за

Како Suzuki Vitara ја укина индустријализацијата на секојдневието

suzuki vitara hybrid N0
suzuki vitara hybrid N

Suzuki Vitara e еден од оние автомобили со кои човек не се прашува каде да замине за викенд или барем за кусо бегство од градот. Ние добивме инспирација сосем различна од досегашните, а всушност го искористивме автомобилот за тоа што е негова основна намена. Имавме посебна причина со забавниот, а во исто време и хибридно штедлив Suzuki, да возиме до Росоман и до Раброво.

Во социологијата постои поимот индустриско општество. Тоа се опишува како општество што се заснова врз примена на технологија, со цел да се постигне масовна продукција и коешто на масовна популација ѝ овозможува да учествува во делењето на работата. Така гласи дефиницијата, но како е во практика? Наутро  седнуваме сами во автомобил што е долг пет метри и тежок е тон и половина, на пат до работа чекаме во колона најмалку на десетина семафори, а блиску до работното место, автомобилот по долго кружење мораме да го оставиме на место на коешто по завршувањето на работниот ден, прво проверуваме со страв дали некој имал близок контакт со него во меѓувреме. Патуваме на работа со автомобилот, затоа што сме убедени дека така побрзо ќе пристигнеме на работното место. Беспотребно си ги измачуваме автомобилите, а можеме комотно да возиме велосипед до работа.

Остануваме, значи, на индустријализацијата. Повремено одиме во набавка на намирници и производи за секојдневието. Нормално, за тоа служат хипермаркети со површина што се мери во хектари. Повеќе е фабрика, отколку што е продавница. Меѓу набавките не е исклучено да се најдат доматен сос, сечкана и конфекционирана марула што треба само да се залие, млеко што не се расипува половина година и бојадисано месо што технологијата направила да содржи минимум мрснотии – затоа што така месото „расте“ побрзо.

Современото секојдневие сака постојано да бидеме на исто место и да следиме исти навики – плаќајќи за работи што можеби и не се толку неопходни

Индустријализација во секој миг во секојдневието. Кога човек не е на работа или во продавница, седнува да се релаксира во кафуле што не е организирано различно од индустриските принципи – задолжително со лик пред кафулето, кој продава евтини користени автомобили преку телефон. Евентуално може да се прошета во природа. Нормално, во градскиот парк, каде што се чини како сите да се упатиле во моментот. Со автомобили за чиишто издувни материи сите се убедени дека не продолжуваат да се шират во воздухот кон паркот и секаде околу. Пак истиот принцип. Постојат безброј примери. Современиот живот како несвесно да нé спречува да заминеме од урбаната рутина. Мора да се биде тука и сега, и рутински мора да се плаќа за сé и сешто. Ако сакаш да се насмееш, ќе платиш, ако сакаш да се расплачеш, и за тоа има начин да се плати.

Suzuki излезе предводник во браншата. Диодни светла и системи за асистенција се вградуваа уште претходно, сега пристига благ хибрид што конкуренцијата допрво ќе го „открива“

Може ли барем дел од тоа да се смени, да се деиндустријализира? Дури и самиот збор деиндустријализација делува обесхрабрувачки, за човек уште од старт да се откаже од идејата. За да го најдеме одговорот, имаме еден стар познајник, Suzuki Vitara. Колку што моделот го познаваме одлично во редакцијата, толку и не го познаваме. Пак има неколку новини кај него.

Suzuki тврди дека станува збор за хибриден погон. Тој е хибриден, но во „блага“ форма. Мајсторијата е во тоа што место класичен стартер (анласер) и алтернатор, во Suzuki Vitara 1.4 Hybrid работи стартер-генератор. Овој преку ремен е поврзан со коленастото вратило и го стартува моторот. Тука воедно почнува и изненадувањето, поточно уживањето. При стартувањето не се слуша класичното и исконско верглање, кое неретко бива проследено и со вибрации. Ништо не се слуша и ништо не се протресува. Моторот почнува да работи меко и тивко.

Благиот хибриден погон во Vitara прави поаѓањето да биде посуверено и забрзувањето да почнува моќно во истиот миг – и штеди, секако

Стартер-генераторот (ISG = интегриран стартер-генератор) работи во 48-волтна архитектура, што значи дека напонот во погонската спрега е четирипати повисок во споредба со обичната струјна мрежа во возилата. Повисокиот напон е потребен затоа што ISG повремено дејствува и како погонски електромотор. За тоа постои и малечка батерија што е сместена под совозачкото седиште. Компактната трафо-секција е поставена под возачкото седиште.

