Најпродаваниот автомобил во Холандија е електричен. Tesla Model 3 од почетокот на годинава има постигнато повеќе продажби од традиционалните бестселери во земјата.
Tesla во последните денови од третиот квартал постигна голем пораст во продажбата на холандскиот пазар и уште толку ја зголеми предноста како најпродаван автомобил во земјата. Во последните три месеци, во Холандија се продадени 7.771 автомобили на Tesla. Во оваа бројка, Tesla Model 3 учествува со дури 7.289 продажби. Тоа се близу 95% од вкупната продажба на калифорниската марка во Холандија.
Само во последните две недели од септември се продадоа околу 3.000 примероци од Tesla Model 3. Специјалистот за електрични автомобили постигна рекордна продажба на холандскиот пазар за едно тромесечје уште во средината на септември.
Со близу 10.000 примероци од почетокот на годината, Tesla Model 3 е воедно и најпродаван модел во Холандија. На второто место е VW Polo со 9.529 продадени примероци, трет е Ford Focus со 8.265 возила.