автомобили

https://photos.app.goo.gl/H1881SHzXumYSeHe8

Нарачката преку веб-страницата се потврдува со уплата на аванс во висина од 2.000 евра. Во зависност од конфигурацијата, локацијата и датумот на нарачка, испораката би требало да следува веќе во март. Причината за експресниот рок на испорака е тоа што во САД завршија субвенциите за електрични автомобили и голем број примероци од Model 3 лежат на фабричките плацеви.

Место гласно најавуваната „верзија од 35.000 долари“, на клиентите им се нудат верзија со два електромотора и продолжен досег по цена од 55.400 евра и верзија со врвни перформанси, којашто чини 66.100 евра. Основната моделска изведба се очекува да биде достапна во втората половина од годинава, но нејзината цена уште не се соопштува.

Спринт за 3,5 секунди до темпо 100 не може да постигне ниту Mercedes-AMG C 63; Неговата цена е споредлива со Tesla Model 3, не сметајќи ги субвенциите за електрични автомобили

Од моментно понудените две верзии, Model 3 Long Range постигнува досег до 560 километри, пресметано според актуелната и пореална норма WLTP. Нејзината крајна брзина изнесува 233 km/h, спринтот до темпо 100 трае 4,8 секунди. Верзијата со врвни перформанси има досег од 530 километри, но затоа погонската спрега дозволува брзина до 250 km/h, пред да се вклучи блокадата. Спринтот во овој случај трае само 3,5 секунди. „Перформанс-верзијата“ дополнително добива и бандажи од 20 инчи, место стандардните од 18 инчи, но и зајакнати сопирачки, заден спојлер од карбон, спушптедно подвозје, алу-педали и посебен режим за возење по тркачка патека.

Полнењето на батеријата може да се претвори во целодневна „забава“ доколку се користи обична приклучна кутија за струја. Тука сепак се работи за батерија што испорачува енергија за повеќе од 500 километри – според новата норма WLTP

https://photos.app.goo.gl/z7WJRNGfdFoajyMJ7

Понудата од опции се сведува главно на избор на бои. Притоа важи правилото: Сите бои освен црната се изгор скапи. Црвената повеќеслојна боја, на пример, чини 2.600 евра. Може да се избере и за премиум-изведба на кабината, којашто за дополнителни 1.050 евра доаѓа со покомфорни седишта со греење и електрично местење, попрактична средишна конзола, аудифилско озвучување, стаклен покрив, електрично собирање на ретровизорите, меморирање на личниот избор на профил на возач, диодни магленки, сателитски карти и обновување на софтверот преку мобилната или локалната мрежа.

Со текот на времето на сите им стана јасно дека вечните критики за Tesla беа само притисок од индустријата, која што и натаму не е расположена да инвестира масовно во електричниот погон

Контроверзниот „автопилот“, се нуди само во пакет вреден 5.200 евра, заедно со уште неколку интересни ставки. Кога ќе се пресметаат сите опции, крајната цена на Tesla Model 3 достигнува 76.000 евра. Тоа е околу две илјади евра под цената на монструм од типот на MercedesAMG C 63 со 476 КС. До верзијата „S“ со нејзините 510 КС и 4,1 секунди до темпо 100 остануваат точно десет илјади евра разлика.

Кој сака да ги полни батериите дома, ќе мора да доплати и за полнач од Tesla, доколку нема трпение да чека најмалку 15 часови, ако се користи обична приклучна кутија во домот. Во меѓувреме стивнаа и критиките. Медиуми објавуваа дека возилата се испорачуваат со сериозни пропусти во завршната изработка, дека возилата се палат сами од себе или автопилотот прави кобни грешки. Со тек на време на сите им станува јасно дека станува збор за политички притисоци од моќната автомобилска индуструја, поточно од делот од индустријата што попрво би ја игнорирала веќе започнатата ера на електричниот погон и би продолжила со обични мотори и фосилни горива.

Возачи на пикапи блокираат полначи на Tesla

Tesla вози во служба на швајцарската полиција

Секој час по 50 примероци од Tesla Model 3

Tesla планира поевтина изведба на Model 3

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Swift prodazba

Suzuki Swift со титула на автомобил на годината во Индија и двомилионска продажба

Mercedes детска количка

Сега и бебињата имаат сопствен Mercedes