за

Swincar Spider: Половина пајак, половина автомобил

Француски инженери создадоа иновативно возило што ги исполнува сите барања за уживање во возењето по терен: Погон на сите тркала, исклучително ниска тежина, а како врв, електричен погон.

Првата реакција при гледање на Swincar е многу предвидлива. Секој ќе се запраша, што е ова? „Ова“ вози на четири тркала, во секое од нив е вграден по еден електромотор со моќност од 1,5 киловат, односно 2 КС. Тркалата изгледаат како да се позајмени од ендуро мотоцикл, со седиште за возачот поставено на обична носечка рамка меѓу нив. Целата креација изгледа како да е дело на вешт ентузијаст, склопено во гаража. Но, откако ќе се види за што се е способен францускиов Swincar, мислењето се менува драстично и возилото заслужува повеќе внимание.

Тоа што ја овозможува исклучителната подвижност на малечкиот електричен пајак се големото растојание од подлогата и екстремното закосување на оските. Конструкцијата на возилото е изведена на тој начин што сите тркала во безмалку секој момент имаат контакт со подлогата. Возачот седи во еден вид малечка гондола што виси над земјата, а оските ротираат во линија што се наоѓа над тежиштето на возилото. Ваквата конструкција, вклучувајќи ја и инженерската мајсторија со дополнителните зглобови во самите оски, обезбедува неверојатна пробивност по секаков терен, со способност за спуштање по карпеста подлога со екстремен пад и тотална неутралност дури и при сопирање на границата на стабилноста.

[pull_quote_right]Swincar беше претставен премиерно во Женева во рамките на „Салонот на иновацијата“. Прикрпениот изглед укажува на тоа дека неговите конструктори повеќе внимание посветуваат на генијалната техника, отколку на изгледот на возилото[/pull_quote_right]

Посебноста на оските се состои во тоа што можат да се движат релативно слободно, поради тоа што гондолата не е фиксирана со водењето на тркалата. Седиштето на возачот се наведнува во свијоци додека се вози по обичен пат, додека на терен, оските се поместуваат слободно при нерамнини во подлогата. Во екстремни ситуации, Swincar може и да подигне едно од тркалата во воздух, за на тој начин совршено да се приспособи и да го мине теренот без проблем.

Француските коструктори наведуваат дека во зависност од условите на возење, со полни батерии може да се вози максимално четири часови. Во случај да се реализира сериско производство на Spider, може да се вградуваат батерии со различен капацитет и цена. Се планира и верзија со две седишта. Цената уште се држи во тајност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Премиера на Ford Focus RS Forza Design најголемиот саем за компјутерски игри

Mercedes со милионска продажба веќе во јули