за

Tesla ќе произведува и камиони со електричен погон

Tesla најавува камион и автобус со погон на струја. Но, пазарните експерти препознаваат друга намера во оваа најава на шефот Илон Маск. Дали калифорниската фирма има проблем да ги задржи инвеститорите?

По десет години од првиот мастер-план, основачот Илон Маск го најави следниот план, којшто предвидува уште в година да биде претставен влекач со погон на струја, како и автобус за јавен градски превоз. Засега отсуствуваат конкретни детали околу влезот на Tesla Motors меѓу производителите на товарни возила.

Аналитичарите се изненадени од овој потег на големиот визионер, особено ако се земе во предвид дека Tesla во моментов се соочува со други, многу посериозни проблеми, од коишто зависи натамошниот опстанок на калифорнискиот специјалист за електричен погон. Некои пазарни експерти сепак ја препознаа намерата на Илон Маск. Новиот мастер-план има за цел првенствено да го одржува доброто расположение на инвеститорите. Tesla Motors досега бележи само загуба и мора да привлече нов капитал.

Најавата за производство на камиони и автобуси следи во време кога Tesla е под истрага по кобната незгода со автопилотот во Model S и кога експертите се сомневаат дека калифорнискиот производител ќе успее навреме да стартува со испорака на стотиците илјади примероци од новиот Model 3

Работите за калифорнискиот производител во моментов не се одвиваат најсјајно. Националната агенција за безбедност во сообраќајот води истрага за незгодата во којашто загина возач на Tesla Model S поради грешка на автопилотот во возилото. Од друга страна, огромни се сомнежите дека Tesla ќе успее навреме да ги испорача стотиците илјади нарачани примероци од Model 3, лимузината од средната класа што е двојно поевтина од Model S и Model X. Стартот на испораката треба да се случи кон крајот на идната година. Tesla и досега имаше големи доцнења со испораката на своите модели.

Затоа зачудува најавата на шефот Илон Маск за производство на товарни возила и автобуси. Tesla нема да биде пионер на ова поле. Швајцарската фирма E-Force уште пред три години претстави камион со погон на струја и носивост до 10 тони. Холандската фирма Terberg исто така произведува електрични товарни возила. Нив ги користи и BMW за достава на компоненти во своите погони во Минхен.

Цената на батериите со огромен капацитет што е неопходен за камионот на Tesla има уште попресудна улога отколку кај автомобилите

Досегот што го постигнуваат товарните возила со погон на струја е неспоредливо помал отколку кај електричните автомобили. Влекачот што го најавува шефот на Tesla би имал изобилство простор за сместување на батериите со гигантски капацитет, но проблемот тука не е во просторот, туку во цената, а таа има уште попресудно значење во секторот на товарните возила.

Експертите предвидуваат дека цената на батериите ќе продолжи да се намалува. Моментно цената за еден киловатчас изнесува околу 250 евра. Веќе в година оваа цена ќе се спушти на под 200 евра. Но, крајната цена за огромниот број батериски модули што е неопходен за камионот на Tesla сепак би била превисока. Батериите во камионот E-Force располагаат со капацитет од 240 киловатчасови, што овозможува досег меѓу 200 и 300 километри, зависно од товарот и од брзината.

Времетраењето на полнењето е голем проблем при транспортот на стока – секое непотребно мирување на камионите повлекува загуба за шпедитерот

Овој досег е доволен за дистрибуција на стока на територија на град. Поинаку е при сообраќање на подолги релации. Уште еден голем проблем е времетраењето на полнењето на батериите. Доколку шпедициите го искористат целосниот досег, камионите би морале со часови да останат приклучени на полнач за струја. Мирувањето на камионите во оваа бранша носи само загуба.

Друг фактор е имиџот. Додека сопствениците на луксузен електричен автомобил, како Tesla Model S, уживаат статус, компаниите со електричен камион од Tesla во својот возен парк не можат да го очекуваат истиот ефект. Уште не се знае како ќе изгледа камионот на Tesla, колку ќе тежи со многуте батерии и какви перформанси ќе постигнува. Од тој аспект, амбициозната најава на Илон Маск изгледа неуверливо.

Пазарните познавачи се мошне скептични и сметаат дека влезот во секторот на товарни возила е преголем залак за калифорниската фирма. Капацитетите на Tesla веќе се исцрпени со Model S и Model X. Соодветно реагираше и пазарот на акции. По објавата на Маск, вредноста акциите на Tesla почна да опаѓа.

Швајцарската компанија E-Force произведува камион со погон на струја и носивост од 10 тони. Досегот со едно полнење изнесува меѓу 200 и 300 километри
Швајцарската компанија E-Force произведува камион со погон на струја и носивост од 10 тони. Досегот со едно полнење изнесува меѓу 200 и 300 километри

Технички податоци E-Force

Погон: 2 х синхрони електромотори со водено ладење, максимална моќност 408 КС, вртежен момент 630 Nm, крајна брзина ограничена на 87 km/h Батерии: LiFePO4, 2×120 kWh, 400V, 2 x 1300 kg, времетраење на полнење 6h, замена на батерии 5 min Досег: >300 km во град, >200 km на автопат Шасија: Iveco Stralis, тежина на возило 8.000 kg, носивост 10.000 kg

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автоматските менувачи се враќаат на помалку степени на пренос

Дисплеј ја забавува испораката на теренците на Porsche