182
41 shares, 182 points

Скапоцени автомобили на син на африкански диктатор ќе се продаваат за добротворни цели. За возврат, Швајцарија ќе ја повлече тужбата против неславниот политичар

Во автомобилската колекција на Теодорин Обианг, син на диктаторот на Екваторијална Гвинеја, имаше место само за избрани ѕвезди на сцената на суперспортските автомобили. Повеќе од две дузини автомобили од ковот на Ferrari F40, McLaren P1, Maserati MC12 или Koenigsegg One:1 ќе се понудат на продажба, а средствата ќе бидат наменети за добротворни цели.

Но, тука не станува збор за широкоград гест на Теодорин, кој е воедно и заменик на својот татко во шефувањето со африканската држава, туку за услов за негово ослободување од кривична одговорност. Пред две години, тој беше обвинет за финансиски проневери, односно за искористување на средствата од државниот буџет за сопствено луксузирање.

Обианг ги користел приходите на државата од извозот на нафта за финансирање на луксузниот живот

Во меѓувреме заврши судската постапка во Швајцарија. Државното обвинителство на Женева побара Обианг да му исплати 1,3 милион швајцарски франци на Градот. Дополнителен услов е средствата од продажбата на ексклузивните автомобили да се искористат за финансирање на социјални проекти во Екваторијална Гвинеја.

Швјцарските власти уште пред повеќе од две години запленија десетина автомобили на африканскиот диктатор, меѓу кои уникатен примерок од Koenigsegg One:1, проценет на близу три милиони евра. Полицијата запре единаесет скапоцени возила на Обианг пред тие да ја напуштат швајцарската територија.

Екваторијална Гвинеја е трет најголем извозник на нафта во Африка. Малата владејачка елита го користи тоа за да живее на висока нога. Имотот на претседателот Теодоро Обианг Нгуема Мбасого, татко на Теодорин, се проценува на 600 милиони долари. Синот поседува неколку вили во Јужна Африка и Калифорнија, и живее претежно во странство, меѓу другото и во Швајцарија.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

182
41 shares, 182 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *