148
20 shares, 148 points

Спојот на штедливост и издржлива техника подеднакво ги привлекува и компаниите со големи возни паркови. Рентакар-компанијата Ентерпрајз вклучи 25 примероци од Suzuki Swift со благ хибриден погон во својата понуда за корисниците. Тоа не е првпат Suzuki да вози во специфичните услови на користење што ги става возилата пред голем предизвик.

Возачите што знаат да направат мудар избор на автомобил, понекогаш е доволно да погледнат кои се моделите што го сочинуваат возниот парк на фирмите за изнајмување автомобили, на рентакар-компаниите. Потребни се вештина и големо искуство, кога менаџерите ги избираат автомобилите коишто ќе бидат основното работно орудие на компанијата. Сепак не е корисно, ако за работа се избере автомобил што ќе се расипува на секои два дена, што не е економичен или брзо покажува знаци на експлоатација. Мајсторијата се состои во тоа, автомобилите да задржат релативно висока пазарна вредност, откако ќе минат неколкуте години, колку што возилата треба да останат во рентакар-служба, пред да се појават на пазарот на користени возила.

Така станува многу појасно, зошто производителите на автомобили не пропуштаат да објават, кога некоја организација или медиум ќе ги пофали нивните модели, или ќе ја награди целата марка, во изборите за најдобри службени автомобили или за најдобри модели за големи возни паркови.

Suzuki уште рано почна да вградува благ хибриден погон во своите модели, во текот на годинава тоа ќе станува речиси стандард во сите нови моделски генерации

Не изненадува тоа што познатата рентакар-компанија Ентерпрајз го обнови возниот парк со 25 примероци од Suzuki Swift, во верзијата со благ хибриден погон SHVS, со 1,2-литарски мотор од генерацијата DualJet, со моќност од 90 КС и стартер-генератор, во комбинација со мала батерија што испорачува енергија при поаѓање или забрзување.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Десет возила се во средното нивото на опрема GL Plus, во коешто вообичаено за јапонската марка се нуди можне богата опременост, вклучувајќи грејачи во предните седишта, поврзување со паметен телефон, камера за рикверц, магленки и алу-бандажи од 16 инчи. Останатите петнаесет возила се во основното ниво GL, со вообичаената комфорна електрика, клима уред со филтер за полен, грејачи во ретровизорите, кожа на воланот, шест воздушни перници и помош при поаѓање на нагорнина.

Тоа што посебно го одликува Suzuki Swift со благ хибриден погон сепак е лесното возење и впечатокот за моќ што го остава погонската единица. Заслугата за тоа е во стартер-генераторот, кој ја има таа функција што при секое забавување и запирање произведува струја што се акумулира во малата батерија под совозачкото седиште. Оваа енергија се користи при поаѓање, при забрзување или едноставно за одржување на брзината, кога стартер-генераторот функционира како електромотор и работи заедно со бензинскиот мотор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Растоварувајќи го бензинецот при поаѓање и забрзување, електромоторот помага потрошувачката во град реално да се смали за дваесетина проценти. Сето тоа трае релативно покусо и со одредени ограничувања во споредба со полниот хибриден погон на партнерската Toyota, но сосем е доволно, за возењето да го направи позабавно и порелаксирано – поштедливо, секако. На крај, возачката или возачот што имале искуство со овој автомобил, веројатно ќе го побараат повторно истиот модел, кога следниот пат ќе ја користат рентакар-услугата. Во исто време, и имиџот на Suzuki дополнително добива на вредност.

Во возниот парк на Ентерпрајз веќе неколку години се вклучени и останатите модели на Suzuki, меѓу кои и Baleno и Ignis. Нивното одржување се одвива редовно во сервисната работилница на увозникот Миркат

Во меѓувреме уште една компанија за рентакар го освежи возниот парк со автомобили Suzuki. Компанијата Тото за своите корисници има понуда од три возила Suzuki Swift GL Plus со менувач CVT, кој ги нуди сите предности на автоматската трансмисија, две возила Swift со мануелен менувач и еден примерок од компактниот СУВ-модел Vitara со 1,4-литарски бензинец и со богатото ниво на опрема GL Plus.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Suzuki излезе една од марките победници во времињата кога автомобилскиот свет им дава многу поголемо значење на штедливоста, разумноста, и секако, грижата кон животната средина. Еден податок што ќе изненади многумина. Suzuki на најголемиот пазар во Европа, на германскиот, воедно и најпребирлив пазар, лани продал 40.617 возила, од кои една четвртина се Vitara. Тоа е повеќе отколку што продале Honda или Nissan.

Но, вистинската сензација пристига од домашниот пазар. Suzuki, односно увозникот Миркат, лани на македонскиот пазар продал 298 возила. Во услови кога вкупната продажба лани достигнала 6.341 нови автомобили, тоа дава пазарно учество на Suzuki од 4,7 проценти. За вистинска претстава, од секои сто продадени возила, пет биле Suzuki.

Јубилеј на Suzuki: Сто години на марката што не знае за лоши вести

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

148
20 shares, 148 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *