161
21 shares, 161 points

Според автомобилскиот експерт Сенди Манро, пикапот со необичен изглед може да му донесе огромна заштеда на Tesla. Поради едноставната форма и нелакираната каросерија, производството на Cybertruck чини неколкупати помалку од обичните пикапи.

Кога Илон Маск го претстави Cybertruck, електричниот пикап со необична форма го предизвика вниманието на целата автомобилска сцена. Со острите рабови и со едноставните површини, Cybertruck изгледаше како каубојска верзија на спортски автомобил од 1970-те години. Таква беше и идејата на Шефот Илон Маск, да се дизајнира пикап во стилот на Lotus Esprit.

Според експертот Сенди Манро, причината за ваквиот дизајн не е пикапот на Тesla само да се издвојува од моделите на останатите производители. Манро е експерт за техника на производство, но и еден од најголемите критичари на производството на Tesla. Неговото име се читаше често во дискусиите околу проблемите во производството на Model 3. Но, неговиот став кон калифорнискиот пикап на струја е сосем различен.

Манро цени дека производството на Cybertruck е неколкупати поевтино отколку на обичните пикапи. Рамните површини и правите рабови се многу поедноставни за изработка, а со тоа се и многу поевтини за производство. Пикапот поседува своевиден егзоскелет како каросериска основа, врз којашто се монтирани надворешните панели. Експертот цени дека овие панели се изработени од благородна челична ламарина со дебелина од три милиметри, истата што Маск ја користи во своите вселенски летала.

„Не постои начин тоа да се изведе поедноставно“

Голема заштеда се постигнува и со тоа што нема потреба од лакирање на каросеријата. Рамните површини со прави линии се сечат со хидроабразивен резач (воден млаз), по што следи едноставно пресување и роботизирано заварување. Формите на пикапот се крајно поедноставени. Американскиот експерт: „Не постои начин тоа да се изведе поедноставно.“

Додека автоиндустријата го користи напредокот на производствената техника за да произведува сé посложени форми, Tesla свесно се враќа 50 години назад и ги користи денешните можности за едноставните форми да ги произведе колку може поевтино.

Според Сенди Манро, производствената линија за Tesla Cybertruck, за годишна продукција од 50.000 возила, би чинела 30 милиони долари. За споредба, производствената лента за Ford F-150 чини 210 милиони долари. Главнината од цената, околу 150 милиони, отпаѓаат само на лакирањето.

Манро открива детали и за „стаклото“ на електричнот пикап на Tesla

Под претпоставка продукцијата на Tesla Cybertruck да изнесува 600.000 примероци годишно, производството на електричниот пикап би чинело 125 милиони долари, додека производството на Ford F-150 би достигнало 615 милиони долари. Оваа сума секако дека не се однесува на вкупните трошоци за производство на возилата, туку за парите што мора да се вложат во фабриката, за таа да работи долги години.

Експертот за производство коментира и за фијаското со стаклата при премиерата на Cybertruck, кои попуштија под ударот од челичната кугла. Манро посочува на тоа дека куглата сепак само го оштети стаклото. Доколку се работело за обично стакло, куглата ќе го пробиела без проблем. Тој цени дека не се работи за стакло, туку за сурмет. Тоа е проѕирна керамика од алуминиумоксинитрид, што се користи и во тенковите. Сурмет без проблем издржува куршум од рачно огнено оружје, но не минува неоштетено при напад со артилериска муниција.

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

161
21 shares, 161 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *