146
19 shares, 146 points

Со воведувањето на благ хибриден погон во Swift Sport, новиот специјалист во ова подрачје Suzuki, ја комплетираше електрификацијата на целата своја понуда од модели. Swift Sport Hybrid комбинира бензинец со 129 КС и електромотор со 14 КС, за фабрички просек од 4,7 литри на сто километри.

Додека се очекува во салоните на Suzuki веќе во следниот месец да пристигнат новите изведби на Vitara и S-Cross со целосно хибриден погон, марката од Хамамацу јавува дека и Swift Sport отсега ќе користи електромотор во погонската спрега. Познатиот 1,4-литарски BoosterJet со 129 КС работи заедно со електромотор со моќност од 10 киловати, односно 13,6 КС. Целта е да се постигне рано повлекување при поаѓање и убедливо забрзување од ниски вртежи, благодарение на асистенцијата од електромоторот, односно реално да се намали потрошувачката на гориво и емисијата на СО2 да ги исполни сé построгите ограничувања на ЕУ.

Станува збор за благ хибриден погон, кого што Suzuki веќе неколку години го применува во Swift, во комбинација од 1,2-литарски DualJet и стартер-генератор (врска до тестот на моделот). Под хаубата на Swift Sport работи 1,4-литарскиот BoosterJet како претходно, но сега во пар со стартер-генератор, којшто во условите кога дејствува како електромотор, постигнува максимална моќност од 10 киловати (13,6 КС).

Моторот доби комплетно ново мапирање заради асистенцијата од електромоторот, но пак со нагласок на спортските перформанси

Тоа овозможи максималната моќност на турбо-бензинецот да се смали на 129 КС, но вртежниот момент порасна за пет њутнметри, така што моторот сега испорачува 235 Nm при 2.000 вртежи, односно 500 вртежи порано од претходно. Ефектот од тоа е потрошувачка на гориво смалена за 16% во споредба со „нехибридниот“ Swift Sport. Просекот изнесува 4,7 l/100 km, наспроти 5,6 литри кај претходникот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Електрификацијата на погонската спрега не смени ништо во подрачјето кадешто Swift е „најсилен“. Со тежина на празно возило од 1.020 килограми – и со четири ѕвезди на EuroNCAP – моделот со долга традиција во понудата на Suzuki уште ја задржува главната одлика на спортското возење, ниската тежина во спој со моќен мотор.

Задачата на стартер-генераторот е да „прискокне“ со своите педесетина њутнметри, еднаш со цел да ја намали потрошувачката, еднаш заради подобрување на перформансите

Улогата на електромоторот во погонската спрега е во основа да обезбеди екстра њутнметри во буквално секој работен режим. Неговото присуство се чувствува особено во најниското работно подрачје на моторот, односно од „лер“ па сé додека турбината не почне да создава притисок. Турбо-дупка, тука е апсолутна непознаница.

Во подрачјето меѓу 2.000 и 3.000 вртежи, турбо-бензинецот континуирано испорачува 235 њутнметри. Над тоа подрачје, BoosterJet повлекува како што доликува за спортски мотор и се грижи стрелката на бројачот на вртежи за миг да го достигне црвеното подрачје кога возачот ќе побара максимални перформанси.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште една мајсторија на инженерите во Хамамацу е тоа што електромоторот се грижи бензинецот да ги задржи вртежите при секое враќање во понизок степен, со што се избегнува потребата од впрскување гориво во тие моменти. Тоа е добро, затоа што се добива ефект сличен на фамозниот „меѓугас“ на старите рели мајстори, а од друга страна се заштедува гориво.

Секако дека и самиот мотор поседува одлики на спортска машина. Станува збор за конструкција со ниска инерција, со класичен интеркулер, инјектори со седум отвори за прецизно дозирање и релативно висок степен на компресија од 10,9:1. На тоа се надоврзува и варијабилна работа на вшмукувачките вентили. Кусите вшмукувачки канали и издувната гранка што е интегрирана во главата на моторот, меѓу другото се грижат и машината брзо да качува вртежи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Хибридниот систем се состои од три главни елементи. Првиот е стартер-генератор со напон од 48 волти, којшто дејствува како алтернатор, како електромотор и како стартер. Вториот дел е компактна литиум-јон батерија, исто така под напон од 48 волти, поставена под совозачкото седиште. Батеријата се полни брзо при секое забавување и сопирање. Третиот дел е трансформаторот што е поставен под возачкото седиште и го претвора напонот од 48 волти во 12 волти, заради напојување на потрошувачите во кабината.

Целиот третман кај Swift Sport се заокружува со широката трага, вешто изведената геометрија на подвозјето, добро калибрирано управување, и секако, моќни сопирачки што се отпорни на прегревање при поостро возење

Паралелно со електрификацијата на погонската спрега, Suzuki работи и на напредните системи за асистенција. Стандардно во Swift Sport се вградуваат системи што овозможуваат автопилотирано возење од 2-ра категорија. Како новитет доаѓаат систем за следење на мртвите агли, предупредување од возило што наидува попреку при возење наназад, како и камера за сообраќајни знаци.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Овие системи се надоврзуваат на веќе постоечките во Swift Sport, како самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешак и велосипедист, систем за следење лента, препознавање замор кај возачот и радарски темпомат.

Стандардната опрема вклучува нови паркинг сензори назад, спортски седишта со инитегриран потпирач за глава, камера за рикверц, диодни светла со автоматско долго светло, пристап и старт без клуч, сензор за дожд, автоматска клима, радио со дисплеј од 7 инчи, 3D-навигација, поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, собирање на ретровизорите и спортски педали.

Продажбата официјално започнува во март, се чека и увозникот Миркат наскоро да го објави ценовникот за моделот. На располагање стојат 13 комбинации од бои, од кои шест се достапни со покрив во контрастна боја. Новитет е амстердам-портокалова во комбинација со црн покрив.

Suzuki Swift Sport Hybrid · Основни технички податоци

(вредностите во заграда за претходниот модел)

  • Број на врати: 5
  • Број на седишта: 5
  • Мотор: Бензин
  • Погон: 2WD

ДИМЕНЗИИ

  • Должина 3890 mm
  • Ширина 1735 mm
  • Висина 1495 mm
  • Меѓуоскино растојание 2450 mm
  • Ширина на трага напред/назад 1510/1515 mm
  • Радиус на круг на вртење 5,1 m
  • Растојание од подлога 116 mm

Капацитет

  • Резервоар 37 l
  • Багажник 265 – 947 l

МОТОР

  • Тип K14D
  • Цилиндри/вентили 4/16
  • Зафатнина 1373 cm3
  • Пречник х Од 73 х 82 mm
  • Компресија 10,9:1 (9,9:1)
  • Моќност 129 КС при 5.500/min (140 КС, 5500/min)
  • Вртежен момент 235 Nm од 2.000 до 3.000/min (230 Nm, 2500-3500/min)
  • Напојување Директно впрскување

ЕЛЕКТРОМОТОР

  • Систем Синхронен електромотор
  • Моќност 10 kW (13,6 КС) при 3.000/min
  • Вртежен момент 53 Nm при 500/min

ПРЕНОС

  • Тип Мануелен со 6 степени

ПОДВОЗЈЕ

  • Управување Со запчеста летва
  • Сопирачки напред/назад Диск, вентилирани / Диск
  • Водење на тркала напред/назад Мекферсон / Торзиска оска
  • Гуми 195/45 R17

ТЕЖИНИ

  • Празно возило 1020 kg (970 kg)
  • Дозволена тежина 1445 kg

ПЕРФОРМАНСИ

  • Крајна брзина 210 km/h

ПОТРОШУВАЧКА (NEDC)

  • Норма Euro 6D
  • Град 5,3 l/100 km (6,8)
  • Пат 4,3 l/100 km (4,8)
  • Просек 4,7 l/100 km (5,6)
  • Емисија СО2 (WLTP) 127 g/km (135)
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

146
19 shares, 146 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *