за

Тест: Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS GLX

suzuki swift test hybrid shvs dualjet

Suzuki Swift 1.2 SHVS е на тест како најевтин автомобил со хибриден погон на нашиот пазар. Поточно станува збор за благ хибрид. Погонот се покажа тврдоглав, дали се вози побрзо или побавно, тој секогаш троши исто. И малку. Но, и Swift се покажува во посамоуверена форма од кога било досега

Овој Suzuki пристигнат на тест во Аутомедиа го даде најновиот пример за тоа дека автомобилите не се ценат секогаш според големината. Со своите 3,84 метри и 850 килограми, Suzuki Swift може многу повеќе отколку, на пример, петнаесетина години стар Range Rover, покрај неговите од Бога дадени пет метри и два и пол тони. Херојот од скопските слепи улички и булеварски тротоари, паркиран на ачик пред кафуле, ниту во најоптимистичката варијанта на опрема Vogue, не можел да го поседува тоа што денес, во тестираната моделска изведба на Swift, се подразбира како „доброутро“.

Suzuki Swift Hybrid 002_1
Лево од знакот на Suzuki се забележува радарот. Swift поседува и камера и ласер

Додека бројни автомобили пред него поседувале најмногу анти-радар, овој располага со вистински радар уште во стандардната опрема. Со камера и ласер, исто така. Со ова техно-трио, Јапончево (на вратата пишува јасно, Made in Japan) сопира самостојно кога возачот уште не ја гледа опасноста, го протресува воланот кога возачот загледан во телефонот ќе ја прегази лентата на патот, а најимпресивно од сé, автоматски подзапира на автопат и вози со иста брзина со автомобилот пред него, додека повторно се исчисти сообраќајот и се врати претходната брзина.

Ксенонот беше некогаш: Во топ-нивото на Suzuki Swift следат диодни светла како стандард

И уште ова: Со пуштено долго светло може да се вози цела ноќ, затоа што камерата ќе префрли на соборено светло веднаш штом ќе забележи возило пред себе или ќе регистрира градско осветлување. Небаре тоа е недоволно, па следи уште една ставка, како „капак“. Во нивото на опрема на GLX стандардно следуваат диодни светла – не диодно дневно светло, туку диодна техника за сите функции на осветлувањето.

Постепено станува јасно дека развојот на браншата се движи кон тоа, возењето автомобил без системи за асистенција да биде исто како обид да се пушти објава на ФБ од Nokia 3310. Секако дека не е претерување, кога системите како City Brake, ACC и слични уреди со имиња што упатуваат на каква било асистенција на возачот, ќе се наречат „серво“ на новото време или „ABS“ на денешницата. Сепак живееме во време кога низ светот циркулираат два милиона автомобили на батерии и кога остануваат само уште правните процедури, за по патиштата да почнат да возат роботски автомобили. Ти благодариме Suzuki што нé држиш во чекор со светот!

Suzuki Swift Hybrid 062_1

Без потреба од каква било проверка во останатите ценовници, Suzuki Swift е моментно најдостапниот автомобил на македонскиот пазар, кој е опремен со радар, камера и ласер, односно автомобил што располага со напредни системи за асистенција во поголем обем. Не само што располага, туку истите се и сосем употребливи во секојдневието. Нашиот тест-тим потроши цел ден, за „помошниците“ во Swift да ги провери во сите можни сценарија, особено радарскиот темпомат.

Второто ниво на автономно возење е детска игра во овој автомобил

На автопат, Swift подзапира навреме и правилно дозирано, кога ќе наиде на автомобил што вози побавно од наместената брзина. Кога ќе посака да престигне, доволно е возачот да се префрли во левата лента, и темпоматот повторно забрзува до наместената вредност, којашто може да биде во подрачјето меѓу 40 и 160 km/h. Исто така е позитивно тоа што вредноста се прикажува на дисплејот, што не е случај кај сите производители. При враќање од левата, во средната лента, обично заради пропуштање на „јак“ автомобил што расфрла завртки и навртки зад себе, радарот дури и осетно го сопира возилото. Ова е веќе зрела техника, штом може да функционира беспрекорно и во автомобил во класата на Polo, Fiesta & Co.

Suzuki Swift Hybrid 073_1

„ACC“ се покажува од корист и при возење по спореден пат, на пример по стариот пат до Петровец, каде што често се наидува на автобус кој штотуку поаѓа од постојка или на возила што се исклучуваат по патчињата отстрана. Темпоматот забавува, а се активираат и сопирачките, ако не се погоди намерата на возачот напред. Вештачката интелигенција во овој степен сепак не може целосно да го замени возачот. Тоа е специјалност на ACC Stop & Go, кој моментно е доста скап, но напредокот во ова подрачје се одвива брзо и Stop & Go веројатно ќе пристигне веќе со првиот фејслифт на моделот.

А, причината поради којашто Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS го имаме на тест е сосем различна. Тој, имено, е најевтиниот автомобил со хибриден погон на македонскиот пазар. Поточно, станува збор за варијанта со таканаречен благ хибриден погон. Неговата главна предност веќе ја спомнавме – Swift е најевтиниот хибрид во Македонија.

Oбичниот хибрид денес е истото што некогаш беше дизелот, а благиот хибрид е како 16-вентилска техника

Една историска паралела ќе биде мошне корисна, за најдобро да се разбере „кој е кој“ меѓу погоните денес. Обичниот хибриден погон, каков што користи Toyota, најдобро може да се опише како атмосферски дизел во однос на бензинецот во доцните 1980-те години, од гледиште на штедливоста и динамичноста. Денешниот плагин-хибрид би бил турбодизелот, како најпосакуван погон во тие времиња, додека чистиот електричен или „батериски“ погон, би бил тогашниот погон на иднината, односно хибридот. Благиот хибрид, пак, може најверно да се разбере како 16-вентилска техника, којашто донесе поголема брзина, а во исто време и смалена потрошувачка.

Suzuki Swift Hybrid 046_1

Техниката што Suzuki ја нарекува SHVS (и веднаш асоцира на пра-видеоформатот S-VHS) работи мошне едноставно. Разликата е во тоа што на местото на обичниот стартер се наоѓа стартер-генератор. Тој е поврзан со моторот преку ремен и го стартува моторот многу потивко и покултивирано отколку обичниот стартер. Неговата главна задача сепак е да го поткрепи моторот при посилно забрзување и нагло поаѓање, односно во ситуациите кога моторот мора да се „напрегне“ повеќе. Моќноста на стартер-генераторот изнесува 2,3 киловати, а вртежниот момент што тој го испорачува изнесува 50 њутнметри.

Енергијата за задвижување на стартер-генераторот доаѓа од малечката литиум-јон батерија, којашто е сместена под возачкото седиште. Таа се полни при секое сопирање и забавување на возилото, односно таа ја акумулира енергијата што при сопирањето би се изгубила напразно, како топлина. Бидејќи сите овие компоненти се релативно едноставни и компактни, се постигнува разликата во цената да биде незначителна во споредба со обичен мотор.

Во почеток без големи очекувања за ефикасноста на SHVS во реално возење, а на крајот погон што не можеш да го натераш да троши повеќе

Поучени од скорешните ветувања на производителите, нашата редакција очекуваше SHVS да биде само уште една „козметичка“ финта, којашто на Suzuki му носи почист издув пред Комисијата на ЕУ и ефективна е само на пробни валци – што е масовна практика во браншата во последниве години. Но, испадна погрешно. Исто како и обидот да се вози бавно, а тоа е здодевно, премногу здодевно да се практикува во Swift.

Целата поента на благиот хибрид на Suzuki е во тоа што му дозволува на возачот да вози со вообичаеното темпо, какво што го има стекнато низ своите долги години возачко искуство. И какво што му се допаѓа. SHVS е мошне „тврдоглав“ погон во поглед на потрошувачката на гориво. Дали се вози побрзо, дали намерно ќе се вози уште побрзо, за нешто да се смени на патниот компјутер – таму упорно стои вредноста 5,5 литри на сто километри.

Suzuki Swift Hybrid 059_1

Автопатот обично е непријател на хибридниот погон, барем на обичниот, затоа што целата работа таму се префрлува на моторот, кој сето време мора да ги влече екстра-килограмите на батеријата, на погонската електроника, на екстра-електромоторите, на менувачот CVT, на сето тоа што го сочинува обичниот хибриден погон. Suzuki и таму остана упорно на своите 5,5 литри – со тенденција удолу. Сé што Swift SHVS има дополнително за „влечење“ е малечката батерија. Целата дополнителна тежина на благиот хибрид изнесува 6,2 килограми. Тајната на благиот хибрид е во тоа што се полни и асистира многу побрзо и почесто. Повеќе философија не треба.

И Mercedes ја почитува техниката на благ хибрид: Новиот C 200 е пример за тоа

Покрај ваквиот енергетски биланс, односно уште поважно, покрај разликата од само неколку стотини евра во споредба со класичната верзија на Swift, јасно е зошто браншата толку ентузијастички ја прифаќа оваа погонска варијанта. Во нејзина корист говори и фактот што Mercedes масовно ја префрлува својата моделска гама на „mild-hybrid“, дополнително вклучувајќи 48-волтна мрежа и компресор со електричен погон.

Кога последен пат возевме Suzuki Swift, тој уште беше во претходната генерација и беше Swift Sport, некогашен Swift GTi. Актуелниов модел не пропушти да потсети на своето потекло. Носот се мести во свијок небаре е во безтежинска состојба, намамувајќи го возачот да притисне врз гасот. Може да се верува во чувството во воланот, а евентуално преголемиот оптимизам и послушното отпуштање на педалот за гас, нема да предизвика подло лизгање на опашот, барем такво што не би можело да се контролира. Ова е добриот, стар Swift, со електрифицирана погонска спрега што никому не пречи.

Suzuki Swift Hybrid 069_1

Пријатно е кога познатиот K12 со своите 1.242 сантиметри кубни во четири цилиндри и со пристојни 90 КС ќе се заврти во последната третина од работното подрачје. Шест илјади вртежи се бројка на којашто овој мотор повеќе се радува, отколку што се „растажува“. Во комбинацијата од речиси квадратен сооднос меѓу пречникот и одот на клиповите, и компесијата од 12,5:1, се препознава намерата на инженерите на Suzuki. На времето, во „GTi“, работеше моторот од Hayabusa, уште пред светот да слушне за Hayabusa.

Swift е многу повеќе од автомобил за когошто треба само да се праша цената во салон

Неколку тркачки парчиња оставија добри сеќавања за годините кога мотоспортот ја имаше својата кулминација на македонските авто-рингови и ридови. Убав е овој спој на спортски гени и интелигентна техника за зголемување на ефикасноста. Тоа е само потврда дека во Swift има многу повеќе историја, отколку што може да му се „одмери“ според каросериската мерка.

Suzuki Swift fabricki 13

Сето тоа не ќе беше толку убедливо, доколку Swift тежеше повеќе. Новата платформа Heartect е за 30 килограми полесна од претходната, а со помасовна примена на челик со висока цврстина се смали и тежината на каросеријата, што резултира со крајно намалување на тежината на возилото за повеќе од 100 килограми. Реткост и инженерска мајсторија е денес да се понуди автомобил во класата на Polo, што тежи само 850 килограми. Во комбинација со 90 КС, се постигнуваат перформанси што субјективно влеваат чувство на многу помоќен мотор.

На сета оваа техничка основа, којашто држи чекор со времето поуспешно од повеќето модели во класата, се надоврзува кокпит со класична нота. Основните линии на арматурната табла, формата на средишната конзола, графиката на инструментите, отворите за воздух – сето тоа е веќе видено, сé е познато. Материјалите, исто така се едноставни, не постои површина што е обложена помеко, да ги „залаже“ прстите. Но, кај Suzuki секогаш постои некое „но“.

Класичен изглед на кокпитот, а сета актуелна технологија послужена

Во ваквиот пристап во кокпитот, всушност се покажува темелот на јапонската марка, односно еден од неколкуте темели. И претходно можело да се почувствува во моделите на Suzuki, дека оваа марка едноставно не практикува да мами, да залажува, да посредува чувство на автомобил од повисока класа, и соодветно на тоа, да наплатува екстра – за погрешниот впечаток.

