за ,

Tesla ќе гради најголема фабрика за батерии во светот

Скапо задоволство е да се вози електричен автомобил од Tesla. Главната причина за тоа се скапите батерии. За тоа да се промени, американската фирма најави изградба на мегафабрика за батерии.

Специјалистот за електрични автомобили од Калифорнија, Tesla Motors, наскоро ќе започне со изградба на мегафабрика за батерии, со 6.500 вработени, со цел да се намали цената на возилата со погон на струја. До 2020 година оваа фабрика ќе произведува повеќе литиум јонски батерии од сите денешни фабрики за батерии. Намалувањето на цената ќе придонесе продажбата на Tesla по пет години да се зголеми од ланските 22.500 возила на половина милион возила.

Tesla ќе вложи околу две милијарди долари во мегафабриката, а остатокот до проценетите четири до пет милијарди долари ќе ги обезбеди идниот партнер. Деновиве се шпекулира дека тоа може да биде јапонскиот концерн Panasonic, од кого потекнуваат и батериите што моментно ги користи Tesla.

Американската фирма моментно постигнува одлични продажни резултати со електричната лимузина Model S, чија цена изнесува околу 90.000 долари. За три години ќе се појави поевтин модел што ќе биде достапен за многу поширок круг на купувачи. За да се постигне ниската цена на моделот, претходно треба да падне цената на батериите. Новата мегафабрика ќе ги произведува батериите околу 30 проценти поевтино.

Зад овие оптимистички планови стои Илон Маск, основачот на Tesla. Тој беше еден од основачите на сервисот за плаќање преку интернет PayPal, преку неговата фирма SpaceX го испрати вселенскиот транспортер Dragon до меѓународната вселенска станица ISS, има акции во фирмата за соларна енергетика SolarCity и планира да ги поврзе американските метрополи Сан Франциско и Лос Анџелес со супербрзиот Hyperloop кој ќе го совладува растојанието за 35 минути.

Илон Маск планира изградбата на фабриката за батерии да започне веќе годинава, а како локации се разгледуваат Невада, Аризона и Тексас. Доколку се се одвива според плановите, производството ќе стартува во 2017 година, што соодветствува и со планираниот старт на новиот евтин модел. Tesla Motors произведува во калифорнискиот Фримонт, а седиштето на фирмата е во Пало Алто, во Силиконската Долина. Акциите на Tesla Motors за само една година пораснаа седум пати, на сегашните 253 долари. По објавувањето на плановите за изградба на мегафабриката акциите ќе продолжат и натаму да растат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo Concept Estate: Во одлична форма за салонот во Женева

Салон во Женева: Бесплатно возење во Cadillac за новинарите