за

Tesla негодува зашто е исклучена од германската субвенција за електромобили

Традиција е американските институции да продуцираат скандали во автомобилската бранша, заради заштита на сопственото. Но, има и контранапад. Германците не дозволуваат субвенции за електричните автомобили на Tesla.

Најголемиот пазар за автомобили во Европа може да биде условно затворен за предводникот во електромобилноста, за калифорниската фирма Tesla. Во текот на месецов се очекува германските власти да стартуваат со субвенционирање на продажбата на автомобили со погон на струја, во висина од 4.000 евра, односно една илјада евра помалку за плагин-хибриди. Но, постои едно ограничување. Властите дозволуваат повластици само при купување на електричен автомобил чијашто цена во основната изведба не надминува 60.000 евра.

Најевтиниот модел на Tesla на германскиот пазар чини околу 90.000 евра

Овој лимит претставува проблем за специјалистот Tesla, чиишто автомобили чинат најмалку 90.000 евра. Американскиот производител се најде погоден и на сопственикот блог објави дека „овој дел од програмата очигледно е насочен против Tesla“. Оттаму посочуваат дека планот е разработен заеднички со шефовите на германските производители на автомобили.

На американскиот пазар, Model S чини исто колку S-Class на Mercedes или серијата 7 на BMW, па дури и ги достигнува нивните продажни бројки, но на домашниот пазар на германското премиум трио, Tesla ниту оддалеку не се приближува до традиционалните миленици во престижниот сегмент. Калифорнискиот производител ќе располага со автомобил во субвенционираниот сегмент дури во 2017 година, кога ќе почне испораката на Model 3. Експертите сепак се сомневаат дека Tesla ќе успее да го испочитува рокот, имајќи ги во предвид претходните искуства. Но, забелешките на Tesla сепак се неиздржани, затоа што постои голем број плагин-хибридни модели на Mercedes, Audi или Volvo коишто исто така го надминуваат лимитот од 60.000 евра.

Одолговлекување заради заштита на сопствената автоиндустрија

Германија долго време го одолговлекуваше воведувањето повластици за електричните и плагин-хибридните возила, токму поради стравувањето дека на тој начин би се довеле во предност странските марки, кои имаат далеку поразвиена моделска понуда во овој сегмент отколку домашните производители. Но, во меѓувреме и германските марки ја проширија понудата и за блиска иднина подготвуваат уште поголем број нови модели со погон на струја.

Владата во земјата одвои 1,2 милијарда евра за повластици за електричните автомобили. Тоа е сума што е обезбедена од даночните обврзници и учествува со половина во вкупниот износ на субвенцијата од 4.000, односно 3.000 евра. Втората половина оди на грб на самите проиводители на електрични и плагин-хибридни возила. Цел на германската влада е до 2020 година по патиштата низ земјата да сообраќаат еден милион електрични автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Меѓународен собир на историски возила во Градскиот парк во Скопје

Kodiaq е името на големиот теренец на Skoda