Suzuki Swift fabricki 30

Инфо-забавниот систем со дисплеј на допир од 7 инчи ја нуди сета функционалност и сите можности за поврзување што треба да се очекуваат во оваа класа. Вистина е дека на големиот дисплеј не се прикажуваат возните вредности за хибридниот погон, затоа што истите се сервираат сосем коректно на средишниот дисплеј во таблата со инструменти. Отпрвин се чини и дека дисплејот за температурата на клима-уредот е премногу ситен и сместен непрегледно во средниот прекинувач, кој воопшто и не е прекинувач. Но, се покажува дека истата големина на дисплеј, и истата позиција, воопшто не отстапува од стандардот.

Ова симпатично парче автомобил, на крајот успева и класичниот кокпит да го претвори во предност. Пластиката не е чувствителна на грди гребаници што остануваат, кожата на воланот е квалитетна и грижливо е поставена, па и во горниот раб на таблата со инструменти се наѕира некаква светлечка линија, којашто треба да претставува уверување, дека автомобилов го создале луѓе кои знаат што прават. А, на Suzuki треба да му се верува кога станува збор за автомобили од мини и градската класа.

Во поглед на комфорот и просторноста, Suzuki Swift ги почитува стандардите во класата

Во поглед на комфорот и комоцијата, напред важат вообичаените стандарди во класата, а пријатно се седи и на задната клупа. Багажникот сега има зафатнина од 265 литри, што е за значајни 54 литри повеќе од претходникот. Тоа што долниот раб на отворот на багажникот е за неколку сантиметри повисоко од товарните шампиони во класата не мора да претставува недостаток, освен ако некој не планира секој ден да товари тешки куфери во Swift.

Задоволува и акустичниот комфор и не се чувствувуваат непријатни вибрации или евентуално „ѕвонење“ предизвикано од нив. Единствено се слуша струење на ветрот од подрачјето на предните столбови при бризни над 120 километри на час, но и тоа е премногу тивко за да би пречело. Подвозјето работи стегнато, не и тврдо, тропањето од подвозјето се слуша само на груби нерамнини, но каросеријата не се вознемирува премногу од тоа.

Suzuki Swift ја презема титулата на најевтин, а воедно и најисплатлив хибрид на македонскиот пазар

И уште цените. Suzuki Swift 1.2 SHVS е единствен благ хибрид во класата на Polo на нашиот пазар и редовната цена му изнесува 14.500 евра. Моделот се испорачува исклучиво со третото, највисокото ниво на опрема GLX. Постои уште една варијанта со благ хибриден погон, во комбинација со турбо-бензинецот 1.0 BoosterJet, којшто постигнува 112 КС. Неговите дополнителни 22 КС и близу 200 km/h чинат уште 1.000 евра. Во класата постои уште еден модел со електрифицирана погонска спрега – Toyota Yaris, со обичен хибриден погон и со цена од 17.290 евра.

Suzuki Swift fabricki 5

Во разликата од 2.800 евра е вклучена и супериорната опременост – на Suzuki. При реална разлика во потрошувачката од еден литар бензин на сто километри, разликата од близу три илјади евра би се исплатила по околу 230.000 километри. Наздравје, Toyota! По дваесетте години пропагирање на хибридниот погон, одненадеж се појави Suzuki и со мајсторски потег го матираше шампионот, со неговата тактика!

Swift импресионира доволно и со своите 850-те килограми и со традиционалната спортска динамика – којашто сега е нагласена дополнително, токму преку радикалното намалување на тежината. Дури се стекнува впечаток дека „стандардниот“ Swift сега ја поседува агилноста и лесната управливост на Swift Sport.

Во последниов случај, Suzuki со 1,2-литарски четирицилиндарец со 90 КС, без SHVS, стартува од 11.290 евра, односно промотивно од 10.390 евра.