Благиот хибриден погон дејствува на тој начин што ISG се префрлува да работи како генератор, користејќи го залетот кога ќе се отпушти гасот и ќе се притисне врз сопирачките, за на тој начин произведената електрична енергија да ја акумулира во батеријата. Тоа значи дека енергијата што ќе се „произведе“ при сопирањето, на пример пред семафор, потоа се користи за ISG во функција како електромотор да му асистира на бензинецот.

Шема на дејствување на благиот хибриден погон. Многумина сакаат да прикажат дека го разбираат начинот на работа, но далеку се од точна дефиниција. А, многу е едноставно

Во основа, сето тоа е многу слично со полниот хибрид на Toyota, но е димензионирано помало, и чини помалку. Логично е дека и заштедата во потрошувачката е помала. Но, затоа: Просекот на нашето возење изнесуваше 6,5 литри. Тоа е вредност што е постигната без штедење, со нормално возење, какво што ќе практикуваат и идните возачки и возачи на Vitara Hybrid во секојдневието. Во необврзувачка споредба со конкурентските модели, тоа е литар и половина помалку гориво на секои сто километри. Вредноста, воедно е литар и половина повеќе гориво на секои сто километри во споредба со полн хибрид на Toyota во оваа класа. Златна средина! Браво Suzuki!

Отсекогаш било посебно чувството дома да се донесе нешто од патувањето – овојпат ние патуваме само за да донесеме „нешто“

Целта на ова возење сепак е друга. Со благо-хибридниот Suzuki ќе ја практикуваме најстарата „туристичко-корисна дејност“ кај нас, а тоа е посета на зелените пазари во некои од најплодните региони во Македонија. Тоа ќе биде симболиката на нашиот обид за деиндустријализација на секојдневието. Бегство од рутината, тоа е. Од Скопје поаѓаме прво за Росоман, прочуен главно по праските, крупни, миризливи и сочни, со изглед што делумно заситува.

 

Тоа што на друго место е богатство во форма на нафта или руда, тука е богатство во храна

 

Патот дотаму е долг нешто повеќе од 80 километри, а според навигацијата што е вградена стандардно во Vitara во топ-нивото GLX, патувањето ќе трае помалку од еден час. Најубавото е во тоа што нема потреба од посебно планирање или подготовки, за да се побегне од градот и часот што инаку би минал во барање паркинг или во класичната дебата – каде е најдобро да се отиде во моментот – да се вложи корисно.

По стариот пат доаѓаме до Катланово и се приклучуваме на автопатот, каде конечно има нова глетка покрај патот. На местото каде што со децении наназад стоеше руина, сега функционира убав и модерно опремен објект на Бастион Плаца, наменет да ги услужува патниците на оваа прометна делница. Патот по целата должина на вардарската клисура го носи овој печат на долги и брзи свијоци, со пријатни глетки на природата што се менува постојано како што патот води на југ.

Подвозјето балансира одлично меѓу комфорна амортизација и спортски возни својтва

За возачот тука има дополнително уживање, овие свијоци покажуваат колку е зрело подвозјето. Колку што првично може да се стекне впечаток дека комфорниот и меко амортизиран Suzuki ќе потклекне во свијоците и силно ќе се навали странично, тоа сепак не се случува. Возните својства на Vitara се повеќе од пристојни, вклучувајќи и задоволнителна информација во управувањето. Комбинацијата од меки амортизери и цвсти стабилизатори прави компактниот СУВ да биде во исто време и динамичен и комфорен.

Комфорното подвозје ни дозволува да возиме по спореден пат, со отворени прозорци и без клима, релаксирано

Од автопатот се исклучуваме кај езерото Младост, каде што исто така се доживува пријатна глетка. Подрачјето околу езерото се развива рапидно во туристичката понуда, заедно со пристојна инфрастуктура, иако исто како и на секоја друга акумулација, уште отсуствува патека околу езерото, којашто би внела нова содржина за посетителите. Рестораните само би профитирале дополнително. Во секој случај, уште една локација што некогаш е повеќе вредна за починка и уживање, отколку метежот во скопскиот парк.

По Велес продолжуваме по стариот пат за Градско. Автомобил со лоша амортизација, тука веднаш ќе реагира. Возачот и патниците ќе бидат благодарни за тоа што Vitara и по овие споредни патишта останува комфорна. Свијоците се поостри, лентите се потесни, тука мора да се сопира повеќе. Во тие моменти ќе се забележи дека една светилка во инструментите светнува секогаш кога ќе се отпушти гасот и ќе се притисне врз сопирачките. Белата светилка пријавува дека батеријата во тие моменти се полни. Vitara е автомобил со лесен чекор, па и самата е полесна за стотина килограми од дел од конкурентите што сосила влечат вишок тежина, затоа што истата платформа се користи и за поголемите модели на одредена марка.

