Tesla доби дозвола да почне со рамнење на земјиштето за фабриката во близина на Берлин. Производителот на електрични автомобили сепак има неколку претходни задолженија.
Уште една пречка е совладана за планираната изградба на првата европска фабрика на американскиот производител на електрични автомобили Tesla. Агенцијата за животна средина на германската покраина Бранденбург даде зелено светло за почеток на рамнењето на еден дел од земјиштето во Гринхајде, во близина на Берлин.
Tesla сака неодложно да отпочне со градежните работи. Но, уште недостига комплетното одобрение во поглед на законите за заштита на животната средина. Tesla може да започне со работа на сопствен ризик и во случај да изостане конечно одобрение, ќе мора земјиштето да го врати во првобитната состојба.
Компанијата може да започне со отстранување на површинскиот слој од земјиштето и да го израмни теренот со површина од околу 92 хектари. Според Министерството за животна средина, Tesla притоа ќе мора да внимава на фактот што станува збор за подрачје на заштитени води. Дрвјата со лилјаци остануваат, додека овие ноќни животни го напуштат своето зимско престојувалиште.
Површините со мравјалници не смее да се уништуваат, сé додека не се изврши нивна преселба. Tesla планира од следната година да произведува околу половина милион електрични автомобили во Гринхајде.