99
15 shares, 99 points

Suzuki Vitara е автомобил точно по мера. Габарити на каросерија и багажник точно по мера, опрема и штедливост исто така, цена по мера. Компактниот СУВ сега е освежен и има нов мотор, еднолитарски турбо со 112 КС. Мотори од оваа категорија досега сигурно имаат извозено барем над половина милион километри и немало забелешки. Останува ли уште простор за предрасуди?

Тоа е феномен што се повторува секогаш кога на тест пристига модел кој по неколкугодишно присуство на пазарот се појавува во ново моделско годиште. Фејслифт, што би рекле. Уште не се стигнало да се префрли во третиот степен на пренос, а човек веќе почнува да забележува колку моделот е присутен и се вози по улиците. Тоа, во најдобар случај, зашто некои модели остануваат ретки како улица без билборд од претседателски кандидат во ек на изборна кампања. Еден, два, три… сребрен, бел, со покрив во друга боја… човек на крај почнува да ги загледува ликовите зад воланот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кога актуелната генерација на Suzuki Vitara беше првпат на тест пред четири години, немаше сомнежи дека моделот ќе биде успешен на пазарот. Сепак станува збор за автомобил кој уште пред повеќе од три децении ги постави начелата за СУВ-автомобил, пред воопшто да почне да се користи поимот СУВ. По четири години, да видиме што кажува „улицата“ за Vitara: Инвазија!

Кога дебитираше четвртата генерација на Suzuki Vitara, неколку пазари во регионов со месеци останаа без возила – увозниците не го предвидеа продажниот бум; Кај нас Vitara е меѓу најпродаваните модели во сегментот

Чудно е тоа што откако ќе се седне зад воланот на овој автомобил, се забележува колку тој всушност е присутен околу. Во времето кога стартуваа испораките на актуелнава генерација на Vitara, увозникот Миркат првпат ја надмина бројката од 100 продадени возила од марката Suzuki за една година. Повеќе пазари во регионов останаа речиси цела година без Vitara, затоа што локалните увозници го потценија новиот модел и резервациите во фабриката во унгарскиот Ештергом им се потрошија за само неколку месеци.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кај нас добро го проценија ефектот на новите моделски генерации на Suzuki. Лани, јапонската марка продаде над 250 автомобили. Тоа се 4,2 проценти од македонскиот пазар на нови автомобили. За споредба, толку удел постигнува Skoda на целиот европски пазар. Нашето „улично пребројување“ зад воланот на Vitara, открива дека се возат и Swift, Ignis, а особено Baleno. Новиот Jimny е посебен случај, тој и без тоа не останува незабележан.

Позиционирањето на актуелната Suzuki Vitara една класа под претходничката се покажа како одличен погодок; Конкуренцијата дури сега реагира

Како му успева овој глобален подем на Suzuki? Најкусото образложение би било: Јапонциве отсекогаш го прават тоа што целата бранша моментно го практикува како правило. Пазарот, а уште повеќе еко-совесните власти, денес бара лесни, компактни, симпатични, практични, повеќе едноставни отколку премногу сложени, безбедни, модерни, штедливи, чисти автомобили.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кога Suzuki Vitara стартуваше во 2015 година, сегментот го сочинуваа главно Nissan Juke, Fiat 500X и Opel Mokka. Денес се случува масовно запоседнување на сегментот. Сепак постои една предност, којашто целно се премолчува кај повеќето модели од новиот бран, а од суштинско значење е за целиот концепт на автомобилот. Подеднакво е точно и тоа дека во СУВ-сегментот не се води најчесна конкурентска борба и на автомобилските марки често им успева да ги освојат купувачите со амбалажата место со содржината.

Изведбата со погон на сите тркала во гамата на Vitara позајмува дел од теренските квалитети и кај варијантата со погон само напред

Таа предност е погонот на сите тркала, односно барем достапноста на таква варијанта во понудата на одреден модел. Не може да биде пологично од тоа. Кај моделите кои се нудат само во изведба со преден погон, како Opel Crossland, или дури и Peugeot 3008 и Citroen C5 Aircross во една класа погоре, погонот на сите тркала и посериозно возење по терен воопшто не се земени предвид при конструирањето на возилото. „Коефициентот“ погон на сите тркала отсуствува во математиката, тие модели при излегување на терен не се однесуваат различно од обична комбилимузина. Кога се развива нов модел, погонот на сите тркала соодветно се зема предвид како фактор при конструирањето и димензионирањето на секој дел од подвозјето, во погонската спрега, во самата каросериска структура. Отсуството на погонот 4х4 во понудата на некој модел сепак не е толку наивна работа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа објаснува зошто некои конкурентски модели, што настапуваат со многу поголеми теренски амбиции во изгледот од Suzuki Vitara, почнуваат да се свиваат, крцкаат и гмечат уште при првото напуштање на асфалтот, колку до првото погодено место за излет подалеку од вревата. Подот кај нив исто така не е предвиден за возење по терен, што се покажува во моментот кога ќе почне да се слуша како оздола удираат камења и како сувата вегетација гребе по металот.

