за ,

Tesla отвори фабрика за автомобили во Холандија

Со првата фабрика на калифорнискиот електро-специјалист надвор од САД значително ќе се скуси испораката на Tesla Model S на европскиот пазар. Од холандскиот погон ќе излегуваат и кросоверот и „евтиниот“ модел на Tesla.

Пионерот во луксузниот сегмент на електрични автомобили Tesla Motors го направи следниот голем чекор во историјата на компанијата. Шефот Илон Маск денес го пушти во работа првиот монтажен погон на Tesla Motors надвор од САД. Фабриката со површина од околу 80.000 метри квадратни е лоцирана во холандскиот град Тилбург, во близина на границата со Белгија и во неа ќе се врѓи монтажа на актуелната лимузина Tesla Model S за европскиот пазар. Целта е значително да се скуси испораката на примероците од луксузниот електромобил на пазарот во Европа. Планиран е капацитет на монтажа на 450 автомобили неделно.

Во кругот на фабриката се наоѓа и покриена патека за тестирање во должина од 750 метри, каде што ќе се симулираат различни подлоги, со цел да се подобри квалитетот на изработка и да се оптимизираат подрачјата на звуците и вибрациите во возилото. Покрај тоа, на патеката ќе се тестираат и системите за автономно возење пред возилата да се испорачаат на купувачите.

Сите моделски варијанти на Model S ќе излегуваат од Тилбург за Европа

Готовите модули ќе пристигаат во фабриката во Холандија од матичниот погон на Tesla Motors во Фримонт, Калифорнија. Конкретно, во Тилбург ќе се вградуваат батерискиот модул, погонската спрега и задната оска. Првото вчитување на контролната електроника исто така ќе се одвива во холандскиот погон. Сите моделски варијанти на Tesla Model S ќе се монтираат во Холандија, почнувајќи од основниот модел 70D до врвниот P90D, со „лудачкиот модус“ и со забрзување до сто за помалку од три секунди.

Кросоверот Model X чија што премиера се очекува за само неколку денови исто така ќе се произведува во Холандија. Испораките на актуелниот Model S ќе стартуваат уште во септември.

tesla holandija 1

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На дизелот не му е пишано во САД: Историјата се повторува

Овој Land Rover Defender некогаш го возеше Боб Марли