►Вака е позициониран Suzuki Swift 1.2 DualJet GL во споредба со главните конкуренти на македонскиот пазар:

(цените се за основното ниво на опрема, односно со првото достапно ниво со моторот со најблиска моќност до 1,2 DualJet)

○Opel Corsa 1.4 Selection (90 КС); 10.852 евра
○Skoda Fabia 1.0 TSI Active (90 КС); 10.940 евра
○Kia Rio 1.25 MPi iSG 84 KS Experience+ (84 КС); 12.290 евра (промо 10.990 евра)
○Peugeot 208 1.2 Active (82 КС); 13.214 евра
○Ford Fiesta 1.1 Trend (85 КС); 13.700 евра
○Renault Clio TCe 90 Limited (90 КС); 14.950 евра
○Seat Ibiza 1.0 TSI Style (95 КС); 15.085 евра
○Nissan Micra 0,9 IG-T Visia (90 КС); 15.200 евра
○VW Polo 1.0 TSI Comfortline (95 КС); 15.434 евра

Останати модели во конкуренција: Citroen C3, Hyundai i20, Dacia Sandero, Fiat Punto (повеќе не се произведува), Honda Jazz 1.3i, Mazda 2 (стари ценовници)

►Заклучок

Suzuki Swift Hybrid 034_1

Suzuki Swift 1.2 SHVS е најпријатното изненадување на тест. Овој автомобил всушност ги застапува сите начела за коишто се залага нашата редакција. Доволно функционален, просторен и комфорен за повеќе од 90% од задачите што ќе ги добие во секојдневието, Swift е воедно и технолошки актуелен, ако не и авангарден, а по цена на конкурентите нуди системи за асистенција што се корисни во секојдневието. Со нив се добива и многу повисоко ниво на безбедност. Suzuki повторно се докажува како чесна и искрена марка: Swift не мами со дизајнерски штосови – иако се издвојува и со стилот – и не сака од купувачот да извлече повеќе пари отколку што вреди. Суштина место „вештина“. За хибридниот погон: Апсолутна препорака, подобро погонско решение во класата, во моментов не постои.

►Технички податоци · Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS

Suzuki Swift fabricki 4

Мотор K12C, бензин, 4 цилиндри, 16 вентили, 1242 ccm, пречник х од 73,0 x 74,2 mm, компресија 12,5:1, моќност 66 kW (90 КС) при 6000/min, вртежен момент 120 Nm при 4400/min, индиректно впрскување со два инјектори, мануелен менувач со 5 степени Подвозје Управување со запчеста летва со прогресивен чекор, напред и назад диск сопирачки, напред мекферсон, назад торзиска оска со спирални пружини, гуми 185/55R16 Димензии 384 х 173,5 х 149,5 cm, меѓуоскино растојание 245 cm, ширина на трага напред/назад 152/152,5 cm, круг на вртење 9,6 m, багажник 265 / 947 литри Тежини Празно возило 850-900 kg, дозволена тежина 1365 kg Перформанси Крајна брзина 180 km/h, забрзување 0-100 km/h за 11,9 s Потрошувачка на гориво (град / пат / просек) 4,5 / 3,7 / 4,0 L/100 km, Емисија на СО2 90 g/km (Euro 6)

Редовна цена на моделот 14.500 евра

Сериска опрема во ниво GLX

Suzuki Swift fabricki 32

Алу-бандажи 16 инчи – полирани, магленки, дополнително затемнети задни стакла, пристап и стартување без клуч, сензор за светло и автоматско долго светло, диодни дневни светла, мултуфункциски кожен волан, клима уред, филтер за полен, радио со 6 звучници и дисплеј од 7 инчи на допир, USB, блутут, патен компјутер со дисплеј од 4,2 инчи во боја, електрика на предни и задни прозорци, електрика и греење на ретровизори, поделена задна клупа, аларм, Изофикс х2, сет за поправка на пневматици, грејачи во предни седишта и канали за греење до задна клупа, старт-стоп, помош при поаѓање на нагорнина, радарски темпомат, самостојно сопирање при опасност, систем за следење лента, предупредување при замор, диодни дневни светла, електрично собирање на ретровизори.

[FAG id=35809]

Suzuki Jimny како предводник на класичната теренска петорка

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

делови од автомобил, делови од мотор

Можете да ги препознаете овие делови? (Трет дел)

Porsche 911 Turbo Classic Series naddavanje

Златното Porsche му вреди 2,7 милиони евра на новиот газда