⇒ Разликата до верзијата со погон на сите тркала изнесува близу 2.000 евра, но заедно со погонот следуваат и десетина системи за асистенција

За повторно да се увериме во оваа предност на Vitara, од двете понудени варијанти за тест ја избравме оваа, со погон само напред. Да се вози СУВ, а притоа човек целосно да се откаже од можноста барем за куси излети по терен, тоа е исто како да се купи ремен со само еден отвор за закопчување. Тоа што оваа „2WD“ варијанта може да го изведе настрана од асфалтот е сосем задоволително. Разликата во цената со 4WD изнесува 1.950 евра. За таа разлика секако дека вреди да се размислува, тоа се сепак десетина проценти од вредноста на возилото.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Веќе се кристализира зошто повеќето критичари и ентузијасти, вклучувајќи ја и нашата редакција ја издвојуваат Suzuki Vitara од сегментот на СУВ-модели што се изведени од градски автомобили и ја позиционираат во класата погоре, на пример, покрај Mitsubishi ASX или Volkswagen T-Roc.

Моделското освежување се случи точно за 30-от роденден на Vitara. Лесно е да се разликува новото моделско годиште од претходникот – доколку се знае каде да се бараат разликите. Маската претходно ја сочинуваа хоризонтални ламели по целата должина, сега тие се заменети со шест вертикални лајсни, во стилот на претходната Vitara S и по пример на концептниот iV4, кој прв го прикажа ова стилско решение.

⇒ Неколку стилски обележја на претходните генерации се провлекуваат и кај актуелната Vitara; Тоа го засилува впечатокот дека овој автомобил отсекогаш бил дел од уличната слика

Впечатливи хромирани лајсни прават лак и околу магленките, долу во браникот, а странично во нив се наоѓаат и диодните светилки за дневните светла. Тенката, но ефектна хромирана лајсна под регистерската таблица, ја комплетира намера на дизајнерите да внесат повеќе отмен стил во појавата на Vitara. Задните светла исто така добија техника со светлечки диоди. Убава завршница е заштитата на подвозјето во дното на задниот браник. Стаклениот покрив сега е достапен за повеќе моделски варијанти, а палетата од каросериски бои е збогатена со две нови нијанси – Solar Yellow Pearl Metallic и Ice Grayish Blue Metallic.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новото моделско годиште донесе и мека полиуретанска пена врз горната половина од арматурната табла. Заедно со малото подрачје во вратата што е обложено со платно, тоа се детали во завршната изработка што сé повеќе производители ги забораваат во последно време. Притисокот да се понуди најевтиниот модел во сегментот остава сé подрастични траги кај некои нови модели во сегментот.

⇒ Ако функцијата на прекинувачот останува иста, зошто да се менува изгледот?

Suzuki Vitara дури и се издвојува со завршната изработка, но затоа кај неа останува класичниот стил на арматурната табла. Со сменетиот изглед на инструментите, кои сега ја следат традиционалната мустра на старите теренци, исто како и со копчињата лево под воланот, кои уште се во духот на 1990-те, дизајнерите како да сакаат да ја пренесат пораката дека нема секогаш смисла да се менува изгледот, ако функцијата останува иста. Како своевиден реликт од тие времиња останал и долгиот пластичен лост што штрчи од брзиномерот и служи за ракување со патниот компјутер. Неважно е тоа што се прикажуваат мошне квалитетни информации, како вкупна заштеда на гориво преку старт-стоп системот или G-мерач. Но, токму детали како овие го сочинуваат шармот на маркава.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во поглед на просторноста, практичноста или приспособливоста, исто како и во комфорот, возните својства, уживањето за возачот, нема забелешки. Во контекст на воведниот дел, Suzuki Vitara е автомобил по мера, кој не разочарува во ниту едно од суштинските подрачја, а честопати дури и се издвојува над стандардот во класата, како што е случај со доброто седење на задната клупа.

⇒ Моделското освежување беше искористено за замена на 1,6-литарскиот атмосферец со еднолитарскиот турбо од Swift и Baleno

Најголемата промена во освеженото моделско годиште е под хаубата. Покрај познатиот 1,4-литарски турбо со 140 КС, кој пред моделското освежување правеше Vitara да стане Vitara S, како основен мотор во гамата пристига еднолитарскиот K10C со 112 КС, исто така турбо и со директно впрскување, со три цилиндри. Традиционалната сцена на љубителите на СУВ-возила веројатно ќе искаже резервираност кон трите цилиндри и работната зафатнина од еден литар во моделот на Suzuki чиешто име долго е присутно на сцената.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Но, зарем тоа не е чудно, како врвни инженери и стратези кои одговараат за бизнисот на јапонската компанија (исто како кај сите останати производители кои имаат трицилиндарци во понуда, од BMW до Volvo) што вреди стотици милијарди евра, секогаш знаат помалку од фејсбук-експертите, што по своја слободна процена пропагираат дека „тој мотор е премал за таа каросерија, треба најмалку 1,6 литар“ или „моторот нема да издржи ниту сто илјади“.

⇒ Германскиот крал Вилхелм, во почетокот на 20-от век има изјавено дека „автомобилите се само привремена појава“. Тој бил убеден дека коњската запрега ќе остане главен начин на превоз. Дали според таа аналогија, еднолитарските турбо-мотори со три цилиндри исто така се „привремена појава“?

Тоа што се темели на стручни и искуствени процени, покажува дека новиот еднолитарец во Vitara сосем пристојно се носи со масата од 1,1 тон и беспоговорно ја исполнува динамиката што ќе ја побара возачот во секој момент. Впрочем, инженерската работа на Јапонците никогаш не била ставена под знак прашање. Возачите повеќе се двоумат околу карактерот на моторот што ги очекува во секојдневието, одошто околу неговата техничка коректност.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Еднолитарскиот турбо во решавачка мера придонесува за лесното чувство во возењето и генерално за релаксираното секојдневие со овој автомобил. Посебно позитивен впечаток остава отсуството на слабост при поаѓање, што порано беше проблем кај турбо-моторите. Boosterjet го постигнува максималниот вртежен момент уште при 2.000 вртежи и го задржува на исто ниво до 3.500 вртежи. Во директна споредба со претходникот од 1,6 литар, вредноста на максималниот вртежен момент кај еднолитарецот изнесува 170 Nm, наспроти 156 њутнметри при 4.400 вртежи.

⇒ Првата помисла кога ќе се отвори „вториот степен“ е дека Suzuki меѓу другото произведува и мотоцикли, брзи мотоцикли

Турбо-бензинецот повлекува рамномерно и суверено, дозволува рано префрлување во повисок степен и комотно возење со ниски вртежи, што соодветно се наградува со вредности од околу седум литри, во услови блиску до реалното секојдневие. Второто пријатно изненадување следи кога моторот ќе заврти над 3.500 вртежи, кога променливата работа на брегастото вратило за вшмукувачките вентили префрлува во уште подинамичен модус. Моторот одненадеж ослободува уште поголема моќ, што радува уште повеќе кога ќе се забележи колку лесно моторот ги качува вртежите. Тоа е како инженерите на Suzuki да вградиле порака во моторот: „Ние знаеме што правиме.“

New photo by Automedia MK / Google Photos

За хармоничната работа на погонската спрега придонесува и фактот што заедно со моторот е сменет и менувачот, односно соодветно е интервенирано во одделните преносни односи. Во споредба со Vitara 1.6, малку е скусен главниот преносен однос, првите два степени на пренос не се сменети, но затоа се малку продолжени преносните односи од третиот до петтиот степен. Впечаток е дека и рачката на менувачот има добиено попрецизни и полесни одови.

⇒ Новиот мотор е квалитетен напредок во споредба со 1,6-литарскиот атмосферец

Перформансите на хартија се непроменети во споредба со претходниот мотор, а тоа се крајна брзина од 180 km/h и спринт до темпо сто за 11,5 секунди. Меѓузабрзувањето е на страна на „турбото“, затоа што сé додека моторот е над 2.000 вртежи, компресорот го произведува полниот притисок на натполнење и тоа ѝ обезбедува екстра моќ за повлекување на Vitara. Генерално, новиот мотор е квалитетен напредок во споредба со 1,6-литарецот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моделот на тест е со второто ниво на опрема GL Plus, и во комбинација со 1.0 DITC и погон напред чини 16.990 евра. Заедно со 400 евра за металик лак, тоа на крајот дава 17.390 евра. Постои можност за шестстепен автоматски менувач, што чини доплата од околу 1.800 евра. Чесна понуда од Suzuki е тоа што еднолитарскиот турбо може да се комбинира и со погон на сите тркала, плус со автоматски менувач. Редовната цена за модел 4×4 изнесува 18.940 евра. Ако воопшто има потреба да се напомене: Погон на сите тркала во овој сегмент не се добива за помалку. Како екстра широкоград потег во стил на Suzuki следат десетина системи за асистенција како стандард, заедно со погонот на сите тркала, а меѓу нив и често спомнуваниот радарски темпомат или следењето лента со зафат во управувањето.