Лесното чувство во возењето внесува релаксираност, може да се патува многу долго пред да се почувствува замор

Немаме причина да се пожалиме за тоа што одбравме стар и побавен пат, место автопат. Suzuki е благодарен кога возачот ќе посака да забрза малку подинамично. Сепак станува збор за 1,4-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување, со варијабилна работа на брегастото вратило во вшмукувачкиот тракт и со силина од 129 КС. Тоа е помалку од претходникот со неговите 140 КС, но затоа е тука ISG со екстра 14 КС. Компактниот СУВ е брз и повлекува доста моќно, што фактички е плус за безбедноста, затоа што престигнувањето трае кусо.

Suzuki Vitara има универзална појава. Не е премногу нашминкана за да паркира покрај зелен пазар, а во исто време е доволно сериозна и достоинствена за пред театар

Растојанието меѓу велешкото езеро и Росоман е околу 40 километри, кои се совладуваат за нешто повеќе од половина час. Патарината кај Градско не ни е интересна, возиме по стариот пат. По добро обележаното издвојување, продолжуваме во правец на Прилеп. Во Росоман прво нé пречекуваат десетина големи пикапи на ширинка оддесно, уште натежнати од благородниот товар што го носат.

Местото што е своевидно историско обележје на овој крај следи стотина метри подолу. Патот тука е проширен, за возилата да се паркираат и пазарувањето да се заврши комотно. На широкиот тротоар напред очигледно е место за „специјалистички“ лекарства. Лук и различно ароматизирани ракии стојат едно до друго, како комплет. Во време на корона, тоа ќе биде препораката, ако се прашуваат овие вредни и чесни луѓе што прават ова место да живее во време на хипермаркети – и индустријализација на животот. Има и густ овошен сок, од оние што содржат повеќе сок од плодови, отколку бојадисана вода. Тоа се гледа по таложењето на сувата материја. Ова е од оние сокови што се чуваат за гости.

Се купува од луѓето што ги одгледуваат овие овошки, директно од прва рака, тука нема увозна стока што којзнае колку долго одлежала во ладилник

Причината поради којашто постои ова место се плодовите, што наредени во гајби и на тезги по должина од стотина метри, на момент заличуваат на некоја наивна уметност. Праските се главни, свежо набрани и донесени директно од овоштарник. Се купува од луѓето што ги одгледуваат овие овошки, нема прекупци, нема тактизирање со плодови што се набрани можеби неколку недели претходно и чувани во ладилници, а веројатно и увезени. Овие плодови се тукашни, тоа ги прави ваквите места волшебни.

И тие се боите на Македонија, бои на сонцето. Сливи големи колку половина тупаница и слатко за дисциплинирани сладокусци

Домати има сигурно дваесетина видови, секој како да одгледува различна сорта. Кога ќе прашате за името на сортата, овие луѓе го знаат. За прашањето околу цените, тука не се купува на килограм, туку за сума. За стотка. Толку ќе чинат два и пол килограми домати, два килограми праски, три килограми краставици и исто толку пипер. Има и сливи големи колку половина шака, петровки, марелици, кајсии, секако лубеници и дињи. Додека при пристигање бевме вториот автомобил паркиран покрај пазариштето, сега веќе се имаат наредено десетина автомобили. Посетен е пазаров.

Цените се неспоредливи со Скопје. Но, тоа што е уште поважно, го нема метежот од пазарите, кој колку и да ја прави посебна атмосферата во нормални времиња, во ова време на пандемија е подобро да се избегне. Мала пресметка: Патот од околу двесте километри до Росоман и назад, чини околу 13 литри бензин, односно близу 800 денари. Кога на тоа ќе се додаде и патарината кај Ветерско од 160 денари, излегува дека целата оваа шопинг тура чини помалку од 1.000 денари. Приближно толку ќе чини да се купи и на скопските пазари, но…

Човек во Vitara се учи да ужива во природната „климатизација“ со отворени прозорци и релаксирано темпо по стариот пат, додека климата е исклучена

Се враќаме назад до клучката по Градско, за да продолжиме до следното одредиште. Возиме до Валандово, по стариот пат, низ Демир Капија. Патот е брз, неоптоварен со сообраќај, со исклучок на ретките 40-тонци што и натаму го користат патот. Suzuki Vitara не заморува. Тоа е резултат од комфорното подвозје, но и од пријатниот звук на погонската спрега. Напред сепак работи бензинец.

Од Градско до Раброво, местото кадешто е следниот пазар на оваа наша рута, има 70 километри возење, што е помалку од еден час. Минувајќи покрај археолошкиот локалитет Стоби и по железниот мост на Црна Река, единственото што е логично да се направи е да се изгасне климата и да се отворат прозорците, да се ужива во природното разладување и во чистиот воздух. Тоа е уште една причина да се избере спореден пат, место „индустриски“ автопат. Да не заборавиме, бегаме од рутината, се присетуваме на умеењето да се ужива во секој момент. Во расположението секако дека во голема мера учествува и автомобилот што го возиме.

Демир Капија во позадина, слика што верно го прикажува потеклото на името

Раброво е веднаш по Валандово, а пазарот се наоѓа на кртосницата што двои за Дојран и за Струмица. Пазарот моментно е со смален обем, како што ни кажуваат пазарџиите, нивната полна сезона доаѓа со грозјето и сливите. Тоа го кажуваат со посебна гордост. Понудата тука е сосем различна од Росоман, просторов тука има сопствена душа. Марелиците и сливите тука фатиле по малку медитерански воздух. Лук и кромид се стандард, додека лубеници и дињи има помалку. Нив ги има во вообичаеното изобилство на тракторските приколки што се наредени покрај бензинската пумпа, малку погоре.

Во Раброво е сосем различна понудата на пазарот, но таму уште се чекаат грозјето и смоквите; Во меѓувреме, нивните специјалитети се слатко од црница и сок од калинка

На дел од тезгите има чисто и педантно спакувани јаткасти плодови, семки од сончоглед, тиква, а тоа што не смее да недостига се и кикиритките, за човек сам да ги испече дома. Главниот печат се тезгите со слатката. Кој има слабост за слатко, ова е дефинитивно местото што треба да го посети. Слатко од домашна изработка, купено од „производителот“. Меѓу слатката, пак, има едно што е специјално за овој крај. Тоа е слатко од црница. Кога човек ќе ги погледне сиве тегли, стекнува впечаток дека во секоја од нив е спакуван дел од сонцето.

Тоа што во индустриското општество чини колку дневница, тука е достапно за 120 денари. Сок од калинка, природно, речиси со гаранција за здравствена придобивка

Може да се избројат неколку дузини различни слатка. Смокви, кајсии, лубеница, сé што пораснало тука, може да се добие и во форма на оваа кулинарска уметност. Наесен ќе има повеќе пипер и останат зеленчук спакувано во теглите тука. Овие ведри луѓе посебно го препорачуваат својот сок од калинка. Половина литар чини 120 денари, и кога зборуваат за него, вештите земјоделци и трговци, делуваат толку убедливо што со тоа како да даваат гаранција дека сокот ќе ја постигне својата здравествена придобивка. Покрај ракијата со боја на сонце, секако, што исто така е во понудата на тезгите.

А, до каде е приказната со нашата Suzuki Vitara на оваа шопинг тура? Таа е универзалец, и тоа се покажува токму при ова долго пазарење низ Македонија. Vitara е како „голф“ меѓу СУВ-моделите, таа може да се појави и со кал по тркалата и крилата, исто како што може достоинствено да се паркира пред театар, а пак да биде „на место“. За првиот случај, таа изгледа доволно робустно и способно, за разлика од некои модели од поновата конкуренција, што само се нашминкани како теренци и изгледаат неумесно само неколку метри подалеку од асфалтот. Од друга страна, хромот во маската сјае со заслуга, затоа што сцената ја помни марката по добро.

Моделското име Vitara постои подолго од три децении, уште пред СУВ-возилата да добијат име

Suzuki, всушност, нема произведено модел што се посрамотил на пазарот. Марката на македонскиот пазар постигнува своевиден феномен, имено уделот на Suzuki кај нас е четирипати повисок отколку во Германија, на пример. Тоа се должи на традиционално добриот имиџ, кој се провлекува уште од времето кога Swift беше лимузина и Samurai без покрив беше главна шема.

Манастирската црква Св. Илија, објектот што секој го гледа од патот долу кај Удово

Vitara е воедно меѓу поуспешните модели во СУВ-сегментот на нашиот пазар. Една блиц ретроспектива открива дека моделот постојано беше меѓу предводниците на промените што се случуваа во сегментот и во браншата. Прво беше чудно кога Suzuki ја понуди актуелната генерација на Vitara една класа под нејзиниот претходник кој своевремено се водеше и како Grand Vitara. Место да им парира на Sportage и Tiguan, Vitara меѓу првите зачекори во класата каде што денес возат VW T-Cross или Ford Puma. Во времето кога Suzuki го претстави моделот, понудата одвај броеше пет шест модели.

Моделот вторпат беше во предност во системите за асистенција. Радарски темпомат и систем за самостојно запирање при опасност од судир се вградуваа сериски во повисоките нивоа на опрема, долго пред тоа да стане стандард во браншата. Vitara сега третпат е во предност пред конкуренцијата – со благиот хибриден погон. Останатите модели допрво ќе ја добиваат оваа техника.

Деталите во изработката ја прават разликата: Врати обложени со велур, материјал што патем внесува и пријатна миризба во кабината

Со ова постојано и навремено напредување, Suzuki пак може да биде во предност. Тоа што Vitara е во втората половина од моделскиот век, се огледува во деталите. За да компензира за поновите и нашминкани СУВ-модели, производителот нуди повеќе во одредени подрачја. Моделската изведба на тест е во највисокото ниво GLX. Опременоста е супериорна: Пристап и стартување без клуч, навигација, полирани алуминиумски бандажи од 17 инчи, собирање на ретровизори, паркинг сензори напред и назад, седишта обложени со велур и вештачка кожа. Колку навистина вреди понудата, се забележува во деталите. Велур како на седиштата е поставен и на вратите, на местото каде што повеќето конкуренти имаат обична пластика. Такви детали се откриваат насекаде. Тоа едноставно е резултатот од повеќегодишното присуство на моделот на пазарот.

Тука нема многу стилски егзибиции, а зошто и би имало. Опремата е далеку над просекот во класата, овој примерок е во врвното ниво што кај конкуренцијата би чинело најмалку 30.000 евра – овој има и благ хибриден погон

Како за луксузно ниво на опрема за оваа класа на возила, GLX пак нуди одлична противвредност, со редовната цена од 23.900 евра. За споредба, конкуренцијата може на оваа понуда на Suzuki да ѝ парира со моделски изведби што чинат најмалку 30.000 евра. На тоа би следел попуст од околу 2.000 евра, исто како кај основниот модел GL, кој со истиот мотор и со благ хибриден погон, стартува од 17.990 евра, вклучувајќи го попустот. Кој цени дека навигацијата и велурот на седиштата (кој патем внесува и освојувачка мирисна нота во кабината) му се вишок, тогаш може да биде и повеќе од задоволен со средното ниво на опрема GL Plus. Во тој случај следат комплетни системи за асистенција (заедно со предупредување за возило во мртов агол), дисплеј од 7 инчи и камера за рикверц, грејачи во предни седишта, кожа на волан, алу-бандажи од 17 инчи, хромирани каросериски детали и уште цела низа ставки. Тоа е впрочем традиционален домен на Suzuki.

Автоматска клима, радарски темпомат, активно враќање во лента, камера за знаци, диодни дневни, предни и задни светла, автоматски светла и бришачи, магленки, висинско местење на совозачко седиште, сето тоа е веќе содржано во „основното“ ниво GL за 17.980 евра. Благиот хибриден погон, каков што конкурентите допрво ќе почнат добиваат, исто така е вклучен во цената. За двобојната каросерија на тест-возилото, со новата мраз сино-сива боја и покрив во сјајна црна боја, се доплаќа 43.260 денари, сончев покрив чини 62.000 денари. Тоа што Vitara го нуди како вредна ставка, а кај конкурентите не може да се добие ниту „за сите пари“, е погон на сите тркала. Доплатата за верзија 4WD е околу 2.000 евра.

Ценовникот со сите нивоа на опрема и техничките податоци се достапни на страницата за моделот -> http://mirkat.com.mk/cars/new-vitara.html

Уште едно подрачје во коешто е силна Suzuki Vitara е издржливоста. Според статистиката на ТУВ, таа е меѓу десетте модели со најмалку дефекти во класата. Тоа е вистински добро заокружен пакет. Го менува и секојдневието. Со овој автомобил, никој повеќе нема да сака да купува во хипермаркет – во симболиката на индустријализацијата.

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
volkswagen id3 vozenje

Електричниот ID.3 добива специјални гуми од Bridgestone

Nissan Leaf Sibeg Sicilija

Португалија изненадува со продажбата на електрични возила