⇒ Најскапата можност да се вози Vitara чини 26.000 евра; Над тоа не може, нема ниту потреба

Единствено останува недостапно највисокото ниво на опрема GLX, коешто е резервирано за 1,4-литарскиот турбо со 140 КС. Целата слика за јапонскава марка, што традиционално постигнува солидно учество на македонскиот пазар, се покажува при поглед во завршетокот на ценовникот. Најскапиот модел, со 1.4 DITC, погон на сите тркала, автоматски менувач и речиси целосно застаклен покрив чини 25.970 евра. Повеќе од тоа не може, а и не треба.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Привлечна можност, којашто не фигурира само колку да се прикаже бомбастична цена во рекламите, е комбинацијата со основното ниво GL. Две илјади евра се „заштедуваат“ доколку од повисокото ниво GL Plus се изостават автоматската работа за клима уредот, кожата на воланот, магленките и диодните дневни светла, камерата за рикверц и средишниот дисплеј од 7 инчи, алу-бандажите и потпирачот за рака напред. Сето тоа на крајот дава акциска цена за овој модел од 13.990 евра.

Кај Suzuki Vitara, сé е кажано во името на моделот. Тоа асоцира на латинското „vita“, на виталност, на живот. Мотото „Начин на живот“ исто така произлегува од Vitara. Идејата со овој СУВ е да се понуди автомобил кој нема да претставува товар и обврска, туку со доволно голема каросерија, со доволно моќност и доволно комфор, ќе се најде соодветен за секоја пригода и секоја намена. Suzuki на тоа додава емоции и уживање, за автомобилот да не биде бездушен. Единственото кадешто Vitara отстапува од принципот „доволно од сé“, тоа е опремата и цената. Кај првото, се додава колку може повеќе, кај второто се одзема колку може повеќе. На крајот, автомобил што успева. До следното броење.

Технички податоци · Suzuki Vitara 1.0 DITC GL Plus

New photo by Automedia MK / Google Photos

Мотор K10C-DITC, трицилиндарски бензински мотор со турбонатполнење, 12 вентили, 2 брегасти вратила, директно впрскување, варијабилна работа на брегасто вратило за вшмукувачки вентили, 998 ccm, компресија 10,0:1, погон на брегасти вратила преку синџир, 82 kW (112 КС) при 5500/min, вртежен момент 170 Nm од 2000-3500/min Погон и пренос на сила Преден погон, 5-степен мануелен менувач Подвозје Напред независно водење со триаголни водилки, назад еластична задна оска, бандажи 17х6,5Ј, гуми 215/55R17 94V, напред вентилирани диск сопирачки, назад вентилирани сопирачки, управување со запчеста летва, електрично сервоуправување Димензии Д х Ш х В 4170 х 1775 х 1610 mm, меѓуоскино растојание 2500 mm, ширина на трага напред/назад 1535/1505 mm, круг на вртење 10,4 m, најмало растојание од подлога 185 mm Тежини и зафатнини Празно возило 1160 kg, дозволена највисока тежина 1730 kg, тежина на приколка со сопирачки 1200 kg, Багажник 375/1120 литри, резервоар за гориво 47 литри Перформанси 180 km/h, забрзување 0-100 km/h за 11,5 s Потрошувачка на гориво (град/пат/просек) 6,2/4,8/5,3 l/100 km Емисија на СО2 121 g/km

Сериска опрема во нивото GL Plus

New photo by Automedia MK / Google Photos

Старт-стоп систем, автоматски клима уред, радио со команди на волан и дисплеј од 7 инчи на допир, поддршка за Android Auto и Apple CarPlay, камера за рикверц, темпомат, кожа на волан, блутут, магленки, диодни предни светла, висинско местење на предни седишта, електрика и греење на ретровизори, електрика на сите прозорци, патен компјутер, заштита на прагови и на арките во крилата, поделена задна клупа, аларм, 7 воздушни перници, дополнително затемнети задни стакла, дисплеј од 4,2 инчи за патниот компјутер, алу-бандажи од 17 инчи, хромирана предна маска, потпирач за рака напред, кровни носачи во сребрена боја, грејачи во предни седишта, украсни панели со сребрен финиш во кокпит и хромирани рачки на врати.

Во моделските изведби со погон на сите тркала, во опремата влегуваат повеќе системи за асистенција: Приспособлив темпомат, самостојно запирање при опасност од судир, препознавање замор, систем за следење лента со зафат во управување, камера за знаци, контрола на мртви агли, предупредување за возило при излегување од паркинг наназад, помош при спуштање по стрмна надолнина.

Тест: Suzuki Jimny 1.5 GL

Тест: Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS GLX

Тест • Suzuki Vitara 1.6 AllGrip GL PLus


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

99
15 shares, 99 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *